Зошто македонскиот енергетски систем „трокира“?
22 ноември 2022Македонскиот енергетски систем веќе подолг период работи по принципот падни-стани. Затворени термоцентрали, полупразни акумулации, неремонтирани клучни капацитети - ова е сликата во изминатиот период, во кој капак на сѐ е состојбата со РЕК Битола, која со доста прекини и проблеми работи со половични капацитети. Во вакви услови веќе извесен период доминира состојбата - повеќе увоз, помалку производство.
Помалку се произведува, повеќе се купува
Како тоа изгледа, покажуват бројките, односно сумите. За дваесетина дена, увезена е струја во износ од околу 18 милиони евра. Сето ова се случува во период кога цената на струјата бележи намалување на меѓународните пазари. Она што сепак загрижува е што домашното производство е драстично намалено. Експертите се загрижени и критикуваат дека ваквите состојби се лош сигнал во пресрет на зимската сезона:
„Македонија, според мое мислење, е далеку од подготвена за претстојната зима. Од една страна, гледаме зголемувања за домаќинствата кои се еден вид 'субвенционирани' бидејќи не содејствуваат со реалните поскапувања, меѓутоа на крај сите овие пари ќе бидат издвоени од буџетот. Од друга страна, тука се компаниите и општините кои имаат неверојатно поскапување и енормно високи сметки што може да доведе и до затворање на одредени компании. Добро е што за прехранбените дејности има фиксна цена за набавка на струјата преку ЕСМ, но дилемата е дали е тоа и доволно? Сите знаеме дека производството е намалено, така што можеше уште поодамна да се набават барем мал дел на количини на електрична енергија за претстојниот период. Цената на унгарската берза е 350 евра, а неколку месеци овие цени беа за стотина евра пониски“, изјави за Дојче веле, Сања Божиновска, експерт за енергетски прашања.
Запоставени капацитети
Од клучните, или т.н. базни енергетски капацитети, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино не работат, односно целосно се исклучени. За првиот, најавите се дека ќе биде вратен во употреба на почетокот на наредниот месец. ТЕЦ Неготино пак, кој работи на мазут, засега не се вклучува во погон, бидејќи има дефект во делот на трансформаторот.
Надлежните тврдат дека причина за застојот е и цената на мазутот која периодов е висока и би го направила производството неисплатливо. Од пред два дена повторно во функција се два од трите блока во РЕК Битола и толку. Експертската јавност предупредува дека ова е последица на подолг период на запоставеност на клучните енергетски капацитети. Цехот е скап и ако не се реагира соодветно би бил уште поскап:
„Енергетиката се планира долгорочно, но за жал кај нас нема никакви инвестиции веќе подолг временски период. За поздравување е изградбата на соларни фотоволтаици, меѓутоа сето ова е малку. Она што ѝ е потребно на Македонија е базична енергија. Добро е долгорочно да има извори од обновлива енергија, но мора да се има предвид дека тоа не е постојана енергија. Затоа нема збор дека мора да имаме базна енергија. Веќе две недели на вакви температури и непочната зима потрошени се многу пари за набавка на електрична енергија, а зимата сѐ уште не почнала. Би било добро да знаеме како и на кој начин се одвива целокупната процедура на набавката на оваа енергија“, укажува Божиновска.
„Енергетска транзиција“
Власта пак уверува дека стратегијата која се спроведува дава резултати. Фокусот е на т.н. енергетска транзиција преку инвестиции во фотонапонски централи. Досегашните инвестиции во капацитети со вкупна производствена моќ од 27 мегавати, според Владата, ја позиционира државата како регионален лидер на овој план. Обновливите извори на енергија се иднината на регионот, а инвестициите возелена транзицијасе клучни, е девизата која деновиве се слуша постојано од премиерот:
„Обновливите извори на енергија се нашата иднина. Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска независност. Лидери сме во регионот во енергетска трансформација со огромен потенцијал да станеме зелен енергетски центар на Европа“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
„Лидери“ што увезуваат струја
Зборовите на премиерот, посебно во делот на лидерството, според упатените звучат убаво, но сепак реалноста велат е многу поинаква. За да има ефекти и промени, приказните за големи проекти и визии, треба да почнат забрзано и да се реализираат:
„За стратешки инвестиции слушаме веќе подолг временски период, но еве немаме никакви конкретни податоци до каде се овие стратешки проекти. Истото важи и во делот на обновливите извори на енергија. Лично сметам дека сме далеку од некакви лидери во регионална смисла. Посебно ако се има предвид фактот дека увезуваме струја во период кога имаме 16 степени температура. И тоа во период кога бевме сведоци на пуштање во употреба на ТЕЦ Неготино после 12 години пауза, увоз на јаглен во договори во четири очи и набавка на мазут. Тогаш ,како можеме да зборуваме за лидери?“, предупредува Божиновска.
План и поддршка
Она што во моментов е потребно, според неа, е сериозен план, но и поголема поддршка за граѓаните и стопанството:
„Македонија ќе мора да направи првенствено план за следниот период, вклучително и за зимскиот. Да се види до каде се ремонтите, хидропотенцијалот, количините на јаглен, мазут и на крај од страна на државата потребните средства за субвенционирање на сметките. ЕСМ има фирма за снабдување која може да понуди електрична енергија за приватниот сектор“, укажува Божиновска.
Ремонти
Надлежните очекуваат стабилизација на домашното производство со комплетирање на ремонтните и сервисни процеси во РЕК Битола. Денеска, според најавите, во комбинатот треба да пристигне трансформаторот кој беше на ремонт во Турција. Поради големиот габарит и тежина од 300 тони, тој веќе една недела патува со посебен транспорт. Сепак, и доколку пристигне денеска, тој нема да може веднаш да биде вклучен во погон. Неговата монтажа и подготовка според најавите ќе потрае уште десетина денови.
Со ова би се создале услови за РЕК Битола целосно да биде пуштен во погон. Од двата блока, како последно според податоците, дневно се произведени 5,6 гигавати, или вкупно 7,6 гигавати со хидрокапацитетите и ветерниот парк во Богданци.
Инвестиции
Добра вест според надлежните е што расте бројот на производствени капацитети кои инвестираат во сопствени фотонапонски централи, кои долгорочно ќе донесат заштеди и поголема ефикасност. Има и најави за нови инвестиции во енергетски капацитети.
Од Владата велат дека во фаза на финализирање биле неколку договори со реномирани компании од Франција, Германија и Грција за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават. Планирани се проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи. Дополнително и на комбинирана гасна електрана. Сепак, засега нема поконкретни детали за динамиката и реализацијата на овие амбициозни проекти.